Молитва, радост и благословение низ седмиот камп по вероучение

Многу убава глетка е кога љубовта кон Бога ќе ги сплоти сите и оние кои Му се посветиле, и нивните мали гости во една прекрасна Божествена заедница на љубовта, радоста, милоста и сѐ друго што се раѓа во душите кога Бог ќе ги посети. А се раѓаат тогаш највозвишени мисли, најубави химни на љубовта, како оваа што толку спонтано и искрено се излеа од чистите срца на нашите мили пријатели од Прилеп, предводени од нивната наставничка по предметот „Етика на религиите“, Моника Дервеновска:

Поема од девојчињата:

Милни светлински зраци паднаа на прозорите,

нѐ погалија, нѐ пречекаа и Божјите порти ширум ни ги отворија,

порти кои преку рацете на милите сестри со радост нѐ примија.

Со нивното чисто срце, со нивната добрина, со нивната искреност и благослов,

благослов по кој ќе ги паметиме и чуваме во нашите мали срца,

во нашите искрени души и полни со топлина.

Топлина која ни ги стопли срцата,

ни ги стопли душите,

нѐ, насмеа, нѐ насмеа, нѐ развесели,

нѐ распеа, нѐ зближи со музиката,

со верата, со Бога,

со нашиот Спасител,

Оној Кој љуби, Кој сака, Кој простува, Кој нѐ чува и сослушува

кога сме тажни, кога сме среќни,

кога ни гори душата,

кога нѐ следи и прогонува тагата,

зближувајќи нѐ со здивот на тишината,

со тишината, со осаменоста,

кога надвладува помислата дека сме напуштени,

кога солзите не пресушуваат.

Но секогаш Бог е нашата надеж,

нашата сила,

нашата моќ,

нашата храброст,

нашето трпение,

трпение кое нѐ спасува,

нѐ спасува и со мир нѐ наградува,

мир кој нѐ успокојува,

нѐ, смирува, нѐ дарува со чесност, љубов, добрина,

добрина која нѐ зближува

со нашите сакани, со нашите ближни,

чии раце со љубов и топлина нѐ милуваат,

и со радост нѐ обвиваат.

А што е најважно од сѐ – нѐ сакаат.

Навистина, малку се зборови

со кои можат да се искажат,

да се кажат, да се раскажат,

овие чувства,

кои живот во нас пламнаа.

Давид Салатоски, 12 години: „Овие пет денови си поминав многу убаво и смирено. Никогаш не сум бил толку смирен. Многу ми е полесно, бидејќи денеска на ден 06.08.2016 ние ќе се исповедаме и утрешниот ден ќе се причестиме. Доволно имавме време да се помолиме за сите и да запалиме свеќа. За прв пат го видов и го запознав отецот Партениј. Тој е многу добар човек, а воедно и свет човек. Со добро срце, добра душа и човек што сака многу деца. Му ја честитам 21-годишнината од монаштвото, и уште долги години да поживее“.

Адријан Тренески, 11 години: „Прекрасни чувства и моменти, поминати со братството во Бигорскиот манастир. Се чувствувам прекрасно по изминатите пет дена, поминати со љубов кон Бога. Јас на овој камп по веронаука го запознав предобриот, пресветлиот и исполнетиот со љубов отец Партениј, кој е наш духовен татко. Исто така, ме воодушеви иконата која ја пронашол монахот Јован Дебарски. Не останав рамнодушен ни на Литургиите, кои зрачеа со љубов и вера кон нашиот Бог Господ Исус Христос“.

Дарио Вренцоски, 16 години: „Ви благодарам, оче Партение, што ме примивте во овој прекрасен Божји Манастир. Во овој Манастир за прв пат научив што е тоа исповед, молитва, монаштво, богослужба и живот исполнет со Божја благодат. Исто така, дознав дека денес Ви е монашки роденден. Нека Ви е среќен монашкиот роденден и уште долги години Бог да Ве благослови со живот, за да го предводите ова прекрасно избрано братство од Бога. Знам дека не случајно сум избран од Бога да бидам токму тука, на ова прекрасно место и да ги видам рајските убавини, коишто Творецот на сè ги создаде“.