Новото Лето Господово и кратка поука за монасите

Оној што е невидлив по природа, денес е видлив во тело: Несоздаденото Слово сега раѓано од Чиста Дева се создава. Затоа, заради нас луѓето, како осмодневен младенец според законот се обрежува. Нему, како наш Спасител, да Му се поклониме (Седален на празникот)

Создателот на Вселената, Оној Кој со Своето доаѓање на земјата го облече човечкото тело за да го спаси и обожи, докрај го исполни и Законот што го даде. Еве денес, на осмиот ден од Своето раѓање, Он според Законот доброволно се обрезува и со тоа нов почеток на благодатниот живот ни подарува. Он се покажа како целосен исполнител, а не противник на Законот Божји, а слепите, пак, еврејски старешини, кои се беа нарекле чувари на Законот, Него хулител на Бога Го нарекоа, та според Законот Го осудија и на Крст Го распнаа. Какво смирение Создателот на сите твари ни покажа, каква бездна на човекољубие, какво неискажливо таинство со кое во осмиот ден обрезанието престанува, а со тоа и вечниот живот во осмиот невечерен ден на идниот век ни се изобразува.

За овие чудесни небесни таинства, пак, неботајникот Василиј непрестајно сведочеше, та затоа и неговиот спомен денес Божјата промисла одредила Црквата да го прославува. Оти Црквата ни го подари овој огнен проповедник кој со своите учења прелеста ја согорува, и како цврст бедем и ограда со своите молитви непрестајно ја закрилува.

Двојна, пак, благодат денес во Бигорската и Рајчичката Обител се излеа, заради двојниот спомен што Црквата го прославува. Озарените лица на мноштвото присутни гости во нашите два Манастири силно сведочеа за оваа небесна литургиска посета, а нивните срца од радост воскликнуваа кога устата на нашиот Старец источи поуки, чијашто духовна сладост длабоко ги трогна нивните души. Особено радосен беше мигот кога најмалите и најчисти гости на манастирот пред Старецот и присутните ангелоподобен рецитал изговорија, и на тој начин уште повеќе придонесоа за духовно богатата и торжествена атмосфера.

Поука на Неговото Високопреподобие, за Новото Лето Господово, изговорена во гостинската одаја во Рајчица

Мили мои, да сте сите живи и здрави и нека ни е благословено Новото Лето Господово! И ете, уште на почетокот, ве преколнувам, како што често се поучуваме, да бидете добри во сѐ, послушни и смирени, со љубов полни, а не неодговорни и немарни, зашто во светот сѐ потешко и потешко станува, околу нас сѐ повеќе соблазни има… Затоа, да се трудиме да бидеме силни во верата и неотстапни во подвигот. Оти, нас Господ нè повикал на „свет апостолски и монашки подвиг“. Ние тој свештен повик доброволно сме го прифатиле и сме се определиле да им бидеме светлина на другите…  Не смееме тоа да го заборавиме! Нашата вера треба да им биде пример на другите, а нашата љубов – прибежиште и закрила. Тоа е целта на монахот: да спасува луѓе. А ќе спасуваме, доколку ние самите, првенствено преку послушанието, смирението и молитвата, се трудиме себеси да се спасиме. Тогаш, според поредокот на духовните закони, ќе направиме големо добро и за ближните. Да гледаме што посовесно да го исполнуваме монашкиот призив, монашкиот подвиг. Во спротивно, може да ни се случи нешто многу несакано и погубно. Да не ги пропуштаме безгрижно дури ни најситните нешта, туку да внимаваме на себеси, да бидеме постојано будни, оти Бог тоа од нас го бара. Зашто времето работи против нас и доколку не се трудиме постојано, многу нешта ќе пропуштиме – сѐ ќе замине во неповрат. Оној што го поминува времето во молитва, во послушание, тој ќе ја освои вечноста. А непослушниот ќе остане заробен во канџите на времето и не ќе може да продре во пределите на блажената вечност. Оти, клучот што ја отвора вратата на вечноста е послушанието и смирението; вистински послушниот, оној кој доброволно се поробил себеси заради Бога, полека се ослободува од заробеноста на материјалните нешта и на времето, и сè повеќе ги здобива карактеристиките на вечноста. Како што велат светите отци: послушниот не е можно да умре.

