Почеток на светиот Успенски пост

…Денес крстот се издигнува и светот од лага се ослободува. Денес Христовото Воскресение се обновува и се радуваат краиштата на земјата…

Од службата на Изнесување на Чесниот Крст

Издигнувајќи го денес торжествено Чесниот и Животворен Крст Господов, си спомнуваме за славните времиња на победа на православните војски предводени од ова победничко знамение, кое светлело на чело на колоната, озарено со небесни зраци. Како одново пред нашите очи да се случува онаа раскошна литија со Чесното Дрво, што во чест на победата на овој ден ги красела Константинополските улици, осветувајќи ги воздухот и земјата. Тоа моќно победничко оружје на Христа нашиот Бог е слеано со еден прекрасен пример на храброст и непоколеблива вера во вистинскиот Бог, вера која не отстапува ни пред суровите орудија на мачителите, вера која спасува и која денес на сите нам ни е потребна. И не случајно го започнуваме овој благословен Богородичен пост токму со празникот на Крстот и овој пример на силна вера. Всушност нашата Пречиста и Пресвета Богомајка, токму пред Голготскиот Крст, преку кој ни дојде воскресението, ги покажала Своите најсилни чувства: неискажливата мајчинска болка за Своето распнато Чедо, но и силната и цврста надеж дека Бог ќе Ја утеши во Нејзиното страдање. Тргнувајќи на ова благодатно посно патување во чест на Небесната Царица, тргнуваме носејќи го во рацете оружјето на Нејзиниот Син и Бог наш, поткрепени со силата која извира од него и утврдени во верата што ни ја покажаа храбрите маченици – браќата Макавеи, нивната благочестива мајка Соломонија и праведниот свештеник Елеазар.
И ете, по нивното молитвено застапништво, светата богослужба утрово, началствувана од нашиот христољубив старец, архимандрит Партениј, беше едено вистинско тајноводство, молитвен воздиг на нашите благодарни души кон небесата, налик на издигнувањето на Чесниот Крст. Беше едно сеопфатно славословие што го обединува времето со вечноста, земнородените со небесните… Навистина, седарежливиот Бог штедро ја излеа својата благодат, поткрепувајќи ги со тивка радост нашите души за претстојниот сладок посен подвиг. Оти таму каде што се искрената молитва и благодарноста, таму е пределот на Светиот Дух, таму сѐ се исполнува со радост. А за благословен почеток на светиот Успенски пост, кој верните со љубов го почитувале уште од древни христијански времиња, нашиот старец, според востановениот црковен обичај, освети вода во манастирската фијала и им посака радосен и плодоносен пост на сите верници:

„Успенскиот пост е време на радост, време на духовно оживување. Во него, преку молитва и подвиг, го отсекуваме сето она што духовно и телесно нѐ умртвува и од Бога вечноживиот нѐ разделува. Успенскиот пост – тоа е живот по духот, молитвено стоење пред Пречистата Владичица наша Богородица, Мајката на родот христијански и негова непосрамлива Заштитничка… Нека им биде благословен и лесен, радосен и плодоносен светиот Успенски пост на сите што со благодарност и љубов влегуваат во него!“ Амин!