Втор семинар на професорите по предметот „Етика во религиите“

Во периодот од 27-28 ноември 2017 лето Господово, во х. „Молика“ во Битола, со благослов на Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, а под покровителство на Скопската, Преспанско-пелагониската, Повардарската, Брегалничката и Струмичката епархија на Македонската православна црква, Асоцијацијата на професорите по предметот Етика во религиите „Просветление“ (АПЕР „Просветление“), спроведе дводневен меѓународен семинар со работен наслов: „Христијанското образование во Европа“. На отворањето на семинарот, во името на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, на учесниците се обрати Неговото високопреосвештенство, Митрополитот преспанско-пелагониски и Администратор австралиско-новозеландски г. Петар, кој во својата беседа се осврна на потребата од посериозното присуство на предметот Етика во религиите во образовниот систем, како и на полезноста од неговото изучување. Митрополитот, од името на сите професори по предметот, ја прими и молбата до САС на МПЦ за конкретно барање до Владата на Р. Македонија за воведување на овој предмет како задолжителен.

На покана од АПЕР „Просветление“, како и со благослов на Неговата светост, Патријархот бугарски г. Неофит, на семинарот присуствуваа и со свои предавања се обратија и гости од Бугарската православна црква (БПЦ). Раководителот на Одделот при Светиот синод на БПЦ за односи со јавноста, г-ѓа Александра Карамихалева се обрати со предавањето „Црквата и општеството во контекст на усилбите за запазување на традиционалните вредности во современа Европа“, во кое ја предочи современата состојба на менување на системот на вредности во денешна Европа, која се откажува од христијанското наследство и каде што се води отворено наметнување на правата, односно апсолутната слобода на човекот да прави што ќе посака, без разлика на достоинството, на сметка на моралните принципи, кои својата најсовршена форма ја имаат во христијанскиот евангелски кодекс. Таа посочи и дека во денешниот свет и светоглед, ралативизирањето е основниот закон во пристапот и сфаќањето и тоа доведува до замена на христоцентричниот карактер на сè што постои, на сметка на антропоцентричниот – кога човекот се става во средината на сè, кога општото добро се жртвува за личното, кога есхатолошкото блаженство е нереалност и се поттиснува со сите средства за сметка на блаженството овде и сега. Во тој контекст г-ѓа Карамихалева го предочи искуството на БПЦ и нејзината вклученост во општествените процеси, а во насока на сочувувањето и применувањето на традиционалните вредности во општеството.

Господинот Ангел Карадаков, како уредник на двата најзначајни црковни информативни тела во Бугарија – официјалниот сајт на БПЦ и бев-порталот „Добротољубие“, го сподели своето искуство во црковната публицистика, оценувајќи ја како средство кое помага во мисијата на Црквата. Во своето предавање „Црковното Евангелие преку медиумите“, тој ги запозна учесниците на семинарот со развојот на црковните медиуми како и со последните согледувања на бугарските црковни великодостоинственици, во таа насока и се поотворената и професионална медиумска политика на Синодот на БПЦ, за важната улога на медиумите во општеството, како и за тоа дека тие се популарно и современо средство во распространувањето на Христовата вистина.

Со своето предавање „Христијанската слобода и предизвиците на неолиберализмот во врска со темата за христијанското образование и современа Европа“, доцентот на Богословскиот факултет во Софија, д-р Костадин Нушев, ја истакна важноста на просветителството, согледано низ опитот на светите браќа Кирил и Методиј и на нивниот најдаровиот ученик – свети Климент Охридски. „Во денешно време и ние сме повикани да чекориме по стапките на нашите првоучители и на нивните ученици, и да ги поведеме нашите народи на еден достоинствен начин кон семејството на обединета Европа. Да ги зачуваме нивните традиции, но и да ги обновуваме, заради просвета на новите поколенија млади луѓе, та останувајќи верни на тие завети и не губејќи го нашето христијанско наследство да се зацврстуваме во нашата православна духовна самосвест“. Во таа насока, доц. д-р Нушев ја истакна потребата од религиозната поука во образовниот систем на една држава, кое ќе помогне да одговориме на предизвиците на денешниот современ свет.

Првиот дел од семинарот заврши со обраќањето на г-ѓа Жанета Чонтева од Бирото за развој на образованието при Министерството за образование на РМ, која спроведе и практична вежба, како еден вид на обука, со професорите по предметот Етика во религиите.

По неделната Литургија во храмот „Пресвета Богородица“ во Битола, вториот ден од семинарот помина во следење на предавања од домашни гости. Доц. д-р Анета Јовковска од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје, со своето предавање „Застапеноста на христијанското образование низ европските земји“ даде опсежни податоци за застапеноста на веронауката, во различни форми, во Европа, а со своето споредбено истражување, го докажа позитивното влијание на предметот Етика во религиите во животот на младите кои го изучуваат, како и предноста што ја има истиот во оформувањето и влијанието на детската личност во споредба со конкурентните изборни предмети.

Наставниокот по Етика во религиите, г. Петар Миленков, во своето обраќање, врз основа на сопственото долгогодишно искуство, како и заклучоците до кои дошол преку согледувањето на фактите во својот еднодецениски стаж во оваа работа, ја оправда потребата од постоењето на предметот Етика во религиите во македонското образование.

На крајот се обрати и претседателот на АПЕР „Просветление“, презвитер Бобан Митевски, кој ја посочи важноста од тоа современиот македонски вероучител да го гради својот личносен интегритет и капацитет согласно преданието на светата Православна црква, покажувајќи се како вистински достоинствен сведок и проповедник на христијанското спасоносно благовестие.

Семинарот заврши со опсежна дискусија врз предавањата слушнати во двата дена, како и со договарање на позиции и разгледување на сите аспекти при барањето на Асоцијацијата за воведување на предметот „Етика во религиите“ како задолжителен предмет во образованиот државен систем на Р. Македонија.

АПЕР „Просветление“ се заблагодарува на сите кои со својот придонес се вложија во остварувањето на овој дводневен семинар, и тоа: Скопската, Преспанско-пелагониската, Повардарската, Брегалничката и Струмичката епархија на Македонската православна црква, Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, АД ЕЛЕМ, хотел „Молика“, г. Тони Лакордов, Мл-Гари доо, АД „Транскоп“ – Битола, како и Македонската радио-телевизија и националната телевизија Канал 5.