Молитвена прегратка за најсјајниот бисер – Богородица

Денес храмот се покажа како прекрасна одаја во која се украсува Невестата, откако ја прими духовната палата Божја – чистата и непорочна Дева, посветла од сите созданија

Од Канонот на Утрената богослужба

 

Гласот на Црквата, тој сладок божествен глас кој продира до длабочините на човечкото срце, е глас кој стоплува и нежно гали, трогнува и преобразува, подготвувајќи го човекот за средба со Бога. Гласот кој се слуша во храмот Божји е вистински воспитувач во љубовта и побожноста, во стекнување на небесна мудрост, во слушање на добрата совест која, пак, поучува како да се загледаме во самите себе, та да видиме дека можеме да направиме обид кон стекнување на вистинска доблест, да придобиеме нераспадливи богатства, кои се почисти од најчистото злато и подрагоцени од најскапоцениот камен. Ние сме повикани да станеме живи храмови на Бога, за Божјата благодат да се всели во нас, та кога ќе ја придобиеме, да ѝ дозволиме како силен кормилар да го управува бродот на нашиот живот. Таа ќе го претвори нашето срце во бескраен океан на љубовта кон Бога, од чијашто длабочина ќе ги извлекуваме најсјајните бисери – добродетелите – со кои неизмерно ќе ги радуваме нашите ближни!

А има ли поскапоцен и посјаен бисер од нашата Преблагословена Дева Марија, чиешто срце било преисполнето со Божјата благодат, со надумна благодушност, нежност, кротост, со силна вера и беспрекорно послушание кон Бога и нејзините свети родители! Воспитана во благочестие, воведена и израсната во ракотворниот храм Божји, таа станала неракотворен и жив храм на Бога Словото Кое во неа се всели и од неа се роди; таа ни ја отвори вратата од Небесната скинија и ни ја покажа прекрасната одаја на вечните и нераспадливи блага, и не само што ни ја покажа, туку и ни стана верна помошничка во делото на стекнувањето на благодатта Божја, храбра сопатничка во животот според верата, скала по која се искачуваме за да стекнеме вистинска доблест и совршена љубов.

Можеби затоа нашите Свештени монашки Обители толку топло низ химни и песни ѝ се молат, толку ревносно ѝ служат на Мајката Божја, благодарејќи ѝ што таа на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, а преку него и на целото наше братство и сестринствата, му е голема помош и поткрепа во богоугодната мисија за спасение на човечките души, за нивно преобразување во духот на верата и отворање за примање на благодата Божја.

Пресветата Богородица, како силна застапница во делото на духовното подигнување, нека го сочува во мир нашиот народ, мајчински нека го прегрне и благослови, и нека биде силна молитвеничка пред престолот Божји, особено за просветление на нашите млади генерации. Амин.