7891

САС на МПЦ-ОА со официјално соопштение го поддржа договорот меѓу Р. Македонија и Р. Бугарија

Светиот архиерејски Синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА) на својата седница, одржана на 25 септември 2017 година, го донесе следново:

 

СООПШТЕНИЕ

 

САС на МПЦ во пресрет на централната прослава „50 години од возобновувањето на автокефалноста на МПЦ – ОА“ која ќе се одржи на денот на Соборот на сите македонски свети, на 30 септември и 01 октомври 2017 година, во Охрид, упатува торжествен проглас до својот благочестив верен народ, чесното свештенство и преподобното монаштво, да земе учество за заедничко славје и споделена радост за овој голем црковен Јубилеј – 50 години опстој за автокефален статус на МПЦ – ОА во семејството на помесните православни Цркви.

Во оваа јубилејна година за МПЦ – ОА, Владите на Република Македонија и Република Бугарија објавија акт за пријателство, добрососедство и соработка, чин во кој може да се препознае модел за решавање на отворените прашања од минатото со цел да се гради иднината меѓу братските соседни народи во рамките на евро-интеграциските процеси.

Ваквите договори, покрај регулирањето во општествената сфера, можат да помогнат и во решавањето на отворените црковни прашања и да остварат своја конструктивна рефлексија во градењето на релациите меѓу црковните структури во регионот.

По полувековен опстој за автокефалниот статус на МПЦ – ОА, Синодот ја изразува својата надеж дека се ближи времето кога Сеправославната црковна полнота ќе ја препознае и прифати македонската црковна реалност, олицетворена во автокефалната МПЦ – ОА.