Новата целивалница во Бигорски ги открива тајните на мијачката школа

Петре Гарката го издигнал овој украсен занает на ниво на црковна уметност. Тоа ми беше најголем предизвик и на тој начин е создадена и целивалницата за иконата „Достојно ест“, вели струшкиот копаничар Новица Столески, чија творба го збогати древното македонско светилиште во пресрет на празниците

Соборниот храм на св. Јован Крстител во древното македонско светилиште, Бигорскиот манастир, од неодамна е збогатен со нова дрвена целивалница (резбан иконостас) за иконата на пресвета Богородица. Насловена е „Достојно ест“ и изработена од струшкиот копаничар Новица Столески. Во неа е поставена светата икона, која во манастирот пристигна пред седум години и значително го збогати храмот посветен на чесниот Претеча. Игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, по негова идеја, тогаш го ангажира Столески да ја изработи оваа целивална икона. Во текот на работата тој ја следеше изработката и му даваше совети на копаничарот за длабоката резба приближно да го достигне нивото и да личи на бигорскиот иконостас, дело на копаничарската тајфа на Петре Филипов-Гарката.

– Столески покажа и докажа дека „Достојно ест“ е идентична на главниот иконостас што ја краси манастирската црква на Бигорски. Тој успеал до детали да го запази размерот на длабочината, поставеноста на елементите, флоралната орнаментика, минијатурите и внатрешните спирални носачи на столбовите. Разликата е само во однос на содржината на сцените. На целивалната икона се прикажани настани и мотиви од чудото на Пречистата, поврзано со нејзината света икона, а на иконостасот на црквата се прикажани сцени од Светото писмо на Стариот и Новиот завет, од житијата на Мајката Божја, св. Јован Крстител и други – вели отец Партениј.

Централно место во резбата има јавувањето на светиот Архангел Гаврил, како монах, кој на смирениот послушник на Гората Атонска, пред иконата на Богородица, го пее преубавото ангелско песнопение „Достојно е навистина да те ублажуваме, Богородице…“. Тој е претставен како со прст ги запишува зборовите на камената плоча. Наоколу неколку ангели држат во рацете свитоци на кои на црковнословенски јазик се напишани извадоци од Акатистот и канонот од службата за „Достоино ест“. На столбовите лево и десно се прикажани сцени на саможртвата на пеликанот за своите рожби, смртно отруени од злобната змија (симболика за Христовата крстна жртва), и живоносниот источник.

Целивалната икона е изработена во длабока резба, висока е над 3,5 метри, а широка над еден метар. Со убавината и грандиозноста го привлече вниманието на посетителите што дојдоа во манастирот за празнувањето на Божиќ.

Според Столески, тежината на изработката на ликовите во резба, особено кога ги има повеќе на една табла, е таа што нема можност за поправки, вниманието мора да е целосно, а работењето крајно внимателно.

– Во една пригода кога ме посети во моето ателје отецот Партениј ми рече: „Кога ќе е готова целивалницата, само пред неа ќе седам и ќе се молам на пресвета Богородица“. Тоа ми даваше сила и ми беше патоказ дека сум на вистинскиот пат. Благодарам на неговото трпение и молитви, како и на гостопримството во манастирот на монасите. Често престојував таму овие седум години, а малата табла со житието на „Достојно ест“ ја работев таму континуирано четири месеци. Ми помагаа моите соработници и ученици Даниел Колевски и Благоја Маховски, кои паралелно го изучуваат овој занает – вели копаничарот и додава дека иконостасот е резултат на 30-годишна работа и истражување во однос на материјалот, неговата подготовка, алатите, тајните на занаетот, на богословието и теологијата.

Употребени се над два кубни метри оревово дрво од охридско-струшкиот регион. Најзначајните сознанија за изработка и примена на алатот Столески ги добил од татко му Методија. Најголем дел од алатите е рачно изработен.

– Тајната на занаетот, пак, ги опфаќа спецификите на самата изработка: големината на елементите, длабочината на резбата, архитектурата, содржината. Тоа се тајните на мијачката школа, кој е единствена и творечка. Нејзините корени се на Света Гора, а целиот православен свет ја препознава оваа школа како чудо на православното црковно творештво. Петре Гарката го издигнал овој украсен занает на ниво на црковна уметност. Тоа ми беше најголем предизвик и на тој начин е создадена и целивалницата за иконата „Достојно ест“. Покрај украсот, таа има и своја дидактика, значи подучува за житието на иконата и за нејзиното значење. Со самото тоа станува дел од богослужбата.

Столески во моментов работи на целивалница од ваков тип за иконата на св. Георгиј Победоносец во Струга. Тоа е најстарата икона на Балканот од св. Георгиј. Во мај годинава ќе се одбележат 750 години од нејзиното настанување, а дотогаш целивалницата треба да биде готова. Потоа ќе продолжи со работа на целивалницата за иконата на св. Јован во Бигорскиот манастир, која треба биде готова до 11 септември 2020 година, кога Бигорскиот манастир ќе го слави големиот јубилеј, илјадагодишнината од постоењето.

Киро Кипроски