Деца, простете ми и помолете се да бидам подобар следнава година, да можам подобро да ви послужам. Да ја оставам немарноста и неодговорноста, да бидам постојано буден и одговорен. Тоа важи за сите нас: секој нека почнува прво од себеси. Сите страдаме од истата болест: опуштеност и немарност. Го правиме тоа што не го сакаме да го правиме, поради нашите слабости. Но, Божјата благодат е тука да нè поткрепува и чува. Доколку се држиме до послушанието, Божјата благодат никогаш нема да нè остави и нема да бидеме посрамени, сѐ до крајот. Да Му послужиме верно на Бога! А оној што ќе го остави послушанието…, не сакам ни да зборувам за последиците што ќе ги понесе.

Деца, ајде да продолжиме цврсто по патот! И Господ ќе ни дава сили поради нашиот труд и искреност, сообразно со големото дело што сме го избирале. Од искуството на Црквата, а и од наше лично искуство знаеме дека подвигот на монасите спасува многу луѓе, затоа треба постојано да се молиме да останеме докрај непосрамени во верата. Да ни даде Господ сили никогаш да не се вртиме наназад, оти нема пострашно дело од тоа монахот да се сврти назад! Ние мораме да мислиме на спасението на сите луѓе. Вие сте сега духовни татковци и духовни мајки. Секој монах е духовен татко, секоја монахиња е духовна мајка. Ќе кажете: „Па не можеме сите да бидеме духовници“. Да, не секој е повикан да биде исповедник и духовен раководител, меѓутоа монасите и монахињите, на некој начин, со самиот свој живот, навистина се духовни татковци и мајки, зашто во нивните животи луѓето гледаат примери за себе. Прво, за роднините сме духовна мајка или духовен татко; тие се надеваат на нашите молитви, се поучуваат од нашиот пример. Потоа, и за оние што ги посетуваат нашите манастири и нè познаваат, а и за сите други на кои монаштвото им е совршен образец за служење на Бога и посветеност. И колку е страшно монахот да се сврти назад кон светот! Веднаш ќе се случат страшни падови, не само за него, туку и за многумина околу него. Како што телесниот родител се труди да не ги соблазнува своите деца и да ги изведе на вистинскиот пат, така и ние духовните татковци и мајки мораме да ги изведеме на духовен пат чедата што Господ ни ги дал. А многу ни дал… Гледам дека многу души гледаат со надеж во нашите Манастири, очите им се вперени во нас. Ние сме им пофалба, сфаќате? Не смееме да ги изневериме! Треба да ги изведеме на вистинскиот пат. Затоа, деца мои, барајте сили од Бога. А, Он не го остава оној што бара во смирение.

Добро, милички мои? Се надевам дека следната година ќе бидеме уште поревносни во послушанието, во одговорноста, во монаштвото. Ниеден од нас да не биде посрамен, и како што еднаш рековме, да бидеме сите како зрнцата во калинката. Сите како едно; сите монаси да се како едно! Како што вели и големиот учител на монаштвото, Свети Василиј Велики, кого го славиме денес: „Сите за еден, еден за сите!“

Рецитал на децата во Рајчица

I дете: Добро утро! Јас сум ангелот што ги буди децата и ги води во црква на молитва!
III дете: Децата треба да научат да се молат, за да бидат послушни и радосни.
II дете: Јас сум ангелот што ги храни децата!
III дете: Децата кога јадат треба да Го молат Бога да им испрати ангел на гладните и сиромашните деца и да ги нахрани.
I дете: Време е за учење! Јас сум ангелот што им помага на децата да учат!
III дете: Децата треба да учат за да бидат паметни и среќни.
II дете: Време е за убави вести! Јас сум ангелот кој на децата им кажува убави нешта!
III дете: Ангелите кажуваат само убави вести, затоа и децата треба да кажуваат само убави нешта.
I дете: Време е за спиење!
II дете: Дојде ангелот што ги носи децата да спијат!
III дете: Ангелите се верни чувари на децата. Дури и кога децата спијат ангелите се будни и им даваат на дечињата убави сништа.

Поука: Ангелите најмногу ги сакаат и чуваат децата, затоа и децата треба да бидат како ангели