Заврши четвртиот летен камп по веронаука

Продолжува летното дружење со најмладите низ заеднички литургиски живот, учење за Бога и игри. Овој пат гости на нашите манастири беа децата од Радовиш и Струмица. Еве како тие ги доживеаја овие неколку дена поминати во нашите манастири:

Марија Прастова, 14 години: „Благодарна сум и среќна што бев дел од овој прекрасен камп, што стекнав нови пријателства и научив многу нови и поучни работи. Ми беше задоволство секој ден овде да ги гледам насмеаните лица на сестрите. Правеа да се чувствувам исполнето, душата ми се стоплуваше кога го слушав нивното усогласено пеење. Приказните кои ги слушавме на часовите по Веронаука беа многу поучни и ме натераа да размислувам за многу настани. Овде, меѓу другото, научив дека грешките и гревовите што си ги направил можат да ти бидат простени од Бога. А кога искрено ќе се покаеш, исповедаш, тогаш ти олеснува на душата, како што се почувствував и јас овде. Пресреќна сум што постои камп како овој, се надевам дека и до година пак ќе бидам дел од него“.

Сара Стојанова, 15 години: „’Најголемото богатство кое може да го поседува еден човек е она духовното‘ – лекција која многу добро ја сфатив овие неколку дена. Почувствував што значи да се сака и верува во Бога. Насмевките на сестрите, онаа посебна искра во очите и енергијата со која зрачат, само повторно ми докажаа колку голема може да биде милоста Божја… Многу работи научив слушајќи ги приказните од Евангелието, песните и молитвите, кажани и испеани од сестрите. Стекнав и нови другарки, па дури и сфатив дека исповедта не е ништо страшно. Признавањето на гревовите пред Бога ни ја ослободува душата и ни овозможува мирно да спиеме. Благодарам отец Партениј за тоа што ни овозможивте да почувствуваме дел од убавините на манастирот. Големо благодарам и до сестрите заради кои ќе си одиме дома со срца полни со мир, спокој, радост и љубов. Со нетрпение го чекам моментот кога пак ќе ве видам“.

Симона Ефремова, 16 години: „Драг отец Партениј и драги сестри, ви благодарам што го организиравте сето ова. Вие нѐ научивте како да се молиме, како да го славиме името Божјо, и да веруваме во Него, нѐ научивте на тоа како да ги сакаме луѓето и да ги почитуваме. Ви благодарам што за овие кратки пет дена нѐ научивте како да го сакаме ближниот како себеси. Бескрајно сме благодарни што нѐ примивте во овој прекрасен манастир. Детскиот црковен византиски хор секогаш ќе се моли за вас“.

Сара Тасева, 14 години: „Најпрвин едно големо благодарам на отец Партениј, кој овозможи овие прекрасни моменти да станат дел од мојот живот. Им благодарам и на прекрасните сестрички кои секојдневно ставаа насмевка на моето лице. Овде од нив научив многу за духовниот живот и за нашата Пресвета Мајка Богородица. Ви благодарам од сѐ срце, се надевам дека ќе дојдам и следната година, а до тогаш секој ден ќе се молам за вас“.

Марко Филев, 13 години: „Драг отец Партениј, многу Ви благодарам што нè примивте во овој прекрасен манастир по втор пат и што ни овозможивте да научиме многу работи за Бога. Овде се одморивме од надворешниот свет и научивме како треба еден Христијанин да Го слави и да се радува со Бога… Некои од нас се исповедаа и си ја олеснивме нашата душа, така што Бог нè помилува… Сега повеќе знаеме за нашиот Бог Створител во Три Лица и за Неговите верни слуги Ангелите и луѓето“.

Матеј Шапков, 10 години: „Овде ми беше многу убаво. Секој ден го поминував со помагање на монасите и се молев и секогаш се чувствував многу добро. Научив дека не треба да лажеме, да се караме, да се тепаме, да бидеме горделиви, туку дека треба да се молиме, да се исповедаме, да се причестуваме и да Го славиме Бога“.

Дарко Христов, 16 години: „Кога дојдов во манастирот се запознав со монасите и бев многу среќен што толку убаво нè примија. Почувствував една голема радост и срцето и душата ми се наполнија со среќа. Останав без здив, тоа чувство не можам да го опишам. По секоја богослужба наутро јас бев пресреќен и Му благодарев на Бога, затоа што сум сега овде… Сè беше прекрасно и убави, и им благодарам на монасите и на отец Партениј, што благослови да дојдеме овде на посета“.