2859

Господ ги создал луѓето за да живеат

Извор:

На Универзитетот по психијатрија во Русија, се појави предлог да се запре со спасувањето на недоносени деца, под изговор дека наводно „се мешаме во божествените работи“.

Ви го пренесуваме ставот на јеромонах Теодорит Сенчуков, во врска со споменатиов предлог.

„Идејата за божемно ’мешање во Божјата промисла‘, е една антихристијанска, антиправославна идеја и типичен пример на класичниот светски хуманизам. Класичниот хуманизам (не она што ние сега под тој поим подразбираме, туку така како што во почетокот тој беше толкуван), е ерес на обоготворување на човекот. Сите многу добро се сеќаваат дека еден од првите идеолози на хуманизмот бил Варлаам Калабриски. Тој бил противник на Св. Григориј Палама и познат еретик.

Хуманистичкиот пристап го става човекот на прво место. Под ова се подразбира: комфор, квалитет на живот, што е логична последица на таа идеја. И според таквото толкување, негата на дете, коешто во иднина претежно ќе биде болно, или инвалид, или едноставно често ќе боледува, навистина нема смисла. Но, ајде да зборуваме за тоа дека Господ ги создал луѓето за тие да живеат, зашто најпосле, доколку Господ не сакаше луѓето да живеат, немаше да се мачи да ги создаде.

Доколку расудуваме според христијанското сфаќање, нема да ја поддржиме идејата ниту, пак, предлогот на научниците од споменатиот институт. Црквата никогаш нема да се согласи со тоа. Во Светото Писмо, во книгата „Премудрост Сирахова“, се вели дека лекарот треба да се стреми кон продолжување на животот. Во тој текст не стои дека треба да се стреми кон продолжување на животот и на луѓе кои тежат 5 кг., 25 кг. Овде станува збор за секој човек, па каков и да се родил. Лекарот е должен да се стреми кон продолжување на животот на човекот, без оглед на тешкотиите. Тоа е сѐ.

Да, ние сѐ уште не сме научиле да лекуваме. Некои болести ги лечиме, некои, пак, не. Но, тоа не значи дека не треба да се обидеме. Не трудејќи се да стекнуваме нови знаења, во опасност сме да останеме на степенот од каменото доба. Некој ќе преживее, на некој ќе му стане подобро, некому можеби и не – но, ние не треба да престанеме да се трудиме. Најпосле, Господ го создал човекот како творечка личност, кој се развива во секој поглед, па и во поглед на медицината.

И што значи тоа ’Осуден на страдање‘? Доколку родителите не сакаат да страдаат, најпосле државата создала поволни услови да го дадат детето на посвојување. Може и да го дадат во посебен дом за нега на лица со посебни потреби. Но, јас сум убеден дека повеќето луѓе, овде ќе нагласам нормални луѓе, грижата за такво дете доброволно ја примаат како свој крст.

Доколку ние сега зборуваме, дека луѓето ги осудуваме на страдање тогаш кога тие не сакаат да се грижат за своето дете, тоа истото ќе го направиме утре и за човекот кој не сака да се грижи за својата болна мајка. А потоа, нешто покасно ќе си направиме и договор, воопшто да не ги подложуваме луѓето на страдање. Што значи тоа? Дајте да ги убиеме сите? Затоа, повикувањето на ваков изговор е крајно неоправдано, бидејќи сите ние во својот живот претрпуваме страдања и ваквата идеја ќе создаде во нас навика, дека добро е да се ослободуваме од тие коишто ни причинуваат страдања.