Стражарницата и чешмата на влезот во Рајчица со нов разубавен лик

Деновиве, после повеќе од една година реставраторски активности, на голема радост на нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј и на монашкото сестринство на Свети Георгиј Победоносец, најпосле е завршена обновата на манастирската стражарница во Рајчица, заедно со прекрасната чешма што се наоѓа пред влезот на манастирот.

Ова е веќе втора реставрација на споменатиот објект, инаку некогашно егзархиско црковно училиште, кое било изградено во 1875 година и функционирало до 60-те години на минатиот век, бидејќи сѐ до тогаш селото било цело населено со жители Македонци со православна вероисповед. Но, за жал, поради неблагопријатните животни околности за време на балканските и Првата светска војна, како и поради процесот на миграција село-град после Втората светска војна, и во времето на комунистичкиот режим, дошло до тоа речиси сите жители од селото да се иселат, при што денес во него живеат само три православни фамилии. Првичната реставрација на црковното училиште беше спроведена уште при самата возобнова на Манастирот во 2001 година, кога тоа беше украсено со нова фасада, прозорци и покрив. Тогаш беше и пренаменето во стражарница. При обновата целосно беше сочуван симболот што се наоѓа на предниот ѕид од објектот, кој останува автентично да сведочи за историските прилики на времето кога било подигнато училиштето. Имено, ова тогаш многу значајно егзархиско школо, било финансирано од Црквата и тоа во тешките години на османлиското владеење, поради што, покрај крстот како знак дека станува збор за православно црковно училиште, на симболот била поставена и месечина, во знак на благодарност што од страна на османлиските власти било дозволено да се изгради училиштето.

Натписот со годината на градење на училиштето
Симболот на предниот ѕид на училиштето

Самата, пак, чешма пред училиштето била направена нешто подоцна, во 1882 година, од бигорскиот монах Неофит, вешт каменорезец. Од записите дознаваме дека истиот овој монах е заслужен за изградбата и на познатата Бигорска чешма што денес се наоѓа под тремот на храмот, како и за испосницата во близина на агиазмата на Живоносниот Источник – Балаклија, под манастирот. Подоцна, игуменот го задолжил да ја направи и оваа чешма, што тој ја украсил со прекрасен византиски крст и со уметнички изработен натпис, во кој ги навел годината на изградба и своето име. Со тек на време, изложена на негрижа и заборав, ѕидот делумно се распаднал, натписот избледнел, устецот потполно се уништил.

Натписот со годината на градење на чешмата
Крстот на чешмата

Благодарение на грижата на нашиот Старец и сестринството, а се разбира со помош на благочестиви дарители, чешмата повторно блесна во сета своја убавина, украсена со прекрасно извајан змејолик устец од месинг, подобно на бигорските чешми, дело на уметникот-вајар Миле Брцески и на мајсторите од леарницата „Панко“, како и со ново камено корито, за што се погрижи нашата богољубива дарителка Елена Пандева, директор на  компанија „Elena Luka Home“ од Скопје. Малку порано, во 2016 година, беше обновена и плочата со натписот во чест на паднатиот македонски херој Јован Симоновски, од страна на благочестивото семејство на г. Јаков Наумовски и нивната компанија „Не-Бра“ од Струга. Избледнетите, пак, букви од натписот на монахот Ноефит се само потенцирани со пигмент, бидејќи тие беа исклесани на самиот камен од овој вешт каменорезец на 19 век. Славејќи Го семоќниот Бог за сите Негови чудесни дела ја изразуваме својата огромна благодарност и кон сите оние кои благочестиво придонесоа некогашното црковно училиште, што денес служи како стражарница и неговиот особен украс манастирската чешма, да го добијат својот денешен прекрасен излгед.