3030

Во чест на преподобната Параскева

Со испоснички подвизи ја вооружи твојата душа, славна Параскево, ги скроти телесните телесните играња и умот, и ги направи живеалиште на божествената Троица, и се издигна таму каде што е нераспадливоста и спокојот на праведниците; со нив, пак, сега се радуваш и во слава стоиш пред Христа, со смелост молејќи се за душите наши.

Браќата и сестрите од нашите две обители не можат а да не ја чувствуваат голема духовна сродност со ревносната Божја подвижничка света и достославна Параскева. И тие подобно на неа го оставиле родителскиот дом и сите удобности што овој свет ги нуди и се предале на возвишениот подвиг на секојдневно мачеништво заради Оној Кој не се двоумеше да пострада за нив. А незиниот спомен по традиција сестрите од Рајчичката обител го слават во дебарскиот храм посветен на преподобната, споделувајќи ја со верните дебарчани кои во голем број се собраа во храмот, благодатта од светата божествена Литургија и молитвите упатени кон својата застапничка пред престолот Божји. Радоста од заедничкото литургиско дружење ја умножи и присуството на нашиот сакан владика, митрополитот Дебарско- кичевски Тимотеј, кој чиноначалствуваше со празничната архиерејска Литургија. Неговото благодатно слово што како плодно семе го посеа во душите на присутните, уште повеќе ја засили кај нив почитта кон светата Параскева и ревноста да го подражаваат нејзиниот богоугоден подвиг со кој го стекна небото и радоста, и сега во слава стои пред Христа :

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Нашиот Спасител Господ Исус Христос, пред Своите страсни страдања, им рекол на своите ученици: „…Утешителот, нема да дојде кај вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам. А тој, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд…“(Јн.16;7-8). Овие Христови зборови, за многумина можеби изгледаат нејасни, па се прашуваат што тоа значи? Како може да изобличува за грев, но во суштина ова изобличување за грев, се случува со силата на Светиот Дух, и им помага на луѓето, да останат достоинствени луѓе, односно им помага да прават разлика помеѓу доброто и злото, и истовремено ги упатува кон моралните вредности, во овој овоземен живот.

Светиот Дух ја изобличува нашата совест, а таму каде што нема Свет Дух, таму и не работи совеста, или, доколку некако работи, работи со аномалија. Таквите луѓе, често се доведуваат  до состојба да бидат манипулирани, и живеејќи и дејствувајќи со таква аномалија ги нарушуваат моралните принципи па често пати доаѓа до мешање на системот на вредности, и неможност за расудување на тоа, што е добро а што зло. Ние како луѓе сме слаби и кревки по природа, и често пати под разни сугестии и притисоци лесно можеме да потклекнеме во тие наши оценки и проценки, што е корисно а што е штетно, што е морално, а што е неморално. Но, таму каде што дејствува Светиот Дух, таму се буди човековата совест, и таму моралното чувство се упатува кон Божествениот критериум. И таму доаѓа до корекција, односно до реалните морални вредности кај луѓето. Тогаш доаѓа до синергија на Божјата волја и човековото учество во некое дејствие, и тогаш се постигнува вистинската полнота на човекот како морално, совесно и одговорно битие и пред Бога и пред луѓето. Но, често пати ние како луѓе, се сретнуваме со поединци кај кој совеста и моралните принципи се помрачени па се прашуваме, како е можно да постојат такви луѓе. Тоа зборува за отсуство на таа синергија помеѓу Духот Свети и човековото дејствување, таквиот човек постапува по  своја волја и сопствено убедување, без да го слуша внатрешниот глас на совеста, кој е глас на Светиот Дух во нас.

Ние денеска ја прославуваме света преподобна Параскева- Петка, и не би сакале да зборуваме за нејзиното житие, бидејќи истото ни е релативно познато, секако на некого повеќе, а на некого помалку. Ниту света Петка, ниту сите останати Божји угодници, независно дали се маченици, светители, преподобни и слично, никој од нив не се родил како светител. Сите имале пат по кој врвеле, и се издигнале на таа височина, да се уподобат да бидат светители во Царството Божјо и да бидат прифатени и прославувани од светата Црква, како Божји и свети угодници. Само со нивен труд и подвижништво, сигурно не ќе можеле да ја постигнат зададената цел, да бидат Свети, како што е Свет и нашиот Отец Небесен.(Ис.11; 44) Тие тоа го оствариле со помош, поткрепа и содејствие на Светиот Дух. А, за да го придобијат Светиот Дух, да им биде помошник и содејсвител, била потребна нивна чиста вера, добри дела како предуслов да се пројави тоа взаемно содејство и синергија, помеѓу Светиот Дух и  човекот, а преку тоа и да се оствари светоста.

Таму каде што има неморал, отсуство на вера, нечистотија во секој поглед, со таквите постапки ние ги изгонуваме Светиот Дух од нас, и патуваме во овој век и свет со сопствени сили и без поткрепа на сила одозгора. Затоа, најголем дел паѓаме во разни стапици од лукавиот, кои не оддалечуваат од Бога, правдата, љубовта и добрите дела и угодуваме на лукавиот кој е непријател на човекот од искона, и како што апостол Павле вели рика во пустина, само некој да го проголта.          

Прославувајќи ја денес света Параскева- Петка, да се обратиме со искрена молитва и вера, како и кон останатите Божји угодници, тие да измолат милост Божја, па благодатта на Светиот Дух, да биде со нас. Преку тоа да можеме да го победиме секој грев и лоша мисла; да одиме по вистинскиот Христов пат и да стасаме во Царството Божјо заедно со  останатите Божји угодници, сега и во сета вечност. Амин!