Изјава на Света Гора поради расколничките движења после Соборот во Крит

Извор:

На 30 јуни во Кареја, Света Гора, се одржа вонредна средба на Свештениот Кинотис на Света Гора, во врска со расколничките движења после Соборот во Крит. Светогорските монаси ја искажаа својата загриженост поради таканареченото движење за „оградување“ на клирици и прекин на богослужбеното спомнување на помесните епископи…

„Се обраќаме кон сите со поздравот на воскреснатиот Христос: ’Мир вам‘. Нема причина за вознемиреност, бидејќи меѓу нас е воскреснатиот Господ. Соборот се одржа после долгогодишна подготовка. Пред Соборот сите подготвени текстови беа објавени пред верниците со можност да се изрази став. Во текот на годините, Света Гора јасно го изрази своето мислење за спроведените дијалози со инославните Христијани. И за време на седниците на Соборот Архиереите си ги изразија своите лични ставови. Некои од нив си ги искажаа своите мислења на еден смирен начин, без да ги прекинат врските со Црквата. Сето тоа е запишано…

Светиот Дух ја гради Црквата. Тој ја лекува болеста и ги надополнува недостатоците. Останувајќи во Црквата и изразувајќи ги своите недостатоци и болести, ние примаме лечење и здравје. Ако како луѓе застраниме, благодатта на Духот нѐ враќа на вистинскиот пат. Затоа секој страв е излишен, тој е пројава на маловерие додека сме во Христовата Црква. И четворицата источни Патријарси во историската енциклика од 1848 година, нѐ успокојуваат исповедајќи дека: ’Пред нас, ниту патријарси, ниту Собори успеале да воведат нешто ново, бидејќи заштитник на религијата е телото на Црквата, односно самиот народ, кој секогаш сака да ја запази својата вера неизменета и во согласност со верата на неговите отци‘. Затоа, не се оправдани стравовите и немирот, кои водат до расколи…

Со ова не сакаме да искажеме рамнодушност, туку да го истакнеме значењето на будноста и верата. Сметаме дека ќе покажеме неблагодарност кон Бога и недостаток на љубов кон сите браќа, блиски и далечни, ако не го истакнеме со полна одговорност и јаснотија богатството на благодатта од која се насладуваме живеејќи во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. И тоа не е наше достигнување, туку дар на Единиот Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос, Кој на еден единствен начин и категорично за Себе вели: ’Јас Сум Патот, Вистината и Животот. Без Мене не можете да правите ништо. Јас Сум Добриот Пастир, Којшто ја полага душата Своја за овците. Сите кои што дошле пред Мене крадци се и разбојници, но овците не ги послушаа. И не тргнаа по нив, зашто не го познаа гласот на туѓинците…‘“

На крај Светогорските отци ја исповедаа припадноста кон Великата Црква (Константинополска Патријаршија), која и во услови на гонење го сведочи Православието.

Пред неколку дена Романскиот скит на Св. Јован Претеча излезе со официјална изјава во којашто ги демантираше гласините дека прекинале општење со Вселенската Патријаршија. Тие ги нарекоа клевети, информациите распространети пред сѐ на интернет, дека братството гласало за прекин на општењето со Вселенската патријаршија. „такво нешто воопшто немало“, категорични се монасите. „Ние никогаш не сме испраќале, ниту ќе испраќаме емисари на различни средби, без благословот на локалниот ерарх. А сите оние коишто тврдат така, претставувајќи се како членови на братството и носат негови ознаки итн. немаат ништо заедничко со нас и го немаат нашиот благослов“.