Блажениот тримир – Јаковова борба со Бога

Биди будна, душо моја, и бори се како некогаш големиот патријарх (Јаков), да стекнеш дела со разум, да бидеш ум што Го гледа Бога, да го достигнеш незаодниот самрак на божественото созерцание и да бидеш негов голем корисник.

Од канонот на Свети Андреј Критски

Потоната во таинствениот, покајнички мрак во храмот, каде светлината на денот ја заменуваат тивките пламенчиња на кандилата и душегрејните зраци од чудесното богослужение, Бигорската Обител со своите монаси и стотината ревносни млади верници, благодатно го помина и годинешново блажено тридневие на целосно воздржание од храна и вода. Беше тоа навистина еден подвиг на духовно очистување и пресек со световните грижи и страсти, едно издигнување на духот над телото и дејствително разумно будење. А за тоа што се случува во душата на еден предан воздржливец во времето на тримирот, но и општо за време на Великата Четириесетница и духовните борби, мошно сликовито објаснува нашиот старец Партениј, во еден синаксис со своите монаси, чија тема е токму таа борба за духовно будење:

„(…) А што друго би можело да биде духовното будење, ако не една напрегната борба? Токму тоа е нашиот монашки подвиг, деца, – борба. На прв поглед, борба со себеси, но во една подлабока, созерцателна смисла – борба со Бога. Да, имено тоа – борба со Бога! Се сеќавате ли на онаа чудна борба на Јаков во ноќта со Некого? Колку возвишен настан од Стариот Завет! Повозвишен не може и да биде! Еден смртен човек, еден сон, необичен Посетител во сонот, една борба. Јаков се бори со Некого во ноќта. Библиско приповедание полно со значење и длабочина, кое одново и во секое време се одигрува на поприштето на молитвата.

Јаков го измамил татка си и, посоветуван од мајка си Ревека, го украл благословот што му припаѓал на брат му Исав и потоа побегнал. Поминале дваесет години и утре треба да се сретне со братот кој му постанал непријател, желен за одмазда. Се плаши. Што ќе биде со него? Во оваа ноќ, во длабока осаменост, размислува и се задлабочува во својата душа. Се соочува со минатото и се прашува за иднината. Во непријателство е со татко си и брата си. Слаб е, неодлучен, колеблив и обесхрабрен: Спаси ме од рацете на братот мој, од рацете Исавови, оти се плашам од него да не би кога ќе дојде да ме убие (Битие 32,11). Не може никако да се ослободи од стравот и да поверува на Божјото ветување дадено претходно, дека неговото потомство ќе биде колку песокот на земјата; и дека сите племиња на земјата ќе се благословуваат со него и во потомството негово (сп. Битие 28,14). И како одеднаш, после таа необична ноќ и борба, Јаков од слабак станува Патријарх и го добива името Израил, борец со Бога?

Неговата преобразба се случила ноќе, во самотија. Ја избрал ноќта како свое прибежиште. Време во кое може да се издигне над секојдневната суета и грижи, над минливите задоволства и беспокојства, радости и таги… Ноќе неговиот телесен вид замира, а духовните очи му се отвораат. Мислите му се возвишуваат нагоре, неговиот поглед се шири. И што се случува во оваа, за него дотогаш невидена ноќ? Нападнат е. Непознат напаѓач се впушта кон него и тој ја прифаќа борбата. Се борат напрегнато и борбата трае сè до зори. Дури тогаш напаѓачот ги изговара своите први зборови: „Пушти Ме веќе, зора е!“ Но Јаков не попушта, туку поставува услов, вели: „Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш“. Во една прекрасна прегратка продолжуваат да се борат еден со друг. И му рече: „Како се викаш?“ А тој одговори „Јаков“. Тогаш му рече: „Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израил ќе е името твое; зашто храбро се бореше и со Бога, па и со луѓето силен ќе бидеш“. А Јаков праша и рече: „Кажи ми го името Твое!“ А Он одговори: „Зошто прашуваш за името Мое, кое е чудно?“ И го благослови таму. И Јаков го нарече она место со името Фануил, зашто, рече: „Бога го видов лице в лице, и душата моја се спаси“ (Битие, 32,26-30).

Гледате? Јаков се борел со Оној во Кого го пронаоѓа вистинското себе, богосотвореното јас. Се борел со Бога. Постои еден чудесен, неопислив однос помеѓу Бога и човекот во молитвената самотија. Човек мора да биде сам да би го слушнал и почувствувал Бога, а и да се бори со Него во молитвата, за да би се изборил за нешто ново и големо. Бог на некој начин сака да Го восхитиме со нашата ревност, со нашата упорност.  Јаков ја докажал својата непоколебливост да се соочил со Бога, бил дури и повреден – после таа пресвртна ноќ тој цел живот накривувал со едната нога – значи, отишол до крај, бил подготвен да се бори па макар и целосно да загинел. И бил победен, неспорно. Но да бидеш поразен од Бога, не е ли најголемата победа? Победа над сите победи; победа над гревовното јас, над исплашеното човече во мене самиот, над погубните страсти што ме делат од Бог. Има ли нешто поубаво од тоа!? Да бидеш достоен соперник на Бога во молитвата!

 Е, монашкиот живот е токму тоа – борба. Борба Јаковова – упорно даваш сè од себе, или поточно целосно се даваш самиот себе. Долгите монашки богослужби ни го докажуваат тоа. Овие чудесни служби ги создавале отци кои токму такви биле: ревносни во борбата да Го најдат и да се соединат со Бога. Сите знаеме колку е понекогаш напорно, особено во овој период, да се издржи службата; часови и часови, умот ти лета некаде на друго место, главата ти паѓа, очите ти се затвораат… Но, се бориш и издржуваш, се будиш духовно, Го бараш Бога: Боже мој, Боже мој, почуј ме; зошто ме остави? Далеку се од спасението мое зборовите со кои паѓам во грев. Боже мој! Те призивам дење – и Ти не слушаш, и ноќе – и нема мир за мене (Псалм 21,2). Боже, дојди ми на помош, побрзај, Господи, да ми помогнеш (Псалм 69,1).  Подвиг е богослужбата, навистина подвиг. Колку се долги православните богослужби, особено в манастир! И голем е благословот ако се трудиме да издржиме. Такво е православното богослужение – чудесно, таинствено, Божествено. Во него најмногу може да се почувствува духот на православното монаштво. Едно упорно барање на Бога. Борење со Бога! Подвиг… Давам сè од себе да стигнам до Него, макар и некогаш да Го чувствувам толку далеку, со километри… Оти, богооставеноста е лично мој проблем, не Божји. Далечината што ја чувствувам е поради моите грешки и ништо друго. Меѓутоа, колку далеку и да Го чувствувам, викам кон Него: „Твој сум јас, Боже, само Твој! Помилуј ме! Тебе Те барам, само Тебе Ти припаѓам“. Упорност е потреба, многу голема упорност. Тримирот што го изминавме, не беше ли една таква упорност? Тешко е, ти се јаде, коските те болат многу, а службите – страшно долги… Но сето тоа го занемарувам, оти го барам изгубениот Рај, Го барам Љубениот. Го барам Бога, Кој ќе ме поткрепува, Кој ќе ме милува, ќе ме благословува за мојот подвиг, ќе ми испрати благодат…“ (Извадок од синаксис на старец Партениј со браќата, одржан на 16 март 2016).

Нека подвигот на тримирот, за сите што со љубов го понесоа на себе, им биде за спасение на нивните и душите на ближните, како и за благослов на целиот наш христијански народ!