(Видео) Богојавление во Ростуше и на Радика

Оној што се облекува со светлина како со облека, заради нас прифати да биде како нас, денес се облекува со Јорданските води, Самиот Он немајќи потреба од очистување, туку нам преку Себе да ни устрои обновување. О чудо! Без оган согорува, и без да крши наѕидува, и ги спасува во Него просветлените, Христос Бог и Спасителот на нашите души 

(Литиска стихира)

Благиот Господ, сакајќи да го исполни делото на спасението, денес на светот, во Својата троичност, Му се објавува и во Јорданските води влегува, за да му ја одземе силата на оној коjшто ја повреди човечката природа. Нашиот Христос се бори, за ние венци да примиме; Он војува против ѓаволот, а ние ја носиме победата над ѓаволот; Он главата на змијата ја смачкува во водата, а ние како законски страдалници сме крунисани; Он се крштева, а ние скверноста ја симнуваме од себе; на Него слегува Светиот Дух, а нам ни се дава простување на гревовите; за Него сведочи Отецот дека Му е возљубен Син, а ние стануваме синови Божји заради Него; Нему небесата Му се отвораат, а ние влегуваме во нив; Му се јавува вишното Царство на Оној што се крштева, а ние Го наследуваме; гласот на Отецот беше за Него, а нас нè повикува; Он Му е по волја, а нас нѐ прегрнува (Свети Јован Златоуст).

Денес гласот на Отецот извикува и за Свој Син Го објавува Оној Кој прифаќа од треперливата рака на Јован Претечата да се крсти; денес сето создание со благодатта на Бог Троица се просветлува: Духот Свет до водите се допира и ги осветува, за жедната наша душа да ја напои; денес луѓето на земјата радост небесна примаат и насекаде ја возвестуваат. Денес и големо мнозинство верни притекнаа во ростушкиот Богородичен храм, за да ја споделат својата празнична радост со братството и сестринствата од нашите Обители и да го побараат отечкиот благослов од нашиот Старец, Архимандрит Партениј, кој вдахнат од Божествената благодат го пренесуваше своето расположение на сите присутни, потврдувајќи ја со тоа чудесната длабочина на празничното собитие. Секако, огромна радост и благослов примија придојдените од сите краишта на Македонија, кои храбро се потопија во осветените води на реката Радика, а меѓу нив најрадосен беше просветниот работник Никола Аврамовски од Битола, што оваа година се удостои да го извади од водите на Радика крстот што нашиот Старец го положи во неа. По традиција, градоначалникот на општина Ростуше, г. Медат Куртоски , го даруваше со пригоден подарок, а нашиот Старец го благослови и него и сите што влегоа во осветените води, посакувајќи им небесно просвештение на нивните души.