Благословен почетокот на Новото лето Господово

Господарот на Вселената трпи обрезание и, како добар, ги отстранува човечките прегрешенија; денес на светот му дава спасение, а во висините се радува и Создателовиот светлоносен ерарх и божествен Христов тајник, Василиј

(Кондак на празникот)

Денес ликува Црквата Христова, славејќи двоен празник: на Обрезанието Господово во осмиот ден достојно му се придружува и сеславниот спомен на столбот на Црквата, Светителот Василиј Велики. Оти, како што Господ се обреза за да ја прикаже Својата телесна сродност со богоизбраниот народ, така и Св. Василиј, сродувајќи се со небесните, ги отсече од себеси сите гревовни и плотски слабости и целиот се принесе како жртва богоугодна и света, станувајќи вистинска утеха на сираците, заштитник на вдовиците, кормилар на богатите, поткрепа на старите и педагог на младите, а за монасите правило на добродетелите. Својот ум го издигна во духовните височини и стана чисто огледало на духот и дом на Света Троица.

Како таков е достоен да биде прославуван во почетокот на новото лето Господово, поставувајќи пред верните светол пример за подражавање, како што и во животот со зборови и дела им беше учител не само на своите сонародници, туку и на сиот род православен. Барајќи го неговиот благослов и молитви за богоугоден тек на годината што доаѓа, браќата и сестрите на нашите свештени Обители, после молитвените ноќни бденија и Светата Литургија утрово, традиционално ги прекршија празничните василопити, поткрепени од благословот и татковските поуки на својот возљубен Старец, Архимандрит Партениј.

Свети отче Василие, кој си наречен со царско име, љубителу на мудроста и учителу на законот Божји, со воздржание му го покори сето телесно мудрување на духот и со добродетели се збогати. Испроси за нашиот народ благодат од Бога за во ова лето Господово што настапува да се надминат раздорите и искушенијата, да победи љубовта која е причина на најголемите добра, да раснеме во верата, оти таа е пораз на рамнодушноста, да се учиме на трпение кое ја победува раздразливоста и да стекнеме смирение, гаснејќи го огнот на гневот. Така, во нашата Татковина ќе зацари мирот и љубовта, и нашиот живот во согласие еден со друг и со нашите соседни браќа, ќе му биде угоден на Бога, привлекувајќи го Неговиот благослов.

На сите наши читатели им посакуваме благословено и богоугодно 2018то лето Господово, исполнето со духовно радование и благодатно веселие во Христа, Творец и Господарот на времето и вечноста!