Именденот на Старецот – втора манастирска слава

Бигорските монаси знаат каков празник за манастирот е именденот на Старецот. А знаат и многубројните духовни чеда, кои никако не го пропуштаат овој свечен повод да го облеат со љубов срцето на својот патеводител кон пристаништето на љубовта, радоста и спокојот. Во Бигорски – како за слава. Пристигнуваат од сите страни, како надојдена река. И зборуваат очите, исполнети со синовска љубов и зраци на благодат. Зборуваат и срцата, преточени во една благодарност, една молитва, една неискажлива со зборови љубов и духовна присност. Најпрвин на монасите, тие верни следбеници на својот возљубен пастир, кој во овие 20 години на непрестаен монашки подвиг и заедничко богослужение споделиле со него и добро и зло, биле сведоци на неговите духовни борби, но и на неовоземното сјаење на Духот, и заедно од ова светилиште направиле вистинска оаза за уморните и обременети души на патниците од овој свет. Братството и сестринството во еден дух проговори преку устата на најстариот јеромонах, сепреподобниот отец Доситеј:

„Ваше Високопреосвештенство, почитувани отци, браќа и сестри, сите Вие кои сте составен дел од големото семејство на нашата света Бигорска обител!

Дозволете во Ваше име да се обратам кон нашиот Старец, Архимандрит Партениј, денес, на овој свет ден, посветен на свети Партениј Лампсакиски, небесниот заштитник на нашиот духовник и отец Партениј.

Веднаш ќе кажам дека подарокот од името на сите браќа и сестри е игуменски крст.

По Божја промисла, наше интимно чувство е дека со овај, многу, многу скромен подарок се покажува одредена симболика и тоа многузначна.

Најнапред бидејќи отец Партениј одговори на Христовиот повик: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека врви по Мене“ (Мт. 16, 24). Освен тоа, со ваков крст, нашиот ценет митрополит Тимотеј, после замонашувањето и ракополагањето го ракопроизведе за игумен отец Партениј, давајќи му крст, како во буквална, така и во духовна смисла.

Уште и затоа што, овој крст е земен од Дафни, при последната посета на Богородичниот Перивој, од страна на браќата кои го придружуваа Старецот на тоа поклоничко патување по светите места каде го примил најголемиот духовен опит.

И најпоследна причина, но не и со помало значење, е тоа што споменатиов игуменски крст се подарува токму оваа година, кога Братството слави јубилеј од 20 години обновен монашки живот и кога навлегуваме во последното петолетие од 1000 годишнината од основањето на Манастирот и Чудотворната икона на свети Јован, Пророкот и Претечата Христов, нашиот Застапник!

Она што отец Партениј го започна пред 20 години, кога Митрополитот Тимотеј по Божјо вдахновение го замонаши и му го додели овој свештен Манастир, не само што го гледаме денес, туку и ги вкусуваме плодовите од тој негов духовен труд.

Зошто токму крст на овој свештен Јубилеј? Затоа што крстот на Кој беше распнат нашиот Господ Исус Христос е силно оружје Негово. Наместо да биде орудие на срамна смрт, како што било во времето на Римјаните, тој стана хранител и сила на сите верни! Зашто, навистина, Христос Го распнаа на крст, но Он и воскресна, и им даде живот на тие во гробовите! Кога оваа јубилејна година ќе се појават разни искушенија, крстот е тој што ќе ни дава крсто-воскресенска радост. Како што викаат светогорските старци „дај крв, прими дух“. Зашто со силата на крстот ќе добиеме „радосна тага и таговна радост“

Затоа, долгоденствуј, наш Старецу, и продолжи уште долги години да нѐ водиш, како духовен Мојсеј, за да можеме да избегаме од мисловниот фараон!

