Манастирска слава

Ти, кој се роди од неплодна жена пред девственото раѓање, и сега, со отсекување на твојата глава, си Претеча на доброволното распнување на Оној Кој ја создаде вселената, и на оние во адот им викаш: момчиња, благословете Го, свештеници, воспејте Го, луѓе, превознесете Го во сите векови.

Стих од канонот

Силно одекна повикот на Претечата низ торжествениот звук на Бигорските камбани и тој повик ги собра верните на молитвено славје во неговиот храм. Каква радост за оној кој беше гласот што вика во пустината, проповедајќи покајно крштение за простување на гревовите! Сега неговото светилиште стана глас, огненосен молитвен столб издигнат кон небесата, во кој беа сплотени молитвите на целиот празничен собор. А молитвата на сите беше иста: великиот и славен Пророк да се застапи за нас, да не сочува во покајание и служење на Бога и ближниот, да ни дава сили за победа над демонските војски, да ни ја чува земјата и светињите, да ни ги просветлува младите, да ги приведе во вистина заблудените и најпосле, да ни ја заштитува нашата света обител, да ја расне во љубов и послушание, да ја напојува со духовни сили за уште поревносно да ги буди заспаните во грев, подготвувајќи ги за спасоносно раѓање за нов живот во Христа. Таа пламена молитва правеше храмот просто да зрачи, и како да не бевме веќе на земјата, како небото да слезе долу, како ангелските војски да направија заеднички хор со распеаните псалти па, нивните умилни гласови и чудесните похвални стихови се слеаја во општо славословие кон Крстителот. И кој можеше да остане рамнодушен на тоа небесно торжество! На таа силна пројава на благодатта на Претечата.

Небесната посета и силното негово присуство беше моќен вовед во светиот чин што следеше, моментот кога најнапред нашиот брат ероѓакон Еразмо, а потоа и о. Ефросиниј, укрепени од молитвите на својот старец, архимандрит Партениј, со благослов на Крстителот го примија на себе јаремот на служење пред светиот Престол. Приклонувајќи ја смирено својата глава пред митрополитот, о. Ефросиниј се удостои со ѓаконски чин, а о. Еразмо беше вброен во редот на свештениците и призван од Бога да принесува жртва за сите нас. Удостојувајќи го со еромонашки чин, вечниот Првосвештеник го повика нашиот брат Еразмо кон најсветата служба, и откако го издигна на ова возвишено достоинство, го направи соучесник во Неговите неискажливи Таинства. За тој, како избран претставник на светата обител и на целиот наш народ, да принесува молитви за нас, да живее пред Бога постојано, како да живее на небото, служејќи Му ревносно на својот Творец, подражавајќи ги ангелите, пребивајќи во љубов и свет целив со сето братство, со сета Црква, земната и небесната. И додека, облеан со чудесна светлина, со наведната глава коленичеше пред светиот Престол, новопризваниот еромонах Еразмо смирено ги упатуваше кон Владиката своите молитви, барајќи Му огнена ревност за со сета сила да Го возљуби, работејќи за Него со целата своја душа, срце и помисла, да го крене Неговиот крст и доброволно да го последува таму каде што Он го повикува, не во угодност, туку во труд, борба, пост, молитви, бденија, жалости, опасности и жртви, за да се удостои да го слушне блажениот глас: „добар и верен слуго, влези во радоста на својот Господар“…

И повторно светилиштето на славниот Претеча и Крстител ги отвори своите небесни трпези, нудејќи му ја на илјадниот народ бесмртната храна – чесното Тело и светата Крв на нашиот Господ Исус Христос, кои се залог за вечноста и наплив на нови сили жизнени. А нашиот почесен гостин, митрополитот Повардарски, г. Агатангел ги заслади нашите души со прекрасна проповед во која ја истакна големата мисија на монаштвото за нашата света Црква, за нашиот благоверен народ, за целото Православие и за сиот свет:

