2924

Зошто Синодот на МПЦ ѝ се обрати на БПЦ?

Извор:
Со оглед на тоа што општествената јавност во Р. Македонија е доста разбранувана во поглед на последниот чекор на МПЦ-ОА да побара застапување за својата автокефалност од БПЦ-БП, како од своја историска Мајка-Црква, ја приложуваме следнава анализа, објавена во „Нова Македонија“ на 24 ноември 2017 година.

 

Поаѓајќи од исклучително високото значење на оваа тема за македонскиот народ, држава, за граѓаните на Република Македонија, нашиот весник деновиве со низа написи подетално се осврна на ова прашање, во интерес на читателите и јавноста воопшто. Во тој контекст, „Нова Македонија“ ексклузивно доби мислења од највисоки црковни достоинственици, стручни лица од областа на црковното право и историја, за да се даде и едно фактичко објаснување на ситуацијата, кое ќе ги разјасни потезите и на двете цркви. Нивните мислења се сублимирани во текстот што следуваПоследнава седмица измина во дискусии поврзани со автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и признавањето на нејзиниот статус од страна на Бугарската православна црква-Бугарска патријаршија и подготвеноста на првата да го признае мајчинството на втората. Во тој поглед се развија многу конструктивни, но и неконструктивни расправи, проследени со неточни или намерно пласирани лажни информации и спинови.

Поаѓајќи од исклучително високото значење на оваа тема за македонскиот народ, држава, за граѓаните на Република Македонија, нашиот весник деновиве се осврна детално на ова прашање, во интерес на читателите и јавноста воопшто. Во тој контекст „Нова Македонија“ ексклузивно доби мислења од највисоки црковни достоинственици, стручни лица од областа на црковното право и историја, за да се даде и едно фактичко објаснување на ситуацијата, кое ќе ги разјасни потезите и на двете цркви. Нивните мислења се сублимирани во следниот текст.

Историскиот развој на Православната црква создал потреба од формирање повеќе помесни цркви, најмногу поради административни причини, а сите тие заедно го сочинуваат семејството на неделивата Света црква, која е Тело Христово. Многу од помесните православни цркви нас+танале со издвојување од одредена црква, која имала долг историски континуитет на таа територија каде што се формирала новата црковна организација, и таа во оваа фаза веќе се нарекува „мајка“. Таа на некој начин е духовен покровител на новоформираната црква, која се нарекува „ќерка“.

Нашиот народ низ вековите имал своја историска црква, Охридската архиепископија, која повеќе од седум века, од нејзиното формирање па до 1767 година, држела под јурисдикција голем дел од Балканот, вклучувајќи ја и територијата на денешна Р. Македонија.

По незаконското укинување на Охридската архиепископија од страна на османлиската власт во 1767 година, нејзините епархии најпрвин биле припоени кон Цариградската патријаршија, а подоцна, со создавањето на Егзархијата во 1870 година, во најголем дел преминала во нејзина јурисдикција. 

Интересен е и податокот дека како и во случај со другите цркви, и Егзархијата поминала долги осумдесетина години како канонски непризнаена од страна на Вселенската патријаршија и била именувана како „шизматичка“ („расколничка“) црква, сѐ до нејзиното конечно признавање како Бугарска православна црква. За издвојување е дека и македонскиот епископ Партениј Зографски своевремено дури бил сериозен кандидат за местото на прв егзарх.

По Балканските војни од 1912 и 1913 година, Вардарскиот дел на Македонија потпаднал под српска власт и населението било присилено да ја прифати српската црковна јурисдикција. Бил наметнат српскиот клир, кој народот никогаш не го прифатил ниту го почувствувал за свој. Во 1922 година, Српската православна црква добила и официјален томос од Цариградската патријаршија, со кој дотогашните три патријаршиски епархии (наспроти петте егзархиски) од територијата на Вардарска Македонија, што влегле во составот на Кралството на СХС, биле ставени под нејзина јурисдикција.

Со почетокот на Втората светска војна, српскиот висок клир, кој во целост ги следел интересите на Кралството Југославија и бил инструмент за остварување на големосрпската хегемонистичка политика, истовремено со заминувањето на кралската војска и самиот ја напуштил нашата земја, а тоа создало услови во нејзините епархии повторно да биде возобновена егзархиската црковна управа, преку враќање на митрополитите од Бугарија. 

Со првиот црковно-народен собор, одржан во март 1945 година, беше поставено барањето за возобновување на Охридската архиепископија како автокефална црква на македонскиот народ, за што беше формиран и иницијативен одбор.

Од 1945 година и ВМРО стана еден од најсилните поддржувачи на независната, автономна МПЦ, така што инфилтрира свои членови во редовите на Титовите комунисти во Македонија, со инструкции да го зајакнат создавањето посебна Македонска црква.
Во истиот период, дејците за независна МПЦ се соочуваат со сериозната закана од српскиот шовинизам, кој го спречува секој нивни обид и со сите сили се труди да ја врати српската јерархија во НР Македонија, која ќе ја продолжи својата асимилаторска политика врз месното население, како што правеше во периодот од 1918 до 1941 година.

