„Кој е поголем во Царството Небесно“

Духовното образование на децата

Свештените Обители се место на непрестајно собирање на луѓето. Таму се открива еден друг свет, свет со поинакви закони, поинаква логика, живот различен од секојдневниот живот… Таму бојата на Христа е поприродна. Деноноќна средба со Светии, пеење и славење на Христа, радост заради видливото присуство на Невидливиот Бог. Сè е уредено така што Бог е сè во сè. Престојот во манастирите дава можност за божествени искачувања и духовен напредок. Таму луѓето, особено децата, се хранат со млекото на богослужбените слики и символи, икони, секојдневни празници, бденија, што го прави духовниот живот посилен. Манастирите, како детски радости и уредени градини, влијаат на децата Божји, така што тие кога заминуваат надвор од манастирот, ја живеат љубовта, познанието, искуството, новиот живот што таму го спознаваат и запознаваат. Тие растат меѓу монасите, стануваат големи и полезни членови на нашата Црква и општество.

(Архимандрит Емилијан Симонопетриски)

Светот на децата: богатство на благодат, разговор и дружба низ игра и славословие, силно и неповторливо доживување преку кое нова светлина и енергија продира во нашиот живот. Свет кој е особено богат, но едноставен, а ние возрасните, пак, сме прилично сложени, зашто се оптоваруваме со тоа да оставиме добар впечаток, зашто се фокусираме само на себеси. Во таа борба да ги освоиме и придобиеме децата, макотрпно се трудиме да ги научиме сите современи педагошки методи за полесно да го постигнеме тоа. Но не смееме да заборавиме дека светот на децата ќе го разбереме само тогаш, кога тие ќе ни дозволат да влеземе внатре во него. Вратата на тој свет ќе ни биде отворена само ако тие почувствуваат дека искрено и безрезервно ги сакаме, дека ние сме тие што се освоени од нив во миговите поминати заедно. А тоа се мигови на непосредна радост, но и на длабока сериозност во кои можеме да се соочиме со нашиот сопствен систем на верување и да видиме што во тој систем било изградено врз камен, а што врз песок. Она што сме го изградиле врз песок, вообичаената силна љубопитност на децата веднаш ќе го открие… И ќе го сруши. Затоа е многу важно да имаме добра претстава за себеси, за тоа какви сме и какви би требало да бидеме за да можеме да работиме со нив. Истовремено, мора да бидеме свесни за тоа со колку специфични личности се среќаваме.

Во оваа епоха на сѐ позасилен технолошки и електронски развој, од особена важност е да се разбере, дека за да се воспита добро дете не значи само да му се даде добро образование, туку да се биде пример за подражавање, да се биде некој во кого децата ќе видат силна личност која поседува капацитети да ги научи да го најдат своето место во општеството, без да бидат од него повредени, без да се озлобат кога ќе се сретнат со разните проблеми кои ги опкружуваат; оти сосема природно е детето да ги сортира понудените концепти за животот, да формира карактер според претходно направениот избор, да согледа дека слободата е духовна неопходност, зашто самиот негов духовен инстинкт повикува кон слобода, иако не секогаш со расудување. Треба да ги поттикнеме децата да сфатат дека се способни да ја променат современата традиција на критикување, очајување, самосожалување и креирање на негативни ставови, борејќи се со позитивната мисла, со божествената радост и љубов. А таков конструктивен систем на вредности може да понуди единствено Црквата, единствено христијанското воспитание, кое го стимулира, храни и негува духовниот имунитет на детето, го прави способно да им се спротивстави на сите зла кои денешницата може да ги стави пред него. Но, не да се спротивстави со тоа што ќе се затвори за светот во којшто живее, не да се асоцијализира, туку тогаш кога ќе ги забележи различностите, несовршенството и слабостите кај другите, да им излезе во пресрет со својата добрина и љубов, секому да му биде поттик за подобар и посветол живот, секого да го научи да му служи на доброто, да живее не само за себе, туку и за другите. Образувањето на срцето на детето е задача која е поважна од секој друг образовен систем. Денес кога интелектуалните способности се сметаат за критериум во знаењето, ние остануваме незаинтересирани и ладни за духовните вредности и затоа најчесто не сме во состојба да ја разбереме онаа мисла која се наоѓа надвор од умствените способности со коишто располагаме: во нашето срце. Затоа Црквата, и не само таа, туку и образовните институции се повикани да им помогнат на најмладите, давајќи им прилика да се образуваат и умствено, и духовно, за да можат да се соочат со самите себе, со своите внатрешни простори, да ги согледаат своите огромни духовни капацитети, да го изградат тој толку потребен однос со Бога и околината и да почнат да се преобразуваат во личности, кои ќе можат похрабро и поцврсто да се фатат во костец со тешко совладливите препреки во надворешниот свет. Оти Добриот Бог со Кого на својот животен пат се среќаваме сите ние, е Љубов и Негова цел е сите нас да нѐ научи на таа особено важна заповед: да љубиме. Секој миг во кој нашите деца покажале љубов е победа на патот кон таа цел, оти тоа ги прави нивните срца пошироки, поспособни да Го сместат Бога во себе, а заедно со Бога и сите други.

