12357

Соборно празнување на Иванден во Бигорски

  Για ελληνικά πατήστε εδώ 

Благословен е Господ, Бог Израилев, оти го посети и избави народот Свој… А ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа за да Му ги приготвиш патиштата Негови. 

Лука 1,68,76

Рождеството на Претечата Господов Јован е првата радост што Бог му ја испрати на човечкиот род, непосредно пред Христовото вочовечување, оти со него се означи почетокот на човековото спасение од оковите на ѓаволот, гревот и вечната смрт. Токму затоа Светата Црква, која молитвено слави толку многу свои Светии и го одбележува денот на нивно упокојување и раѓање за нов живот во Царството на вечна радост, покрај блажениот крај на Предвесникот Христов, свечено го прославува и неговиот земски почеток – Рождеството негово. Со него започна, всушност, завршетокот на чудесната промисла Божја и Домостројот за спасение на човештвото умртвено од смртоносната болест на гревот. Зашто, според неискажливото човекољубие на нашиот премилостив Бог, кога целиот свет беше обвиен во густата ноќ на незнаењето, Крстителот Јован блесна силно во пустината, разгорен од огнот на Светиот Дух, за да им ја покаже на луѓето светлината на спасението, и во часот на најмрачната темнина на гревот засветли како сјајна утринска ѕвезда, најавувајќи Го така Сонцето на правдата, како што и самиот рече за себе: Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го патот на Господа (Јован 1,23). И како што Црквата пее: „Славното зачнување на Претечата Го предвести Царот што се раѓа од Дева“.

Славејќи го заедно со големото Бигорско духовно семејство споменот на своето чесно раѓање, славниот Пророк Претеча и Крстител Јован, се погрижи на својата свечена прослава да донесе и особено ценети и возљубени гости. Така, покрај нашите драги верници кои во голем број пристигнаа во манастирот од сите краишта на нашата Татковина и кои во вакви мигови секогаш се тука да ги споделат со нас молитвите и пофалбите кон Бигорскиот закрилник, неговите силни молитви и моќно застапништво го донесе во Обителта, дури од далечната Атина, познатиот византиски хор при најголемиот атински храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“, раководен од протопсалтот Илијас Редијадис Тумбас, претседател на Здружението на псалти од Атика. И навистина, беше неискажлива наслада за душата да се слушне во храмот пеењето на православните браќа од Грција. А да ни биде радоста уште поголема, празничната сеноќна молитва ја збогати со своето присуство и молитвено претстоење на долгочасовното бдение и многупочитуваниот Митрополит Брегалнички г. Иларион, кого со Бигорската Обител го поврзуваат многу прекрасни спомени. Торжествените ноќни часови во благодатниот амбиент на бигорскиот храм, исполнети со прекрасни хармонични и умилителни славословија од двата хора, се претворија во величествена небоземна пофална химна кон славниот пророк и проповедник на покајанието, претеча и закрилник на монашкиот род, Светиот Јован. Радоста што ги посети нашите срца, сведочејќи за благодатната посета одозгора, се читаше и во лицето на нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, кој со посебна благодарност ги поздрави ценетите гости пред почетокот на бдението:

„Bаше Високопреосвештенство,

преподобни и чесни отци,

почитувани претставници на државната власт,

возљубени во Христа, браќа и сестри!

Со молитвена собраност стоиме во навечерието на Рождеството на чесниот и славен, Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован – првиот кој ја положил својата рака на главата Господова и кој со својот живот совршено Го предобразил Христа. Би можело да се каже дека Свети Јован е и првиот апостол на Новиот Завет, или, како што се вели во една стихира од празникот: „почеток на апостолите“. Бидејќи, тој не само што им ги отворил срцата на луѓето од Јудеја за да го примат просвештението од Светиот Дух, испратено од Бог Отецот, а предадено преку Синот, туку бил и првиот гласник на Светата Троица во адот, проповедајќи им на душите таму за скорешното доаѓање на Спасителот. Целиот земски живот на Светиот Предшественик Христов, како и неговата маченичка смрт, но и животот после неа, не е ништо друго освен проповед за Царството Божјо. Всушност, животниот пат и подвиг на овој „земски ангел“ и „небесен човек“ останаа во вековите совршен образец за возвишениот и рамноангелен монашки живот.

Следствено, би можеле да претпоставите колава е нашата радост, но и свештен трепет, што и ние, последните и најмалите, сме удостоени да бидеме смирени служители токму на овој прв и најголем Христов монах!

Затоа, дозволете ни да ја споделиме таа наша неизмерна радост, најнапред со Вас, Ваше Високопреосвештенство, Митрополите Брегалнички, г. Иларионе, но и да Ви ја изразиме својата преголема благодарност што и годинава благоволивте да претстоите на овој молитвен собор. Впрочем, Вашето присуство овде го сметаме за уште еден од даровите на Свети Јован за манастирскава слава, дотолку повеќе што и Вие духовно се изнедривте од ова плодоносно Светилиште на Чесниот Претеча.