И покрај сè, по вложените натчовечки напори на македонското свештенство, беше слушната молбата на македонскиот народ. Беше донесено решението за возобнова на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, со тоа што таа да остане во канонско единство со Српската православна црква, во статус на привремена автономија, преку заедничкиот поглавар, сѐ до конечно издигнување на статус на автокефалија. Ваквото решение било прифатено на Вториот црковно-народен собор, одржан во октомври 1958 година. На редовното јунско заседание во 1959 година, САС на СПЦ донел позитивна одлука дека се согласува со одлуките на Вториот црковно-народен собор.

За жал, СПЦ почнала да го одложува конечното решение на црковното прашање во НР Македонија, а нешто подоцна, наместо претходното ветување за формирање автокефална македонска црковна јерархија, почнала сѐ повеќе да ја негира самостојноста на МПЦ, па дури почнале да се јавуваат иницијативи за поништување на претходните решенија, што ги заладило односите меѓу двете цркви.

Така, двесте години по укинувањето на Охридската архиепископија, на чиј историски континуитет се повикува МПЦ, на Третиот црковно-народен собор, во јули 1967 година, е прогласена нејзината автокефалност, која до денес не е признаена од ниту една православна црква, поради отпорот на СПЦ.

Од 1999 година се вршат активни преговори помеѓу СПЦ, која се јавува како „црква-мајка“, и МПЦ, како „црква-ќерка “, за наоѓање решение на проблемот. Но по фамозниот Нишки договор во 2002 година, СПЦ се решава на подол чекор – да создаде паралелна јерархија во Македонија, искористувајќи го дотогашниот митрополит повардарски г. Јован Вранишковски, кому во 2004 година му се придружи и еден дел од монасите на МПЦ, а подоцна го напушти. Овој чекор ги замрзна преговорите, по што СПЦ почна да смета дека го решила црковниот проблем во Македонија, останувајќи слепа за барањата на најголемиот дел од православниот народ.

Сите овие години, МПЦ не прифати никаква туѓа интервенција во случајот, почитувајќи го „мајчинството“ на СПЦ. Но бидејќи и по цели 15 години од ова СПЦ не наоѓа сили да се покаже како вистинска мајка и да му снисходи на еден цел православен посебен народ, кој е држен во духовна затвореност, Синодот на МПЦ побара од друга црква да ја преземе мајчинската улога во случајов и да ја промовира МПЦ пред другите православни цркви, најпрвин преку заедничко сослужување и преку препорака за признавање. За разлика од преговорите МПЦ – СПЦ, каде што се разговара за автономија или автокефалија, во преговорите МПЦ – БПЦ би се разговарало единствено за автокефалија и ништо помалку.

Највисоки црковни достоинственици заклучуваат дека не е точен фактот дека МПЦ би се „бугаризирала“, туку, напротив, поголема е опасноста да остане изолирана, или „србизирана“, доколку се одлучи да не прави никаков потег, или да ги обнови преговорите со СПЦ, за кои се покажа дека не раѓаат плод. Истите тие укажуваат дека веќе јасно се покажува дека одредени фактори залудно се „загрижени“ и подобро би било да се воздржат од негативни коментари и заблудување на јавноста со барање „предавници“ онаму каде што ги нема, токму во вакви значајни мигови за нашата нација, зашто тие самите многу лесно би можеле да се најдат во тој кош.

Додаток од редакцијата на сајтот:

Гледано според историјата на Црквата на овие простори, БПЦ е најсоодветната Црква да се нарече вистинска мајка Црква, која во лицето на Егзархијата (што во тие историски околности беше единствената опција за создавање на словенска Црква), преку домородниот клир го просвети и го крепеше овој народ, духовно и национално, во текот на 19-от и почетокот на 20-от век, а во текот на Втората светска војна повторно го помогна, преку ракополагање на свештенство и преку реорганизирање на црковната структура. Треба да се знае дека Егзархијата е заедничката Црква од која потекнуваат и БПЦ и МПЦ. Доколку нашите предци не беа ја создале неа, денес не ќе стануваше ни збор, ниту за МПЦ, ниту за БПЦ, а можеби ниту за национална еманципација, зашто таа го зачува народниот јазик, без кој нашиот народ ќе се соочеше со целосна хеленизација.

БПЦ останува да биде Црква, која од прогласувањето на автокефалијата на МПЦ во 1967, кога бугарскиот Патријарх Кирил ѝ подари три литри миро, што е од основно значење за опстојувањето на една Црква, па сè до денес, во многу наврати, гласно повикувала на признавање на нашата црква за автокефална. Таа дури и испраќаше писма до Вселенската Патријаршија и другите Цркви да се заинтересираат за проблемот. Во тој контекст, и Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, на погребот на српскиот Патријарх г. Павле, јавно ги повика српските архиереи да го решат проблемот во Р. Македонија, нешто што тие не ни посакаа да го направат.