Зодиаци, хороскопи…

И покрај шегите направени во врска со верувањето во знаците на зодијакот, ваквото верување сепак постои. Малку е чудно, но луѓето кои одбиваат да ја прифатат идејата за едниот Бог Создател, повеќе сакаат да се препуштат на некакви си замислени овни, кои трчаат меѓу ѕвездите. Жената домаќинка ги игнорира Христовите зборови: „Љуби го својот ближен“, но ја слуша жената од ТВ приемникот, којашто вели „ќе имате тежок ден денес, избегнувајте конфликти со вашите роднини“.

 

Фактот што човекот е насочен кон мистичната страна на неговото постоење, зборува за подвоеноста на човечката природа. Од една страна, непосредниот свет, видливиот, а од другата – оној мистичен свет, непознат и несигурен, но таинствено присутен во сите нас. Човекот е склон да верува, ако не во Бог, тогаш во било што друго. На пример, студентите од Iasi, за време на испитната сесијата, не поминуваат покрај ѕидот на поранешната издавачка куќа “Junimea”, бидејќи нешто би можело да тргне наопаку со испитите. Други, пак, од истата причина, одбегнуваат да згазнат на капаците од шахтите.

Внатрешниот свет на овие луѓе е калеидоскопски, растроен свет, кој ги остава своите траги врз начинот на размислување и перцепција. Од тука произлегува фрагментирањето на модерниот свет, и особено, на пост-модерниот, светот на клипови и колажи.

Човекот бара некакви ориентирни точки во универзумот, тој не може да постои самостојно. Доживеаното чувство на страв, осаменост, нè турка во најчудни верувања. Точно е, постојат ѕвезди и соѕвездија, секоја со свое име и траекторија, но како можеме да веруваме дека некое ирационално тело би можело некако да влијае на едно така комплексно битие, како што е човекот? Всушност, човекот во својата комплексност, може да верува дека дури и месечината, која не е ништо друго, освен голем камен, може да ја одредува неговата судбина! Ова верување ме потсетува на митот за Creanga, кој плачел, плашејќи се од грутката сол на врвот од ринглата.

Светите Отци велат дека навиките се нашата втора природа. Токму затоа, човек кој долго време го следи хороскопот, почнува, во најмала рака, да се претвора во сенка на својот зодијачки знак. Овие луѓе не сфаќаат дека стануваат премногу ранливи, затоа што е доволно само да го дознаете неговиот знак, и со него можете да правите што сакате, да го манипулирате како некое зомби, ова особено се однесува на жените.

Ние сме повикани да го подражаваме Христос, или, пак, да ги имитираме хороскопските овни, бикови или ракови. Подражавајќи, ние стануваме токму она што го подражаваме, тврдат православните подвижници. Но, се разбира, секој може слободно да одлучи што сака да стане.