Во чест на св. Нектариј Битолски

Меѓу монасите на Кареја се покажа како нектар, оче Нектарие, моли се да вкусат од божествениот нектар и оние што со љубов и вера тебе те чествуваат, светителу.

Величание на светиот

Слаткиот нектар на послушанието и смиреноумието, преподобниот Нектариј Битолски со својот свет монашки живот и многубројните подвизи Христа ради се удостои да стане мирисен плод во благословената Богородична градина. Сега, пак, прославен на небесата, непрестајно е славен и во Раичкиот манастир на Победоносецот , каде умилно ги услишува нашите молитви и силно се застапува за сиот наш народ. Затоа сестрите заедно со својот старец, архимандрит Партениј, на свечената богослужба со голема љубов и почит ги излеваа од своите срца похвалните стихови во негова чест, благодарејќи скрушено и со трепетна радост за чудесната благодат со која ги посети оваа празнична ноќ, за непрестајните молитви пред престолот Божји, за сите негови дарови и сиот труд вложен од љубов за својот славен род.

Несфатлива е и неизмерна таа љубов наднебесна и сладост што го обзема срцето кога на чудесен начин го примаш Христа преку Неговите свети Дарови. Тогаш сите сме едно и сите ни се блиски, дишеме со ист дух. Тогаш сите свети се тука, ги имаме за свои. И светиот Нектариј Битолски, па и истоимениот негов небесен сограѓанин Св. Нектариј Егински, кој исто така благоволи да живее кај нас, удостојувајќи нè со своите свети мошти, што пристигнаа во Бигорски пред неколку дена. Како да не благодариме од сè срце за оваа преголема милост Божја – да ги имаме во нашиот свет манастир моштите на големиот Егински чудотоворец, кој заради бројните свои чудеса е наречен втор св. Никола. Неговиот гроб, како Божјо светилиште, и ден днес е извор на исцеленија и чуда. Иако долги години нетлен, овој славен Божји угодник, поведен од својата неискажлива љубов за нас луѓето, посака од Бога да му го распадне телото, за да останат само коските, за тие да се разделуваат со благослов и да им носат исцеленија на тешко болните. А еве сега и нас Бог нè благослови со делче од тие мошти. Нека светиот Нектариј Егински секогаш ни помага во духовната борба со своите молитви, исцелувајќи ни ги раните и болките што во срцето ни ги нанесуваат погубните страсти.