ДУХОВДЕН

Благословен си, Христе Боже наш, Кој рибарите ги направи премудри ловци, кога им го испрати Светиот Дух, и преку нив ја улови вселената. Човекољупче, слава Ти.

Тропар на Педесетница

Големи се и повисоки од секое човечко слово, даровите што денес ни сe испратени од човекољубивиот Бог. Затоа да се радуваме и со восхит да Го прославуваме нашиот Владика. Несомнено, денешниот ден за нас е празник и торжество. Како што во редоследот на деновите и годишните времиња, по една промена следува друга, така и во Црквата, по еден празник следува друг и секој празник нѐ упатува кон следниот. Неодамна го празнувавме крстот, страдањата, Воскресението, а потоа и Вознесението на небото на нашиот Господ Исус Христос; а денес, конечно, стигнавме до самиот врв на богатствата, навлеговме во самата престолнина на празниците, дојдовме до самиот плод на Господовото ветување. Ако си заминам, вели Тој, ќе ви пратам друг Утешител, нема да ве оставам сираци. И навистина, денес, на денот Педесетница, ни е дадена неискажлива благодат: повторно на луѓето им се открива Духот, Кој порано се имаше оддалечено од нашата природа, зашто човекот беше постанал плот. Сега преку бурно дихание, Духот Божји слегува над апостолите во вид на огнени јазици, исполнувајќи ги со божествена сила.

 

Прославувајќи го со восхит споменот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, многубројните верници, заедно со монасите од нашата свештена обител, се возрадуваа и развеселија во овој ден, кој ни го создал Господ во Христа Исуса. Торжеството започна од саботната вечерна богослужба, кога Светиот Дух говореше преку преубавите химни, што ги напишал преку рацете на светите отци на Црквата. Во миговите на прекрасното благоговејно расположение на богомолците, Старецот умилително ги испеа овие, соодветни за сегашната благост, стихови: Дојдете луѓе да се поклониме на Триипостасното Божество: на Синот во Отецот, со Светиот Дух; зашто Отецот безвремено Го роди едносуштниот и сопрестолен Син; и Светиот Дух беше во Отецот, прославуван со Синот: една сила, едно суштество, едно Божество. Чудесните светоотечки содржини продолжија и на утрената богослужба и Литургијата, кога за време на читањето на Делата апостолски: И им се јавија јазици како од пламен… И се исполнија со Дух Свети… (Дела 2, 3-4), во храмот се фрлаа ореови лисја, симболизирајќи ги пламените јазици што застанaле над апостолите и Богородица. Денешното соборно молитвословие заврши со вечерната богослужба, која уште повеќе ја зголеми благодатта од Светата Литургија. Изразувајќи ја својата побожност, многубројниот верен народ коленопреклоно се помоли, како што ни пропишале учителите на Црквата, и осенет од Себлагиот Дух Утешител, Му воздаде благодарност за Неговите најскапоцени дарови: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добрoтата, милосрдноста, верата, кроткоста и воздржливоста.

 

Цару небесен, Утешителу, Духу на вистината…, дојди и всели се во нас, и очисти нѐ од секаква нечистотија и спаси нѐ. Да, дојди најсладок Духу и дај ни ги Твоите бесценети дарови, кои не можат да се споредат со никакви богатства од овој суетен свет. На Тебе слава, чест и величие, заедно со Отецот и Синот, сега, секогаш и во веки веков! Амин!