Божествена Литургија во небесните височини на Крчин

Во небесните возвишенија на земните предели, каде небо е неракотворна купола, а земјата – свештен храм, соѕидан од премудриот Уметник и Творец, да се служи Света Литургија е посебно и со зборови тешко доловливо чувство. Да се принесува благодарствена жртва на вечното Сонце на правдата – Христос нашиот Бог, а во исто време, во твоите очи да заплискуваат зраците од вештественото сонце – и тоа е нешто што може само лично да се доживее… А, еве, по неизмерната милост Божја, испратена преку благословот на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, дел од монашкото братство на Бигорски и сестринствата од Рајчица и Пречиста, и оваа година се удостоија да го доживеат тоа, со изобилна благодат исполнето, литургиско торжество на врвот Крчин, на надморска височина од 2341 мети. Но за разлика од минатата година, овој пат ним им се придружија многу повеќе љубители на преображенската благодат и на природните Божји убавини. Божествените и природните височини се чудесен спој на радост, мир, љубов и преобразување…

Нека денешниот подвиг на стотиците богобаратели и планинари, биде за нивно лично спасение, но и за спасението на нивните ближни и Татковината наша!

На сите нив нашето монашко братство им ја изразува својата голема благодарност што го прифатија овој не мал предизвик и подвиг и со својот труд и молитви придонесоа собитието на Крчин да прерасне во прекрасно духовно торжество! Се надеваме дека овој убав потфат ќе остане како традиција, со што поголем број учесници секоја година.