3517

Во спомен на големиот воин св. Димитриј

Со копје прободен во ребра, заради во ребра прободениот Спасител на Крстот, го подражаваше Него, ранет со љубовта Негова, страдалнику Димитрие, покажувајќи им го на сите непобедливото во твоето сведочење. Затоа и ранетиот гонител падна, откако го прими твоето исповедање, Христов страдалнику!

Денес, радувајќи се со Црквата Христова, пофалби му принесуваме на светиот Великомаченик Димитриј, кој беше од богат и славен род, но го презре сиот светски раскош, сметајќи ги за ништо почестите, власта и желбите на младоста, и поита со маченичка смрт да го прослави Оној Кого толку силно го имаше возљубено. А навистина нему светот примамливо му ги отвори своите ризници и му понуди баш сè: и богатство, и слава и почит од царот, и високо место во градот, и убавина и сила и храброст, и секаков украс на крепката младост. Но сето тоа беше прав и пепел, ништожно и пропадливо наспроти љубовта кон Христа што како оган гореше во неговото срце. Таа љубов правеше тој воопшто да не држи до себе, дури и да не мисли на себе, да не се жали себе, туку постојано да мисли на благиот свој Спасител, Кој заради него пострада на крст, и овие рани Христови повеќе го болеа отколку неговите сопствени. Не само она видливото  Божјо страдање, туку и тие скришни рани и болки што човекот секојдневно му ги причинува на Бога со своето малодушие и неверие. И навистина неспоредливо поголеми од страдањата на Крстот се болките Господови кога гледа како човекот, кому секој ден му се јавуваше и со него беседеше, постојано го помагаше, со својот благослов го утешуваше и крепеше, така лесно ја презира Неговата љубов, Го отфрла од своето срце и се откажува од Него.  И свети Димитриј страдаше со болката Христова, гледајќи го својот град потонат во идолопоклоничко неверие. Не мислејќи на смртната опасност од своите дела, насекаде Го објави Бога Единствениот и целиот град го обрати во вистинската вера. Го возљуби Христа до крај и не се двоумеше дури и да пострада за Него. Господ го удостои и смртта да му биде слична:  прими копје во своето десно ребро, запечатувајќи ја така својата непоклатна љубов и верност. Заради тоа свое страдање што го претрпи за Христа, заради крстот маченички што од љубов го понесе на своите плеќи, без никаква тага, ни роптање, ниту било каков немир, туку напротив, радосно одејќи во смрт, силен беше благословот со кој тој го благослови Нестора за бој против царскиот миленик – борецот Лиј. Тој благослов се умножи од верата и беспрекорното послушание на младиот Нестор и направи кревкиот по тело младич лесно да го победи христијанскиот крвник, на чудење на сите.    

Светлиот пример на светиот Великомаченик Димитриј буди силна ревност во монашките срца. Животот негов на монасите им е моќна поука дека сè што оставаат во светот не може ни да се спореди со бесценетиот бисер на Христовата љубов, која го разгорува срцето за подвиг и ја исполнува со храброст душата за бестрашно исповедање на таа своја љубов кон Женихот и верност Нему до крај. Затоа и сеноќната монашката молитва што на денот на неговиот свет спомен ревносно се издигнуваше од Бигорската свештена обител како и од Рајчичкиот, Пречистанскиот и Кнежинскиот манастир, просејќи од светиот духовни сили за храброст во подвигот, умилно ги погали срцата на присутните и достојно го прослави Великомаченикот. Благодатта што силно се почувствува и што тој ја измоли за нас од Бога, беше сигурно сведоштво дека по неговите молитви Господ постојано ќе ги помага, поткрепува и помага сите наши дела направени од љубов за Него и заради славата на Неговото име.