Крстовоскресна радост во Рајчица

Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст

„Пријдете сите богољубиви, гледајќи како Чесниот Крст се вознесува, заедно да го возвеличиме, и на единствениот Избавител и Бог, слава да Му оддадеме, викајќи: ’Ти, Којшто на дрвото крстно се распна, не презирај нè нас коишто се молиме‘“
(Стихира на Малата Вечерна)

Крстот не е знак на пораз, туку символ на доброволно смирение, живот предаден за другите, жртва и љубов. На него Христос умре од љубов. Гледајќи во него, ние ја гледаме сета љубов Божја како се излева кон нас. Денес, сите ние, со љубов и почит ги подигаме нашите мисли и срца кон Крстот Господов, се допираме до она до коешто светот не можеше да се допре, ја примаме доброволната жртва на љубовта Божја која вселува мир во нашите срца. Ете зошто, како што опишува Св. Апостол Павле, безумството на Крстот ги збунува мудрите – мудрите можат да влијаат на умовите, но Крстот може да го смири и залечи умот, да ја поправи волјата и да го преобрази срцето. Така останува камен за сопнување за моќните, а нам ни дава богатство што не пропаѓа и кое крадците не можат да ни го одземат. Ете зошто го издигнуваме денес Чесниот Крст: бидејќи на него, нашиот Господ го изврши нашето спасение и ни ја покажа сета длабочина на Неговата љубов – нешто што никој не може да ни го одземе и кое ќе го надживее светот што Он го создаде.

Домот на Светиот Победоносец Георгиј во Рајчица вчера и денес беше домаќин на оние кои, подобно на нашиот Спасител, животот свој го обликувале според учењето за Крстот, оние коишто цврсто решиле да живеат за Христа и ближните, а не за себе, оти духовниот човек знае дека животот му е даден не за да си угодува на себеси, туку да им служи и да ги радува другите, а тоа е радост и за него самиот. За да се стигне, пак, до таа радост, потребен е крстовоскресен подвиг за Христа. А, токму за тоа вдахновено словеше и душите кон Бога ни ги воздигнуваше нашиот христољубив и крстољубив Старец, Архимандрит Партениј, по завршувањето на Вечерната богослужба.

И во текот на денешниот ден очигледна беше радоста на сестрите и браќата, кои со посебна љубов се потрудија секој од присутните да ја почувствува тајната на Крстот и достојно, со смирени мисли да се поклони пред Чесното Дрво, на за нас Распнатата Љубов. Неизбежно беше чувството на умиление кога во празнично украсениот и цветен храм, во присуство на нашиот достојнопочитуван Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, и многубројниот верен народ, високо се издигна сребрениот филигрански крст со честица од Крстот Господов, небаре присутните се најдоа таму, на Голготската гора, каде што со посебно достоинство Ерусалимскиот Патријарх победнички го издигна Христовиот Крст. Таа победоносна благодат што зрачеше од Крстот Христов уште повеќе се засили на Светата Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше нашиот Владика. И како добар пастир, кој се грижи за своето стадо, тој и овој пат духовно ги поткрепи нашите души со својата пофална беседа за Крстот.

И како што крстот и воскресението одат заедно, така и чинот на осветувањето на темели по Крстовденската Литургија за новиот манастирски конак донесе вистинска пасхална радост кај сите присутни а особено кај благочестивата наша ктиторка и кај сестрите кои после 15 години најпосле дочекаа да го видат почетокот на проширувањето на нивниот убав дом.