Активности од првиот летен камп по веронаука во манастирите Бигорски и Рајчица, јуни 2017г.

Нашата должност да бидеме учители и воспитувачи на доверените ни деца, повлекува и одговорност да станеме извор на духовна мудрост за нив. Тие треба да се потпрат на нас, на нашиот авторитет, но не на било каков, туку на оној што се согледува во принципот: онакви какви што сакаме да ги видиме нашите деца во иднина, такви треба и самите ние да бидеме секогаш кога тие доаѓаат во допир со нас. Знаете, децата често се чувствуваат задушени од сувопарниот формален пристап во тешката атмосфера на постојано „проповедање“, критикување, забранување, па дури и драматизирање. Забораваме дека најдобра проповед можеби е онаа во која, слободно, со непосредна радост и љубов општиме со нив. Им го даваме најдоброто тогаш кога тие ќе почувствуваат дека ни се многу важни, кога смирено и со љубов ги слушаме и се интересираме за она што сакаат да го изразат преку нивните мисли и чувства. Тоа ќе направи децата во нас да пронајдат не само вистински соговорници, туку и личности на кои тие можат потполно да им се доверат. Ние знаеме дека Бог ги сака луѓето само затоа што постои и дека Неговата љубов е постојана и никаква зла енергија не може да ја намали. Знаеме и дека љубовта е природна за Него и дека таа е секогаш слободна, динамична и лична енергија, а не нешто механичко. Човекот не може да биде принуден да љуби, оти љубовта се остварува во слободата. Љубовта, бидејќи е лична енергија, го наоѓа и дејствува во слободниот човек кој е создаден да го љуби другиот, да живее во заедница. И доколку, ние, возрасните, го засноваме нашиот живот на вредностите на љубовта, видени низ призмата на односот со другите, тогаш сосема природно е истото да им го пренесеме на децата, давајќи им со тоа најдобра можност да ја разбудат својата способност да љубат, да навлезат во прекрасниот свет на радоста, мирот, искреноста, незлобливоста, кротоста, кои сите заедно претставуваат плод на љубовта. Во една таква атмосфера, детето може да прими многу совети за промена во себеси, но не по цена ние, возрасните, да го наметнеме своето мислење, оти тоа повлекува спротивен ефект. Многу пати се покажало дека покорисен и поблагословен е дијалогот во кој ние ги слушаме децата. Секое дете е со различно ниво на интелигенција, со различни физички и духовни капацитети, но истовремено секое од нив е еден посебен свет и неисцрпен потенцијал на добрини. Затоа во работата со децата најважно е не толку да ја тренираме нивната волја, туку повеќе да ја привлечеме благодатта Божја во нас, за преку неа да можеме да навлеземе во нивниот свет и таму, во тие најискрени, најчисти и најнезлобливи простори, да се допреме со срцата и да се обидеме, заедно со нив, да Го повикаме Христа да се всели во нивните души.

Активности од првиот летен камп по веронаука во манастирите Бигорски и Рајчица, јуни 2017г.

Кога станува збор за манастирите, како омилени места за престој на децата, како детски градини во кои тие непрестајно се радуваат и на Бога Му славословат, тогаш секако дека нема да го заобиколиме прекрасното кажување на Архимандрит Емилијан Симонопетриски, кој сосема правилно забележал дека во Свештените Обители, кои се место на непрестајно собирање на луѓето се открива еден друг свет, свет со поинакви закони, поинаква логика, живот различен од секојдневниот живот… Таму бојата на Христа е поприродна. Деноноќна средба со Светии, пеење и славење на Христа, радост заради видливото присуство на Невидливиот Бог. Сè е уредено така што Бог е сè во сè. Престојот во манастирите дава можност за божествени искачувања и духовен напредок. Таму луѓето, особено децата, се хранат со млекото на богослужбените слики и символи, икони, секојдневни празници, бденија, што го прави духовниот живот посилен. Манастирите, како детски радости и уредени градини, влијаат на децата Божји, така што тие кога заминуваат надвор од манастирот, ја живеат љубовта, познанието, искуството, новиот живот што таму го спознаваат и запознаваат. Тие растат меѓу монасите, стануваат големи и полезни членови на нашата Црква и општество. 

Знаете, монасите го оставаат малиот семеен круг, ги напуштаат тесните кругови на семејството, за преку животот со Бога да се отворат за големото семејство на светот. Животот во Обителта, во молитва и свето послушание, го внесува монахот во една таинствена атмосфера на постојана радост, во живот пред Престолот Божји, во славата и светлината Господова. Не залудно истиот Архимандрит рекол, дека: „Монахот е секогаш еден добро расположен човек“. Оваа состојба на радост во личноста на монахот, кој како духовен родител привлекува мноштво народ, особено ги воодушевува децата. Тие во манастирот го наоѓаат светот во којшто, всушност, сакаат да живеат: светот на незлобливоста, на спокојното и среќно детство, зашто таму тие среќаваат личности што им се блиски по дух и чијшто живот се одвива во послушание кон Христа, Кој вели: Кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него (Марко, 10,15).

