13548

Заврши третиот летен камп по Веронаука

Секое знаење го збогатува човекот, но знаењето за Бога особено ја весели душата човечка. Можеби токму затоа децата се најмногу радосни кога учат за Бога и Неговата неискажлива љубов кон нив. Тоа го потврди и оваа група на млади учесници на летниот камп од Скопје и од други градови на нашата земја, кои во изминатите денови другаруваа со браќата и сестрите од нашите два манастири, заедно со нив учеа, ги упатуваа своите чисти молитви на заедничките богослужби во храмот, пожртвувано учествуваа во манастирските послушанија, трудејќи се во секој поглед да Му ја покажат на Бога својата искрена љубов и верност. Со истата таа љубов беа натопени и нивните пишани сведоштва, во кои ги искажаа своите впечатоци од дружбата со Бога и монасите:

Софија Тодоровска, 13 години: „Минатата година си помислив: поубаво не може да биде, но очигледно не бев во право. И оваа година Рајчица ќе остане како еден небесно син бран во морето на моите летни спомени. Радоста го намирисува воздухот со сладок мирис на смеа и неизмерна љубов. Петровденската Литургија на која богослужеше отец Партениј ја пренесе сета радост на искрената молитва врз сите присутни во Црквата. Сестрите, пак, ни ја дадоа сета љубов и грижа што постои и како да не си поминеш убаво!? Дружење, смеа, радост и искрена љубов без граници, молитва. Ова беа волшебно поминати денови, учејќи од сестрите и меѓусебно поддржувајќи се. Навистина прекрасно!“

Мила Игнатоска, 13 години: „Манастирот Св. Георгиј Победоносец во Рајчица има посебна енергија и мир уште при првиот чекор што го правиш внатре. Нема човек што не се вљубил во прекрасната тишина и спокој. Немам други зборови освен тие дека не сакам кампот да заврши и не сакам да се разделам од сестрите. Многу ги сакам, зашто имаат посебна енергија во себе. Тука научив што е хуманост и понатаму ќе се трудам да ги сакам и да им помагам на пријателите и на непријателите и секој ден ќе му се молам на Бога за сите луѓе од овој свет“.

Срна Ковачева, 13 години: „Манастирот Св. Георгиј Победоносец има посебно место во мојот живот. Во него го пронаоѓам својот спокој и мир. Часовите и овој пат беа многу интересни и поучни. Сестрите постојано ни пружаа многу љубов и со сето срце се трудеа да ни пренесат што е можно повеќе знаење. Голема благодарност до отец Партениј кој го благослови овој камп што за нас, децата, е искуство од големо значење“.

Ана Јовановска, 16 години: „Сите сестри се прекрасни и секогаш кога сум со нив чувствувам многу љубов. Тука сѐ е поубаво, ова место е неспоредливо и незаменливо. Секоја минута овде е исполнета и нема залудно потрошено време. Сѐ овде ќе ми недостига особено прекрасниот манастирски леб“.

Константин Темелков, 13 години: „Отец Партениј, јас ви благодарам за тоа што ме примивте во овој преубав манастир… Мене оваа година ми беше многу убаво: пеевме на црковнословенски јазик, учевме за светата тајна Причест и за светиот путир и дискос… Најинтересно ми беше кога месевме леб и потоа ни го дадоа да го јадеме. Исто така, јас и се исповедав… Отец Партениј, мене овој престој во манастирот ми го разубави и целиот летен распуст“.

Илија Кузмановски, 10 години: „Како прво, сакам да му се заблагодарам на отец Партениј што нè прими во овој камп. На кампот имавме многу активности во текот на 4 дена: имавме часови по пеење, веронаука, учевме за Литургијата, гледавме христијански филмчиња, шетавме во близина на Манастирот, правевме лепчиња, полневме темјан и уште многу разни работи“.

Трајче Динев, 12 години: „Му благодарам од целото срце на отец Партениј што нè прими во манастирот… Ми беше интересно кога слушав Литургија, бдение, канон, и многу занимливи филмчиња. Задоволство ми е да го опишувам манастирот, но колку и да го опишувам не е доволно. Ви благодарам од сè срце! Бог да ви е на помош. Амин!“

Горазд Костадиновски, 13 години: „Најпрво од сè, му благодарам на отец Партениј што го основа кампот. Научив да пеам, повеќе да се молам, и најдобро од сè е што повеќе научив за верата и за Господ… Тука монасите нè научија повеќе да си ја сакаме верата. Нè научија да се сакаме брат со брат, да си помагаме едни на други“.