Велик Понеделник

Како да не падне во ужас смртта, Спасителе мој? Како да не се исплаши адот кој Те сретна, како доброволно одиш на страдање, и гледајќи Те Тебе праведниот, Кој дојде да пострадаш за неправедните!?

Еве се наоѓаме на самиот почеток на Великата и Страдална Седмица, кога според за нас неразбирливата милост Божја, повторно духовно ќе ги преживееме најважните мигови од Христовиот живот, исчекувајќи го Неговото славно Воскресение. И колку богомудро Црквата ја воведува човечката душа во таинствата Божји, та да созерцува за сѐ она што се случи, повикувајќи ја, барем сега, во овие последни часови да заедничари со Бога во Неговите спасителни за неа добрини. Оти, ете премилостивиот Христос, Кој со Својата рака држи сѐ, со добрина доаѓа да пострада и прифаќа да се распне на дрво, за да го спаси човекот, оти човекот згреши против Неговата неискажлива добрина, отфрлајќи ја божествената милост пројавена безброј пати во неговиот живот.

Затоа Црквата денес прави почеток на големите Страдања Господови и за таа цел најпрвин ни го покажува ликот на прекрасниот и доблесен Јосиф, чијшто живот, достоен за спомен, стана праслика на Христовиот живот, оти Јосиф иако поробен по тело, душата си ја запази непоробена. Еве денес, Бог Кој зеде облик на слуга, тргнува да се подложи на плукање, навреди и рани, на срамна смрт заради избавување на целото човештво. Не, нашиот разум не може да го разбере ова Божјо снисходење, не може да ја сфати големината на овие чудесни собитија, оти е неплоден како неплодната смоква за која денес си спомнуваме, оти е помрачен од страстите, оти тргува со скапоцената своја душа која е храм на Светиот Дух, како што некогаш јудејските старешини, водени од среброљубие, доверениот им храм Божји во пазар го беа претвориле.

Но еве денес, Он влегува во најважните мигови од историјата на човечкото спасение и со божествена сила и моќ ќе ја промени атмосферата во светот, ќе ја победи грешната човечка состојба чијашто последица беше смртта. Денес, Младоженецот на Црквата влегува и во храмот на нашите срца и нѐ повикува да ја промениме нашата внатрешна млитава состојба, та соблекувајќи ја старата изветвена облека на душата, да стекнеме милост, барем во единаесеттиот час, и да се преоблечеме во новото светло свадбено руво со кое ќе влеземе во Царството на радоста и љубовта Божја.

Овие толку посебни мигови од Христовиот живот привлекоа голем број богокопнежливи души, чијшто дух уште од ноќ подрани кон Бигорската Обител, за заедно со нашиот Старец да земе учество во Божјите дела, кои за сите нас се светлина на земјата. Храмот, исполнет со таинствена светлина, со умилително пеење кое ги трогнуваше сите срца повикувајќи ги кон вдлабочување во овие свети денови, внесе во нас чудесна мистична надеж и свежина. И немаше душа која не пееше, немаше ум кој не размислуваше за она што Бог прифати заради нас да го стори, немаше срце кое не повикуваше: Човекољупче, Христе Боже, дај ни прошка на гревовите, на сите нас што со вера и љубов притекнавме за да се поклониме на Твоите пречисти страдања.