Иконостасот

Внатрешното уредување и декорација на црквата го започнал Игуменот Арсениј уште во 1810 год.  До крајот на својот живот, игумен Арсениј ќе стане најзаслужен за ангажирањето на иконописци и зографи.

Најубавиот украс во црквата и она по што е најпознат овој храм, е секако прекрасниот и единствен од ваков вид во Православието – иконостас, врвно дело на мијачките копаничари, кои, по својата вештина на обработка на дрвото, останале ненадминати и до ден денес. Тоа се прочуените Петре Филиповски – Гарката  од с. Гари, со својата тајфа и Макариј Фрчковски од Галичник. Тие ова монументално дело го завршиле за зачудувачки кратко време, од 1830 до 1835-та год. 

По својата архитектоника тој е сличен на двокатните иконостаси, што најпрво ги среќаваме на Атос (Света Гора), а потоа и по целиот Балкански Полуостров. Желбата на Арсениј била – иконостасот на манастирот да биде еден од најубавите до тогаш. Затоа решил да ги ангажира најдобрите мијачки копаничари и најдобрите зографи за тоа време, што придонело иконостасот да ги надмине сите други со својата уникатност. Тоа го потврдува и Дамјан Арсов, некогашен жител на Дебар, кој во 1895 год. изјавил дека како иконостасот во Бигорскиот манастир немало ни на Света Гора, а ја обиколил сета.

Она што го прави единствен и неповторлив иконостасот, е употребата на човечката фигура. Тука мијачките копаничари ја покажале сета своја вештина, сместувајќи, на релативно мал простор, значителен број на сцени од Стариот и Новиот Завет. Овие сцени се прикажани на таков начин, што ни се пренесува драматичноста на целата ситуација, како да е жива и реална, како да се одвива пред нашите очи.

Покрај човечката фигура, во декорацијата на иконостасот присутни се и разновидни животни, како и цветни мотиви. Сиот тој сплет е остварен во една пријатна хармонија, преку претходно изготвениот цртеж – план на мијачките резбари. Нивната стрпливост да длабат во дрвото и на толку мал простор да изрезбаат толку голем број на сцени од Светото Писмо, буди вистински восхит кај луѓето. Тоа што го создадоа овие резбари не можеме да го сретнеме ниту на Света Гора, ни кај епирските резбари, а најмалку кај резбарите од Балканските резбарски школи.

Иконостасот е прилагоден на димензиите на црквата. Затоа овде се наоѓаат три реда икони, што е редок случај, бидејќи почесто се среќаваат иконостаси со само два реда икони. Налик е на светогорските иконостаси од XIX век, со централно поставени царски двери и два странични влеза, на јужната и северната страна. Царските двери се двокрилни и богато исполнети со резби и иконопис со претстава на „Благовештение“. Покрај „Благовештението“, мајсторите резбари изработиле уште една композиција од животот на Христа, потоа едно од неговите чуда – Исцеление на слепиот, како и „Истерувањето на трговците од храмот“.

Резбаните правоаголни табли под престолните икони се најубавиот дел на иконостасот во Бигорски. На овие табли е потврдена виртуозноста на мијачките копаничари, нивната недостижност во резбарството. Тука, на овие простори, каде се претставени повеќе од петстотини човечки и околу двесте животински фигури, илустративно е претставен Стариот и Новиот Завет. Од Стариот Завет се издвојуваат: „Жртвата Авраамова“, „Првиот грев“ и „Прогонувањето на Ева и Адам од рајот“, „Каиновото убиство“ и др. Новиот Завет започнува од втората табла, со животот на Богородица. Мијачките копаничари од тајфата на Петре Филиповски кои работеле на иконостасот, како да сакале да ја искажат сета своја благонаклоност и почит кон Божјата Мајка – Богородица, изработувајќи четиринаесет сцени од нејзиниот живот. На втората табла централното место го зазема Богородица со Христос. Лево од неа е „Благовештението“, а на десната страна карактеристично е „Поклонението на тројцата источни цареви“, кои носат дарови и се поклонуваат пред Богородица. Тука доста импресивно е прикажано и „Бегството на Богородица во Египет“. Во изразот на лицата од оваа сцена, предаден е психолошкиот елемент во драмата што ги снашла витлеемските деца, заклани по наредба на царот Ирод.

На следните табли прикажан е животот и страдањата на нашиот Господ Исус Христос. Централно е претставена „Тајната вечера“, лево е „Јудиното предавство“ и „Молитвата во Гетсиманската градина“, а на десната половина продолжуваат композициите: „Патот на Голгота“, „Неверен Тома“, „ Христос пред Пилат“ и др.

Под престолната икона на Св. Јован Крстител се претставени повеќе сцени од неговиот живот. Тука се прикажани „Рождеството на Св. Јован“, „Роденденот на Ирод“, „Танцот на Саломија“ и др., меѓу кои најубаво е претставено „Отсекувањето на главата на Претечата“.

На просторот под престолната икона „Собор на апостолите“ резбарите, на свој начин, ја прикажале истата ова икона во резба. Тука Христос е претставен меѓу апостолите со макета на црквата, што ја држат два ангела, со апостолите Св. Петар и Павле во преден план, како основачи на Црквата. Всушност, сите икони имаат свои паралелни претстави во резба, кои се наоѓаат веднаш под нив.

