Во слава на Св. Георгиј

„Страдалнику Георгие, на ангелите соговорнику и на мачениците сожителу, секогаш прибежиште на бедните; и мене кој пловам во животот, мирно пристаниште биди ми, и насочи го мојот живот, те молам, за да можам со несомнена вера да ги славам твоите натприродни подвизи“
(Стихира на Господи повикав)

Славејќи го денес со голема радост споменот на преносот на моштите и осветувањето на храмот на Св. Вмч. Георгиј во градот Лид, Рајчичката света Обител прими во своите прегратки уште две монахољубиви сестри, кои од рацете на својот Старец Партениј добија благослов за искушенички подвиг, покривајќи ги своите глави со апостолник. Украсени со ова монашко покривало, новите искушенички ги упатија своите молитви кон нивниот смел застапник пред Бога, Св. Георгиј, кој ги удостои токму на овој негов празник да се причислат кон неговото верно монашко стадо во Рајчица, да ги укрепува со своето посредништво, да ги утврдува во верата, послушанието кон Старецот и сестринството, и пред сѐ во подвигот на љубовта, да им помогне во нивната борба со стариот човек во себе и најпосле со очистени срца и разгорена ревност да ги приведе до монашките завети. Радоста на сестринството и на нивниот сакан Старец заради овој повод, ја зголеми и чудесната промисла на светиот Победоносец, на овој ден преку своите мошти благодатно да го посети и Кнежинскиот манастир и посветената нему настојателка на манастирот, сестра Драгица Вељанова, која неуморно се труди во возобновата на неговото светилиште. Така нашиот заеднички патрон ги спои двете монашки Обители преку заедничкото благодарење на умилителната Божествена Литургија што се отслужи во двата манастири.

Свети Великомаченику и Победоносецу Георгие, ти кој благоволи да ја издигнеш од урнатини оваа своја света Обител, како што некогаш го издигна својот храм во градот Лид, издигнувај ја постојано духовно, за да може достојно да ти служи, да ги подражава ревносно твоите подвизи, величајќи и прославувајќи Го, подобно на тебе, семоќниот Бог во висините.