Романија гласаше против озаконување на еднополовите „бракови“

Извор:

Неодамна, Романскиот парламент со големо мнозинство ја поддржа граѓанската иницијатива за измена на Уставот, во поглед на дефинирањето на семејството. Од сега семејството мора да се смета за заедница заснована на доброволен брак помеѓу „еден маж и една жена“, додека претходно законот беше формулиран како сојуз „меѓу сопружниците“. Тогашната прохомосексуална формулација се појави во Уставот од 1991 година, изготвен по падот на социјалистичкиот режим.

Измената беше поддржана од големо мнозинство – 232 пратеници, против се изјаснија десет пати помалку (22), 13 беа воздржани, а додека, пак, 3 не зедоа учество во гласањето. Без оглед на ваквата убедлива победа, сѐ уште е рано за радост: 30 странски амбасадори едногласно истапија против одлуката на Домот на пратениците. На 11 мај тие издадоа заедничка декларација, со која се осудува решението на романскиот законодавен орган, потпишана од страна на амбасадорите на 30 земји, како и од страна на претставникот на Европската комисија. Исто така, во декларацијата беше соопштено за геј парадата предвидена на 20 мај, при што како место на нејзино спроведување беше избран самиот центар на романската престолнина, Триумфалната арка. На парадата ѝ претходеа цела низа мерки спроведени во периодот од 14 – 20 мај, во заштита на сексуалните малцинства, вклучувајќи и филмски проекции, театарски претстави, трибини и конференции. Деновите 16 и 17 мај беа прогласени за денови на Европарламентот и посветени на разговори и програми за борба против „хомофобијата, трансфобијата и бифобијата“. Сепак, дождот што го погоди Букурешт на 20 мај за време на геј-парадата на гордоста, речиси ја уништи истата.

Усвоената измена на Уставот од страна на пратениците е испратена во Романскиот Сенат за одобрување. Во случај на потврда, амандманот мора да биде ратификуван од страна на Претседателот на Романија, по што следи Референдум, со кој ќе одлучи дали да се промени или не Уставот на земјата. За Референдумот да биде признат, во него треба да земат учество најмалку 30 % од граѓаните на Романија. Сепак, на 17 мај, 33 членови на Европарламентот возглавени од Улрика Лунчек, во отворено писмо ги замолија романските власти да не го спроведуваат овој референдум.

Во Молдавија исто така беше прекината геј-парадата што се одржуваше на 21 мај во Кишинев. Стотици верници излегоа на улиците во поддршка на традиционалните вредности и не им дадоа на сексуалните малцинства да го завршат својот марш. Полицијата, со автобуси кои ја придружуваа парадата, ги евакуираше нејзините учесници.

Имено на половината од планираната маршрута, православните верници излегоа и ја блокираа улицата, носејќи знамиња и плакати во рацете и пеејќи црковни химни. На плакатите беа испишани пароли како: „Молдавија – православна земја!“, „Мама, тато, јас – тоа е семејство!“, и многу други натписи во заштита на традиционалното семејство.