„Радоста при средбата на двете свети мајки – пречистата наша владичица Богородица и Елисавета – која во утробата го носела славниот Претеча, не може да се спореди со ништо и е несфатлива за нас. Таа радост можеби претходната вечер ја доживеаја нашите монаси Кирил Евнувиј и Аверкиј. Таква радост се чувствува само кога умот е прочистен, срцето е прочистено, целото наше човечко битие е очистено од нечистотијата, од калта во која сме затрупани. Само тие чисти души кои го предадоа животот на Христа, кои се одрекоа од светот и одат по патеката на Христос, по тој трнлив пат. Да се откажеш од ближните, да се откажеш од страстите, тие кратки, минливи задоволства… Како луѓе можеби ги осудуваме. И вие самите знаете како беше пред десет, петнаесет години, какви маки имаше нашата света Црква во врска со оние кои сакаа да се посветат на Господа, а нивните родители, да ми простат сега, оддалечени од Бога и Црквата, имаа темен превез на своите очи и не гледаа подалеку, заслепени беа, мислеа дека целата убавина е земното задоволство, да му служиш на земниот цар, а не на небесниот, вечниот, Царот над царевите, на Кого денес сите ние, драги мои, Му се поклонувавме и му пеевме: Господи Ти благодариме што не донесе денес во оваа света обител за да можеме од длабочината на срцето да ти пееме Слава Ти Господи. И тие мајки денес Ти пеат. Знам мнозина од тие мајки кои чукаа на вратите од архиереите, вратите на државните институции, барајќи да се затворат манастирите, затоа што, наводно, нивните деца не живееле како што треба во тие манастири. Но сето тоа беше измислица, лукавство на ѓаволот, бидејќи ѓаволот не го сака монаштвото, зашто монаштвото е армијата на Црквата, драги мои, монаштвото е силата на Православието. Со монаштвото на нашата света Црква гледаме колку силни стануваме како православни луѓе, колку се очистуваме, колку подуховно размислуваме и колку повеќе се приклонуваме кон вечноста, бидејќи секоја христијанска душа чезнее за вечноста, за Царството небесно. А царството небесно го чувствуваме тука, кога се исповедаме, се причестуваме со светите Христови Тајни. Тоа Царство ни го приближуваат овие млади луѓе, кои деноноќно се молат за нашиот благоверен народ, за своите браќа, сестри, нашите упокоени претци и целото наше потомство. Тие се постојано на молитва и затоа велиме дека тие се армијата на нашата света Црква. Затоа како народ и како Црква им благодариме на нашите мајки, што Господ Бог уште од нивната утроба ги определил нивните чеда да Му служат…

Минатата вечер имаше една многу прекрасна атмосфера! Какви чудеса денес прави Господ, драги мои во нашата света Црква! Пред две седмици, на Илинден во Пречиста Кичевска за првпат после неколку века прославивме светии. И за многу кратко време, во оваа наша света обител, тројца наши браќа, Евнувиј, Аверкиј и Пајсиј, веќе ги носат нивните свети имиња. Бог направи да се повторат нивните свети имиња за да се слават и тука на земјата, како што се славени во вечноста. Нека им е честито на овие наши браќа кои се одрекоа од светот и го зедоа крстот свој. Нека му е честито на братот Еразмо, кој денес го прими свештеничкиот чин и на о. Ефросиниј кој го прими ѓаконскиот чин. Честито и на родителите. Им благодарам што на нашата света Црква и даруваа војници кои ќе служат во олтарот на Христа Бога Спасителот, за спасението на целиот православен род. Нека молитвите на светиот Јован Претеча, Крстителот наш чиј спомен денес празнуваме, ни бидат за наша утеха, за смирение, за исцеление, за спасение. Ја добивте благодатта, кога ќе се вратете во своите домови пренесете им ја и на вашите ближни. Благодатта што сите ние заедно ја примивме по молитвите на Свети Јован и по молитвите на Мајката Божја да ве држи до следното видување. Амин.“