Сретение Господово и Недела на Страшниот Христов Суд

Две светлини ги осветлуваат верните овој ден, две светлини од Едниот Светлодавец. Две завеси ни отвора Црквата денес, ни отвора видик кон два прозора: едниот што гледа кон минатото, а другиот што проѕира кон иднината. Сретение Господово и Недела на Страшниот Христов Суд. И двата празника – средба. Средба на човекот со Бога. Првата била средба на светиот праведен Симеон, кому му било ветено дека нема да замине од овој живот додека не се сретне со Господа, со Богомладенецот, со воплотеното Слово Божјо. Но ова евангелско собитие во својата длабочина крие и една друга смисла – всушност преку личноста на престарениот Симеон, тоа било средба на целото човештво, жедно за спасение, зашто од времето на гревопадот на Адам и Ева со векови и векови луѓето во оваа „долина на плачот“ и „местото на сенка смртна“ со копнеж го очекувале изгревот на Сонцето на животот и радоста, доаѓањето на Спасителот во светот.
И како што на правата средба ѝ претходело едно напрегнато исчекување, така и втората ќе биде исполнување на долго очекуваното Божјо ветување, печат со кој ќе се запечати постоењето на времето. Но на кого се однесува ова исчекување? На Љубениот, на Највозљубениот, Кого старецот Симеон Го крена во своите раце и Му рече: „Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое“. На Истиот Оној Чијашто љубов и нас нѐ привела во битие во овој свет, и Чијашто љубов ќе не пресретне во другиот свет. Ете, Он вети јавно дека ќе дојде. И душата наша трепери од тоа ветување, како љубовта што трепери, очекувајќи го љубениот. Он еднаш веќе дојде и повторно ќе дојде. Првиот пат дојде во крајно смирение да прими понижување и смрт, вториот пат ќе дојде во слава. Првиот пат дојде како Искупител на светот, вториот пат ќе дојде како Судија на светот. А кои се критериумите со кои ќе му суди на светот? Тоа се љубовта и милоста. Љубовта и милоста што сме ги покажале или не сме ги покажале кон нашите ближни. „Гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене… Вистина ви велам; доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа. Мене сте ми го направиле“ (Мт. 25, 35-36, 40). Каква недогледна бездна на човекољубието Божјо! Нашиот Создател и Бог, Господ Исус Христос, се поистоветува со оние кои страдаат во овој свет. И милостиво ги нарекува Свои помали браќа. Затоа, оној кој со љубов ближните ги прима, тој всушност Господа во срцето свое Го пречекува. И во оној Ден, во Денот на средбата на целото човештво со својот Творец, тој, заедно со сите кои Го љубеле Бога и Неговата икона – човекот, ќе го слушне божествениот глас како му вели: „Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го Царството, подготвено за вас од почетокот на светот“ (34).
Славејќи го Сретението Господово, и потсетувајќи се на идното сретение на човештвото со Бога, односно на Второто Христово доаѓање и Неговиот Страшен Суд, Бигорската света обител во молитви и славословија ја помина оваа сретенска ноќ во параклисот на светото Благовештение. Чудесните и единствени по својата убавина песнопенија на светите Андреј Критски, Козма Мајумски, Јован Дамаскин, Герман Константинополски, Јосиф Солунски, го красеа ова неделно бигорско бдение. А утрово, пак, светата Литургија, началствувана од нашиот најсакан Старец и татко во Христа, архимандрит Партениј, беше една вистинска средба на нашите души со Бога, средба и преку обилната благодат што Бог ни ја подари, но пред сѐ, преку причестувањето со светите Христови Тајни, како залог за нашата конечна средба со Бога.