На многаја лета!“

Трогнат до солзи, нашиот возљубен Старец стоеше исправен во средината на храмот, со својот поглед мисловно упатен кон небесниот покровител, преподобниот Партениј Лампсакиски, просејќи го неговото застапништво за сите свои духовни чеда, кои сплотени во една молитва и љубов го искажаа своето најсмирено благодарење низ прекрасни зборови:

„Возљубен наш, високопреподобен отче Партение!

Во овој момент, стоејќи пред Вашиот светол лик, ние вашите чеда со неумешни и скромни зборови, но искажани со најголема синовска љубов, која може да ја има едно чедо кон својот татко, не поради должност како кон родител, но многу посилна и подлабока почит сакаме да ви искажеме… Ви ја пренесуваме нашата најдлабока љубов и благодарност која извира од дното на срцето, а тоа срце Вие го прегрнавте силно во својата прегратка, ги раширивте своите татковски раце за нас, како на крст се распнавте за нас, ја примивте нашата болка, тага, понижувања, нашиот срам и беда, нашите рани и болести ги примивте… Посегнавте со голи раце во огнот кој сакаше да нѐ пеплоса, не се плашевте од темнината, и како преплашени деца нѐ стопливте со утринското сонце, кое извираше од Вашата христољубива душа… Нѐ примивте во светата Бигорска обител… Минатото, сегашноста и иднината, благодарение на Вашиот благослов и татковски молитви, го примија Христовиот белег… Ставаме деца Христови. Со Вашата евангелска љубов го направивме првиот чекор и чекориме полека, полека од духовниот мрак и слепило кон светлината и топлината на духовното сонце, кое како блескав факел гори во Вас, и ни го осветлува патот по кој одиме.

Коленопреклонети пред Вас, најсвет отче Партение, небесен ангелу за сите нас кои Ве возљубивме, со сето свое битие Ви посакуваме, по молитвите и застапништвото на преподобен Партениј Лампсакиски пред Престолот на Света Троица, Господ да Ви дарува духовни и телесни сили за уште долги години богомудро да управувате со Бигорската света обител и со сите свои духовни чеда, водејќи ги по патот на спасението.

Бакнувајќи ја Вашата рака, ги просиме Вашите свети пастирски молитви и татковски благослов“.

Најдрагоцен подарок и најголема радост за игуменот беше присуството на нашиот надлежен архиереј и почесен гостин, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, кој по молитвите на преподобен Партениј ги упати за нашиот старец своите архиерејски молитви кон Бога и срдечно му посака долгоденствие и уште поголеми духовни плодови како настојател на свештената Бигорска обител, за полза на светата Македонска Црква и на голема радост и спасение на неговото многубројно духовно потомство.

Прерадосното и преисполнето со духовно умиление срце на нашиот Старец, не можеше а да не возврати на сето тоа изобилие од љубов и срдечни желби, со кратко благодарствено слово, најпрвин до нашиот возљубен владика, а потоа и до сите негови присутни духовни рожби, потсетувајќи ги дека христијаните зборуваат, пред сѐ, со дела и дека негови зборови се „сите тие дела што со љубов заедно ги направивме, во содејство со Светиот Дух. Бидејќи сметам дека секогаш нашето слово треба да бидат нашите добри дела во Христа, вдахновени од Него и направени во Негово име. Мислам дека сите вие монасите, и сите духовни чеда, сте токму делата на овој манастир, поддржани од Светиот Дух, Кој секогаш создава соборност во Црквата. А дека тоа е навистина така, потврда се сите празници во овој свет манастир, кога сме собрани во еден ист Дух, во Светиот Дух, во Христовата љубов, во една прекрасна заедница, која на сите им сведочи дека е навистина најубаво да се биде со Христа, дека со Него е вечна радост, и љубов и мир. Ви благодарам на сите“.

Необична и особено умилителна глетка беа најмладите духовни чеда на манастирот од Културно-уметничкото друштво „Плетенка“ од Битола, кои го красеа манастирот со своите прекрасни народни носии и го овековечија овој миг на една заедничка фотографија со Старецот.