Нашите две Обители, Бигорската и Рајчичката, негуваат токму таква благородна мисија, според иницијативата на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, кој уште од самите негови монашки почетоци силно го прегрна подвигот за спасението на човечките души. Во контекст на ова е и иницијативата за работа со најмладите, која еве веќе неколку години го принесува својот богат плод. Многубројни се примерите во кои родителите, учителите и воспитувачите ја искажуваат нивната благодарност и трогнатост од промените кои ги чувствуваат после неколкудневниот престој на нивните деца кај нас. Многу сведоштва, кои не се пофалба за нас, туку за божествениот метод на љубовта и слободата во љубовта, што само ни дава повод уште повеќе да љубиме и прегрнуваме. Всушност, целата наша активност е насочена кон тоа да ја поткрепиме целокупната мисија во зачувување на традицијата на духовно воспитание и образование во слава Божја. Воспитувањето на младите во нашите манастири, пред сѐ има за цел правилна евангелизација и нивно вклучување во литургискиот живот на Црквата. Се трудиме да допринесеме за нив и во формирањето на општа култура, стекнување навики за заедничарење и социјализација во животот на современото општество. Освен запознавањето со православната вера, на децата им овозможуваме да се занимаваат и со креативна работа, византиско пеење, етика, јазици, но и разни игри и прошетки во живописната околина, непосредни искуства во манастирските работилници, кујната и градината. Тука е и омилената активност: богослужбите, кои за децата се највпечатливи, заради кои тие се воодушевени и нетрпеливо очекуваат повторно да го посетат манастирот. Од нашиот Старец тие имаат можност да научат многу за животот: дека не само што треба да го земаат најдоброто од светот, туку преку тоа што ќе се усовршуваат во подвигот на љубовта, да му го дадат на светот уште подоброто. Децата растат и учат со тие искуства, ги живеат и насекаде ги пренесуваат.

Како поткрепа во мисијата на нашите манастири – духовното образование на децата – се и активностите на неодамна формираната Асоцијација на професори по предметот „Етика во религии“, „Просветление“. Овој предмет, кој се предава во VI одделение и кој има статус на изборен предмет, имаме за цел да го издигнеме на повисоко ниво, имено тој да прерасне во задолжителен наставен предмет во образованието. Вложуваме труд и околу тоа да се реши статусот на професорите по „Етика во религиите“ во образованието, односно да се трансформира нивниот работен однос од определено на неопределено работно време, да се заштитат нивните права, потоа стручно да се доусовршат преку организирање на семинари, симпозиуми и конференции, преку подготовка и реализација на проекти кои ќе придонесат да се збогати наставата по овој предмет. Асоцијацијата има за цел и промовирање и спроведување на христијански, етички, едукативни, хуманитарни, граѓански вредности, како и афирмација на културното и духовното наследство на територијата на Република Македонија и надвор од неа. Во контекст на ова, во април 2017 год., во свештената Бигорска Обител беше организиран првиот семинар на Асоцијацијата, за кој огромна поддршка изрази нашиот Старец, Архимандрит Партениј, кој, всушност, секогаш несебично ги помага ваквите богоугодни активности. Овој семинар беше вистинска духовна поткрепа и полет за Асоцијацијата, во која се надеваме дека планираните активности ќе ја доживеат својата скорешна реализација.

За крај само уште нешто:

Оној што љуби го следи божествениот пример на снисходење, оти и Самиот Христос зборувал на начин кој им бил близок и разбирлив на Неговите ученици. Тоа многу пати е посведочено во Неговото Евангелие. Примерот на нашиот непогрешлив Господ треба да нѐ поттикне да ги разбереме потребите на децата, да стекнеме искуство во повисоките нивоа на духовниот интелект, кој е достигнување на мерата на детето – чистотата и верата. „Навистина“, вели монахиња Магдалена од Есекс, „важно е сите ние да напредуваме во богословието колку што е тоа можно за нас. Но, најдобриот одговор не е секогаш оној што го има ‘најдобриот’ богословски израз. Кога зборуваме со децата, целта е да им го претставиме она што го знаеме, но на таков начин тоа да ги вдахнови за тие да израснат богословски“. Средбата со децата во нашите манастири е можност и за нас, монасите, да влеземе во нивниот толку прекрасен свет, чијашто убавина останува присутна дури и тогаш кога тие ги напуштаат манастирските дворови. Го нема џагорот, но останува нивната непосредност, искреност, нивната љубов, посебната радост која тлее во нашите срца. И ние, монасите од нашите свештени Обители, заедно со возљубениот ни Старец, бескрајно Му благодариме на Бога што ни ја дал оваа можност духовно да ги прегрнеме и да ги сакаме децата коишто доаѓаат кај нас. Оти, сакајќи ги такви какви што се, прекрасни и посебни, постојано сме отворени за можноста да примиме уште повеќе љубов низ дружбата со нив.

Автор: Монахиња Ефимија (Зајковска)