Спомен на светиот и богоносен отец наш Наум Охридски

Подражателу на апостолите, правило на архиереите, убавино на преподобните, сострадателу на страдалниците, без крв како маченик се овенча, зашто си беседел во тешки маки, носејќи го Христовото име божествено, и секогаш смело проповедајќи ја тајната на Света Троица. Неа не престанувај да Ѝ се молиш, Науме, за оние што тебе те прославуваат.

Седален по полиелејните псалми

Со какви зборови да го возвеличиме овој голем добротвор меѓу мизиските народи? Какви благодарствени молитви да му принесеме на оној кој со своето молитвено застапништво ги преобразува нашите души? Со какви подвизи да го подражаваме оној кој заради своите подвизи стана поток на чудеса и извор на исцеленија? Нашите умови кои во мракот на незнаењето пребиваа, тој со тајните Божествени ги просветли. Сега нашите срца го воспеваат оној чиешто срце стана сад на благодатта и живеалиште на Божествената љубов. Нашите усти торжествено го прославуваат овој силен проповедник на Троичната Тајна. Душите наши преклонети стојат пред неуморниот проповедник на Евангелието меѓу Славјаните, и главите наши се поклонуваат пред свештената глава на Наума, просејќи милост и благодат за родот наш православен.

Колку цврсто православните, а особено народите славјански се сраснале со личноста на Светиот Наум! Овој верен ученик на Свв. Кирил и Методиј, сотрудник на Светиот Климент, славјански просветител и подражател на големите Свети Отци подвижници, стана и началник на општежителниот монашки живот среде словенските народи. Како грижлив татко на монасите, тој и по своето блажено успение не престана молитвено да ги поткрепува своите духовни синови и ќерки; а неговиот, пак, апостолски труд за духовно просветлување на Славјаните, му беше силен поттик на нашиот народ до крај да го сочува и негува православниот славјански бит, дури и во времето на тешки испитанија.

Токму затоа монашкото срце толку силно му благодари на ова светило и го има за свој украс и пофалба. Затоа и Свештена Бигорска Обител торжествено го празнува споменот на таткото на славјанското монаштво – Светиот Наум. И еве сега бигорските монаси и придојдениот народ, повторно се собраа за со громогласни песни и химни да ја воспеат славата на овој голем Преподобен Отец. А присуството на бигорскиот Старец, Архимандрит Партениј ги разгори срцата на сите верни, поттикнувајќи ги и тие заедно со него да ги излеат своите молитви пред пресветлиот и моќен лик на Божествениот Наум.

Највозљубен отче наш Науме, ти кој си светлина за родот монашки и моќен заштитник на македонскиот народ , секогаш закрилувај нѐ со своите молитви, будно пазејќи нѐ од искушенија и зло, исполни ги срцата на сите со љубов и ревност за Бога, за повторно да воскресне славата на Неговото име среде родот наш славјански!