Задушница

Заспаните во привремената ноќ на животот, покажи ги како синови на денот што не заоѓа.

Од првата песна од канонот на Месопусната сабота

Овој краткотраен живот на земјата светите и боговдахновени отци го нарекле ноќ, а Царството Божјо, пак, го именуваат како вистински живот, никогаш незаодна светлина. И колку е голема радоста, на небото и на земјата, кога ние верните, што живееме во примракот на овој минлив свет, ќе направиме молитвен собор, ќе побрзаме во нашите свети храмови за да ги слушнеме зборовите на Бесмртниот, да се приближиме кон Бога, да општиме со Него, со Неговата многумилостива Мајка, со ангелите и светителите, со нашите браќа и сестри, живи или упокоени! Тогаш во нашето срце започнува еден таинствен разговор. Со Бога, со Пресвета Богородица, со светиите, со нашите ближни, со оние кои сѐ уште се меѓу нас, но и со оние што веќе си заминале оттука… Па зарем и со упокоените? Та како е можно ние на земјата да кажеме нешто, а тие тоа да го слушнат? Можно ли е овој и оној свет да имаат меѓусебен допир? Зарем е можно да имаме вистинска врска и општење со нашите починати ближни, деца, сопруг, сопруга, нашите возљубени родители, кои не само што веќе заспале со вечен сон, туку и коските нивни се одамна изгниени?

Се разбира. Во Христа не постојат живи и мртви, зашто во Него сите се живи. „Бог не е Бог на мртвите, туку Бог на живите“. Всушност, упокоените се едни од најживите членови на Црквата, имаат повеќе живот во себе, отколку ние самите! Зашто ние секој ден живееме во својата духовна сиромаштија, во страстите свои, во безнадежноста своја, во лелеците свои. Ние сме во туѓина, а тие секојдневно се со Христа. Така, кога им зборуваме и се обраќаме на нашите ближни во другиот живот, тие слушаат, бидејќи во Христа небото и земјата стануваат едно стадо, една Црква, едно семејство. Сите ние, ангелите и луѓето, живите и упокоените, грешните и праведните, сите го сочинуваме едното тело на Господ Исус Христос и целото тело сочувствува со секој одделен член од него. Следствено на тоа, помеѓу небото и земјата нема ништо скриено или тајно. Кога разговараме и се молиме – Бог нѐ слуша. Секој ден небесниот Татко со безгранична љубов бдее над нас. Но само над нас ли? Зар Бог е само наш Татко? Не, Он и на упокоените им е Татко. И тие го чувствуваат здивот Негов. Па затоа кога за душите на нашите починати искрено ќе Го помолиме Христа, Спасителот наш, Кој умре поради грешниците, Зарем Он нема да им пристапи и да ги прегрне со Својата неискажлива милост? За нив Он беше распнат. За нив ја пролеа крвта Своја.

Значи, ние сме едно тело со упокоените на едната Црква. Кога ние чувствуваме силна потреба да разговараме еден со друг, да се грижиме еден за друг, да се љубиме еден со друг, јасно ни е тогаш колку попотребно им е на нашите заспани во Христа да ги спомнуваме во молитва, да разговараме со нив. Починатите непрестајно нѐ молат да мислиме на нив. Нашите упокоени живеат и знаат кога си спомнуваме за нив. Затоа треба да вознесуваме молитви и за нив. Да чуваме надеж во Христа за нив. Премудрата Мајка – Црквата востановила и посебни денови – задушници, во кои правиме особен молитвен спомен за душите што ги напуштиле своите тела. Таа молитва, толку мила на Бога, не само што им помага на нашите починати, туку воспоставува и силна врска со целиот друг свет, со ангелите и светиите. Особено со Пресвета Богородица, Мајката Божја, Која нѐ љуби, Која за сите нас поднела болка. Таа непрестајно брза од една душа кон друга, за да ги охрабри и поучи да не очајуваат. Истовремено Таа нѐ поттикнува и нас, самите, да се молиме за себе и за упокоените и на сите ни дава дух, сила и надеж. Таква е Богородителката наша.

Затоа, имајќи го Нејзиното непосрамено застапништво, да повикаме, да Го смилостивиме Бога за себе и за нашите упокоени. Кога ги спомнуваме покојните пред Бога, тие се радуваат, се веселат, се надеваат, очекуваат, непрестајно напредуваат кон денот на Второто Христово Доаѓање. И оние меѓу нив што не Му се противат на Бога, што пребиваат горе на небото, со секоја наша молитва сѐ повеќе се приближуваат кон Него и непрестајно нѐ поттикнуваат на молитва, на славословие. Нѐ повикуваат да си спомнуваме за нив. И голема е нивната благодарност кон нас.

Голема е благодарноста и радоста на отците наши Јован, Иларион, Митрофан и Арсениј, Серафим, Анатолиј и Партениј и на другите со нив, незаборавни ктитори и монаси на Бигорската обител, како и на нашите ближни, кои со надеж во воскресение и вечен живот си заминале од овој свет, и за кои бигорскиот молитвен собор во оваа света задушница со молитва и љубов си спомнува. Умилителните стихири на вечерната богослужба, панихидата и утрената, чиниш беа молитвено излевање на срцата на сите верни за покој на душите на своите родители, деца, браќа и сестри. Сите тие молитвени врутоци како да се слеаја во едно срце, срцето на нашиот старец, игуменот Партениј, кој од името на сите нив принесе молитва пред Господа за блажено успение на починатите од веки, со вера во воскресение и вечен живот. А светата заупокоена Литургија во параклисот на Мајката Божја, навистина претставуваше еден собор на благодарноста, заедница на двата света, молитвен разговор на земните и небесните, сите тие потопени во светиот Путир, во Телото и Крвта Христови.

Нека милостивиот Бог, по молитвите на Својата Пречиста Мајка и на богоносните оци наши, на душите што се упокоиле со надеж во воскресение и вечен живот им дарува наслада во мирните рајски дворови, во незаодната Светлина, во невечерниот ден на Христовото Царство, вечно заедничарење со Христа, вечна Литургија, вечен спомен во Бога. Вечен спомен…