Најгорниот дел од иконостасот е еден од најимпресивните и него го красат големиот крст од Распетието Христово и неговите придружни делови. Ваквиот крст е честа појава кај резбаните иконостаси во поствизантискиот период, особено во XVII, XVIII, и XIX век и претставува символ на верата, спасението и победата. Ламјите што се претставени во подножјето на крстот, го симболизираат злото победено од Христа.

Чудотворната икона

Бигорската чудотворна икона

Од иконата, од лицето на светителот прикажано на неа, се излева, како благодат и дар на Светиот Дух, една несоздадена и незалезна светлина, која носи мир, спокојство и радост. Сето ова ќе го почувствува човекот, кога ќе застане пред чудотворната икона на Претечата, која со смирено достоинство ги пречекува сите поклоници во Бигорскиот манастир. Зрачејќи, во сребрен, сјаен оков и преукрасена со дарови од благодарност, поради многубројните чуда, иконата, како непресушен исвор, излева благодат која чудотвори. Затоа монасите кои живееле тука во XIX век, на оковот од иконата, како сведоштво, додале и трета рака, во спомен на чудата што Крстителот ги прави преку неа.

Едно од чудата е и самиот начин, на кој иконата му се открила на ктиторот. Таа, според преданието на манастирот, едноставно лебдела во воздухот над изворот со вода, на чие место денес се наоѓаат трите чешми под црквата. Чудо било и нејзиното исчезнување во немирните и тешки времиња, низ кои минувал манастирот. Благодатта, што иконата ја носела во себе, ја чувала од погибел и не дозволила таа да биде уништена, во неколкукратното пустошење на манастирот. Таа секогаш одново се појавувала, сведочејќи за вечно-живиот дух на манастирот, кој повторно се раѓал,  како феникс, од своите урнатини.

Така, уште од самиот почеток, иконата не престанала да чудотвори. Неизбројано мноштво намерници, кои пред неа застанале со вера и од срце го помолиле Крстителот, биле услишани, исцелени од болести, утешени. Претечата, преку својата икона,  им доаѓал на помош на сите: стари и млади, болни и здрави, православни и иноверци. Како што се нижеле чудата, така се  множеле и даровите пред иконата. Секој дар крие вистинита приказна  зад себе. Бројните сребрени медалјони во облик на бебе сведочат дека Св. Јован израдувал многу бездетни родители, дарувајќи им деца.

Како што сребрениот оков ја покрива иконата, така Св. Јован сокрил од нас многу од неговите бројни чуда, смирено  оставајќи само дел, што новото братство се потруди да ги забележи и зачува, како сведоштво за светоста на иконата.

Иконата Достојно ест

Иконата „Достојно ест“

 Од северната страна на солеата милува благиот лик на Пресвета Богородица. Оваа нејзина икона е верна копија на иконата Достојно ест, најголемата Светогорска светиња. По особена желба и заложби на Архимандрит Партениј, во 2009 година таа беше изработена и донесена во Манастирот откако се благослови кај оригиналната на Света Гора.

Моштите

Благодатта во црквата ја дополнуваат и чудотворните мошти, на бројни жители на Небесниот Град, кои се наоѓаат големиот кивот, изработен во 1834 год, како и во олтарот на храмот. Кивотот за мошти бил направен по нарачка на игумен Арсениј и е заедничка работа на зограф, резбар и сребрар. На капакот од надворешната страна на кивотот, во медалјон од ковано сребро, е изработено Распетието Христово со Богомајката и Св. Јован, а од внатрешната страна, зографите Михаил и Даниил ги живописале ликовите на светиите, чии мошти се вградени во кивотот. Истите овие ликови се прикажани во сребрена релјефна гравура, претставени во кивотот. Тука се наоѓаат моштите на Св. Јован Крстител, кои се мироточиви и исцелителни, како и оние на Св. Марина, Св. Параскева, Св. Евстатиј, Св. Пантелејмон, Св. Јаков, брат Божји, Св Јулита и Св. Кирик, Св. Трифун, Св. Харалампиј и Св. Никита. На средината на кивотот е изгравиран еден голем сребрен крст, во кој е вградена честичка од Чесниот  Крст на нашиот Спасител – Господ Исус Христос. Овие светињи биле донесени од Цариград и биле подарени на манастирот од богатиот трговец Хаџи Наќе од село Беличица.

Кивотот со мошти

Покрај овие мошти, во олтарот се чуваат уште и моштите на Св. Климент, Св. Стефан, Св. Николај Мирликиски, Св. Серафим Саровски, Св. Јован Руски, Св. Варвара, Св. Лазар Четиридневен, Св. Климентиј, Св. Агатангел Битолски, Св. Нектариј Егински и др. Моштите се непроценливо духовно богатство за манастирот, зашто преку нив, овие светители се молитвено и благодатно присутни во храмот, станувајќи силни застапници пред Бога за монасите и мирјаните, кои со вера пристапуваат да се поклонат пред нив. Зашто светите мошти, поминувајќи низ благодатниот оган на мачеништвото и подвигот, се претвориле во вистинско сокровиште на несместливиот и жив Бог. Врз обожените мошти на светителите се темели и црквата Христова. 

Чесното Крсно Дрво