Го празнуваме, Чиста, твоето свето раѓање…

„Денес, луѓе, стана почетокот на нашето спасени, зашто претскажаната од древните поколенија, Мајка и Дева, и прибежиште Божјо, се раѓа од мајка неплодна; цвет и жезол од коренот Јесеев изникна. Нека се радува Адам праотецот и Ева со радост нека се весели…“ – вака денес Црквата ѝ пее на преблагословената Мајка на пресветиот Син. Ѝ пее, затоа што со нејзиното Рождество замина ноќта и настана денот, исчезна лагата и се јави вистината, симнато е проклетството и слезе благодатта. Оти, како што во една прилика говореше срцето на нашиот Старец, Архимандрит Партениј за честа на овој ден, „засветли светиот и светлоносен зрак, блескавата претходница на Сонцето на славата; богоблагодатната предвесница на денот на радоста, се роди во светот заради преродување на светот. И така, среќен и преблажен е човечкиот род, од чијшто корен изразна свет и благословен плод. Од нас, преку гревовното заболување, се роди трулежоносниот јад на гревот – од нас, преку благодатта, требаше да се роди и животворниот противотров. Од нас почеток добиле проклетството и смртта – ние требаше први да се допреме до благодатта и животот. Колку се чудесни делата на семоќната Божја промисла, како таа мудро го извлекува лекарството од истото она од кое се изроди болеста! Каква радоста ни се дава нам денес, со раѓањето на Дева, поради промената на нашата несреќна состојба! Се отвора пред нас рајската врата, заклучена поради непослушанието; ни се дарува благодат за достигнување на блаженството, од кое нè лишило лукавството на ѓаволот. Каква слава ни јавува денешниов ден: нè возвишува до таа степен, да бидеме блиску до претсуштествената Света Троица, бидејќи Отецот добива ќерка, Синот – Мајка, а Светиот Дух – Невеста!“

Оттука, разбирлива е преголемата радост на нашето братство за раѓањето на Онаа Која е Заштитничка на монашкиот род и Мајка на сите Христијани. Затоа и оваа година, во нејзино име, во нејзиниот топол и прекрасен храм во с. Ростуше, се собра тоа со својот Старец, заедно со многуте верни, да го прослави нејзиното чудесно Рождество. И навистина, нѐ огреа денешниот ден со својата светлина духовна, со радоста света, зашто денес се раѓа Мајката на светлината и радоста. Прославивме денес не раѓање на некој светија, ами раѓање на Онаа Која е Светиња на сите светии; не собор ангелски чествуваме денес, туку рождество на Царицата на ангелите. Не раѓање на мајката на земниот цар, туку на Мајката на Господ и Бог на славата…

„Го воспеваме твоето свето раѓање, го почитуваме и твоето непорочно зачнување, Невесто и Дево, Богоповикана! Со нас слават ангелските чинови и душите на светиите“.