Исклучително скапоцен дар од нашиот небесен покровител вечерва сте и Вие, наши возљубени гости од соседната и братска Грција, поточно од древната престолнина на демократијата – Атина. Неискажлива е нашата благодарност кон Свети Јован и кон вас, достојнопочитуван протопсалту, г. Илија Редијади Тумба, што го гледаме Вашиот ценет хор тука, подготвен, со прекрасни гласови да Го слави заедно со нас единиот семилостив Бог и да пее во чест на „најголемиот меѓу родените од жена“. Патем, во Вашиот хор ние го гледаме благочестието и љубовта на грчкиот православен народ кон Бога, народ кој толку многу ја прославил и украсил Црквата Христова низ вековите. Ние навистина најсрдечно Ви благодариме, поради тоа што со Вашето доаѓање покажавте добродетел достојна за почит. Зашто вие на дело ја посведочивте евангелската љубов што пребива во вас, соодветно на Христовите зборови: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе (Јован 13,35). Се надеваме дека за набрзо ќе дојде и времето кога без никакви притисоци ќе можеме непречено и почесто да се среќаваме во заедничкиот литургиски живот. Да се помолиме, затоа, Бог да им испрати просветление на оние од кои зависи решението на проблемот, во прв ред на архиереите, та што побрзо да се надмине оваа несфатлива состојба на нерешени проблеми од управен карактер, која трае со години и им причинува рани на верните православни Христијани. 

Архимандрит Партениј со г. Димитриј Перпецис

Ве замолуваме да му ја пренесете нашата огромна благодарност и љубов и на Блаженејшиот Архиепископ Атински и на Цела Грција, г. г. Јероним, како и на други архиереи што го дадоа својот благослов за вашето присуство овде. Впрочем, во лицето и на овие архиереи на Еладската Црква продолжува нејзината апостолска мисија и евангелска љубов, докажана толку многу пати низ историјата, вклучително и кон нашиот народ и нашата Црква. За нивното и ваше духовно благородство и братољубие, остануваме вечно благодарни.

Во нашето молитвено и благодарно сеќавање длабоко се врежа и името на г. Димитриј Перпецис од Солун, вистински пријател на нашата Обител, кој со огнена љубов се бори на каков било начин да ѝ помогне. 

Најпосле, од името на сите мои собраќа, ви се заблагодарувам бескрајно и вам, мили чеда, поклоници и пријатели на оваа Света Обител, што вечерва, со Вашето за нас драгоцено присуство, ја украсивте оваа манастирска слава. Утрово што следи го очекуваме доаѓањето и на Неговото Блаженство, Архиепископот г. г. Стефан, како и на нашиот надлежен архиереј, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, на кои однапред им се заблагодаруваме за нивното присуство и служење.

Добро бдение и Свети Јован нека ве благослови сите!“

Веднаш после поздравното слово, Старецот, од името на целото наше братство, го награди г. Димитриј Перпецис од Солун со манастирскиот орден „Претеча“ за неговите горешти заложби да ѝ се помогне на нашата Црква, како и за пожртвуваната му љубов кон Бигорската Обител. Подоцна, во својата изјава за медиумите, Димитриј му заблагодари на нашиот игумен, истакнувајќи го неговиот придонес за Црквата Христова, неговата борбеност, просветеност, посветеност и духовно расудување.

Јеромонахот Доситеј, пак, од името на целото братство, сестринство и од сите духовни чеда на нашиот Старец, во знак на благодарност му подари прекрасен букет со разнобојно цвеќе, како еден хармоничен збир на сите негови чеда:

„Ваше Високопреосвештенство, г. Иларион, наш почитуван поранешен собрат, Високопреподобен Старецу наш, отец Партениј, отци и браќа, сестри, многуценети браќа псалти и скапи гости од Грција, дозволете од име на нашето братство, како и од име на сестринствата, а се разбира и од име на сите вас овде присутни и оправдано отсутни, браќа и сестри – дел од нашата Обител, да му го предадам овој миризлив букет од свежо цвеќе на нашиот и ваш татко и духовник!

Букет како цветослов, како збир од сите негови духовни чеда! Миризлив како пријатен мирис на благоуханието што го испраќа Господ Бог врз неговите молитви, кои тој ги упатува кон Него, за сите нас и нашата Татковина!

Мало внимание, заради вашата ревност кон богослужбите, кон фалењето и славењето на Бога; заради грижата певницата да звучи најдуховно, како и заради љубовта кон благолепието на Божјиот храм и торжествувањето. На многаја и благаја лета, отче Игумене!“

 

Молитвеното празнување во чест на Чесниот Претеча, како и преголемата радост продолжија и утрово, со пречекот на нашиот архипастир, Неговото Блаженство г. г. Стефан, како и на нашиот многусакан надлежен архиереј, Митрополитот Тимотеј, кои чиноначалствуваа со Божествената Литургија, во сослужение со Митрополитот Иларион, Архимандритот Партениј, браќата јеромонаси и јероѓакони, како и неколку свештеници и ѓакони. Во духот на денешното торжество и празнично ликување беше и прекрасната вдахновена проповед на нашиот Архиепископ, во која го истакна значењето на Бигорското Светилиште на Свети Јован за нашата Црква.

Исто така, на празничната манастирска трпеза со свој благодарствен говор се обрати и хорархот, г. Илијас Редијадис Тумбас, кој меѓу другото истакна дека и покрај тоа што се соочиле со големи проблеми да дојдат тука, сепак, сите нив ги надминале, имајќи ја како основа нашата заедничка православна вера и борба.
„Често пати“, додаде тој, „ние, православните Христијани го забораваме учењето на Светиот Апостол Павле, кој наведува дека во Христа не постои разлика меѓу Јудеи и Елини и многу пати ни вели дека вистинскиот Христијанин нема свој град и татковина овде на земјата, туку го бара и очекува идниот. Се надеваме, Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, Високопреподобен игумене, сите вие што сте присутни овде, дека еден ден ќе бидат надминати сите проблеми што постојат, така што ќе можеме непречено да се причестуваме од заедничкиот путир“.

Нека Светиот и славен наш молитвен застапник Јован Крстител, кој непрестајно ја гледа и ѝ се радува на убавината Божја во Царството Небесно, измоли прошка за нашите прегрешенија и ги управи сите кон единство во љубовта Христова! Амин!