6984

Заврши петтиот летен камп по Веронаука

Духовната мудрост: тој непресушен амбар кој во себе ги содржи сите добродетели; ризница на скапоцености кои блескаат со сјајот на верата, мирот, искреноста, надежта, смирението, молитвата, кротоста, љубовта… Непотрошливо богатство од кое колку повеќе земаш, толку повеќе го исполнуваш; наука за радоста божествена која доаѓа и во срцето на секој човек внесува свети чувства, со кои тој живее и се обожува; божествена утроба од која се храни и развива душата човечка, онака како што детето во утробата на мајката се храни и развива, се гради од непосредниот контакт со неа.

Застапништвото на Светиот славен Крстител и Претеча Господов Јован, закрилата на Св. Георгиј Победоносец, но и на многуте други Светии кои благодатно ги поткрепуваат нашите две свештени Обители, ги прават нив скапоцен духовен амбар, омилен за најмладите. Затоа, по 5 – ти пат ова лето, Бигорскиот и Рајчичкиот манастир последниве неколку дена беа домаќини на речиси педесет деца од Охрид, кои со своите најискрени насмевки, љубов и чистота внесоа уште повеќе богатство во нашата духовна ризница. Нивните, пак, срца напоени со божествена мудрост, излеаја прекрасни зборови, од кои еден мал дел ви пренесуваме и вам:   

Ивана Црвенкоска, 16 години: „Овде сестрите се како извор полн со љубов, мир, спокој, смирение, трпение, вера, сложност и разбирање. И секој од нас има можност да пие од тој извор и да го збогати духовниот живот. Тука ги почувствував најискрените и најтопли прегратки. Тука Го познав Бога, тука научив како да живеам и што е животот. Го отворив моето срце за во него да се всели Бог и сите луѓе. Сестринската љубов ме возвиши. Овде сѐ правевме со љубов и молитва, се дружевме и Го славевме Бога“.

Исидора Костовска, 12 години: „Мирољубието е дар од Бога. Да го поседуваш, тоа значи да си многу смирен човек. Таков мир пронајдов во манастирот Св. Георгиј Победоносец во Рајчица. Чувството дека сум во овоземниот рај ми го стоплува срцето и ми ја отвора душата за молитва кон Бога. Петдневната екскурзија во ова чудесно место двојно ја зголеми мојата љубов кон Црквата. Таа љубов уште повеќе се зголемува кога погледот го красат детските рачиња што бојат на хамерите и така Го прославуваат Бога, Веронауката од која многу научивме за мудроста. Ете, молитвата нека ја заврши оваа приказна, а верата, надежта и љубовта нека се насадат длабоко во нашите срца“.

Кристина Каланоска, 14 години: „Мирот не се пронаоѓа лесно, но јас тој мир секогаш го наоѓам во женскиот манастир во Рајчица, каде доаѓам веќе 3 години. Таму е како во рајот. Понекогаш се чудам како е можно да има толку љубов, мир, спокој и трпение на едно место, оти тоа никаде го нема. Овде владее некое посебно чувство кое сите нѐ поврзува со Господ. А сестрите и отец Партениј се тие кои ни помагаат да го добиеме тоа чувство. Од нивните очи извира љубов која е толку голема, што има за секого. Со своето трпение тие можат да ги отворат сите врати, а со својата мудрост сите да нѐ нахранат. Жалам што денес морам да си одам“.

Христијан Николоски, 11 години: „Јас првпат доаѓам на летен камп во манастирот Св. Јован Крстител Бигорски, и си поминав многу убаво. Го посетивме овоштарникот, секој ден по три пати одевме на служба во црквата. Ги запознав сите браќа. Ми се допадна тоа што додека јадевме се читаше молитва, а и собата каде што спиевме. За крај сакам да се заблагодарам на отец Партениј и монасите за добрината и љубовта. Другата година пак ќе дојдам“.

Константин Лушески, 10 години: „Им благодарам на отците за поуките кои ни ги даваа овие пет дена, за тоа како да се молиме на Бога, како да бидеме трпеливи и понизни пред Бога и ближните. Монасите ни читаа поучни приказни за Бога, напишани од мудрите писатели, ни помогнаа да ја исчистиме душата со исповед и со прекрасните богослужби и пеење. Ни помогнаа да научиме нови работи преку обврските што ни ги даваа. И бидејќи многу ми се допаднаа отците и манастирот, јас сум сигурен дека ќе дојдам повторно“.