Се одржа традиционалната величествена струшка Литија

Вчера во Струга традиционално се одржа најмасовната Литија во Македонија во чест на светите мошти на Светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона.

И годинава, организатор на Литијата е Бигорската обител.

На чело на самата Литија беше член од Бигорското братство, кој го биеше клепалото, а потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворната икона на Св. Георгиј Победоносец, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Митрополитот Тимотеј и други Митрополити, и најпосле, најголемата светиња – моштите на Светиот во раскошно украсениот епитаф.

„Оваа година моштите на Светиот Победоносец Георгиј, покрај тоа што беа носени од страна на видни струшки граѓани, исто така беа придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите на којшто е претставен ликот на Св. Јован Крстител. Ова претставува, всушност, обновување на оваа сердарска служба, којашто и порано постоела при Бигорскиот манастир и имала улога да го заштитува. Зад сердарите оди сејменската гарда, исто така облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Св. Георгиј Победоносец. Оваа традиционална мијачка носија е, всушност, беспрекорно верна копија на раскошно везената зетовска носија од XIX век. Според иницијативата на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, облеките беа изработени од страна на нашата благородна долгогодишна пријателка и голем добротвор на манастирот,Елена Пандева, која за оваа цел, заедно со тимот од нејзината модна куќа „Елена Лука”, соработуваше со гостиварската работилница на семејството Јанкоски,со што се направи едно големо и многу важно историско дело”, велат од Бигорската обител.

Елена Пандева вели дека изработката на носиите, за неа лично и за целиот тим на Елена Лука, било вистински предизвик, а истовремено и голема чест и задоволство.

„За мене е голема чест и благослов секогаш кога имам можност и привилегија да соработувам со Бигорската обител и со нашиот Старец, Архимандрит Партениј по чија иницијатива овој пат во Елена Лука изработивме традиционална мијачка носија за сердарите и за сејменската гарда, која е беспрекорна реплика на раскошните оригинали на зетовската мијачка носија од XIX век. Она што е фасцинантно кај овие носии е перфектната рачна изработка на сите детали, како и богатите везови, што секако за мене лично и за мојот тим во Елена Лука беше предизвик да создадеме уметничко дело верно на оригиналот. Во изработката на носиите користевме волна, како што го правеле и нашите предци, а сите детали и богати везови се рачно изработени, што секако ја надополнува нивната историска и естетска вредност. Носиите се повеќеслојни, а секое парче има своја функција, кај носиите на сердарите на градите е поставен сејменски ќостек со ликот на Св. Јован Крстител, додека кај носиите на сејменската гарда е поставен ќостек со ликот на Св. Георгиј Победоносец. Целиот процес на изработка, од изучување на историјата и потеклото на носиите, до крајниот резултат, за мене беше пред сѐ многу значајно искуство, а да се биде дел од традиционалната струшка литија во чест на светите мошти на Светиот Великомаченик Георгиј, е чест и задоволство”, вели г-ѓа Пандева.

Во храмот на Великомаченикот во Струга, беше отслужена ктиторската Вечерна богослужба, после што следуваше молитвената Литија.

Оваа величествена Литија важи за најмасовна во нашата земја.