Никео-Цариградскиот Символ – критериум за правоверноста – Основи на православната вера – XXII дел

Никејскиот Символ на верата бил потврден на Вториот Вселенски Собор во Цариград и проширен со уште 5 нови членови, во коишто подетално била искажана верата на Црквата во Светиот Дух, потоа и истакната неопходноста од верата во Црквата и Крштението, за влегување во заедницата на верните. Никео-Цариградскиот Символ на верата, остана критериум за правоверноста на Црквата до ден денес. На останатите Собори биле дополнително толкувани вистините на Никео-Цариградскиот символ и врз таа основа било детално образложувано учењето на Црквата.

Никео-Цариградскиот Символ на верата бил постепено воведуван во животот на Црквата, на местото на Помесните символи, за најпосле во V век конечно да се утврди и на сеправославно ниво. Свое место добил на почетокот на Канонот на Евхаристијата, бидејќи правилното исповедање на верата во Света Троица од секогаш било услов за вршење на Евхаристијата. Символот на верата почнува со зборот Верувам и тој е единствениот дел од Литургијата кој се кажува во прво лице еднина. Тоа значи дека верата е лична и никој друг, наместо нас, не може да ја исповеда нашата вера. Важно е да се нагласи дека личната вера се исповеда токму за време на Литургијата, на која Црквата се пројавува како заедница на верните. Од кажаново произлегува дека никој не може да каже дека верува, а да не е член на Црквата. Или, да верува во она во што верува Црквата, а да е надвор од неа, односно надвор од Евхаристијата.

Пред исповедањето на Символот на верата, свештеникот ги произнесува зборовите: Премудрост, што значи дека во чинот на исповедањето на верата, Црквата не зборува „според човечкиот состав“, туку еднодушно произнесува боговдахновени зборови на Божествена мудрост. Символот на верата претставува и набројување на безбројните дарови Божји што сме ги примиле, но е истовремено и израз на благодарноста на верните за сите добрини Божји. Според тоа, исповедањето на Символот на верата, по Свети Максим, има покрај историски, уште и есхатолошки карактер, бидејќи „ја пројавува таинствената благодарност која ќе ја вознесуваме во другиот вечен живот“, така што „вечното исповедање на Символот на верата… ќе биде показател дека љубовта Божја кон нас не останала бесплодна“.

Во Символот на верата е искажана не само правилната вера во Отецот, и Синот, и Светиот Дух, туку и верата во севкупното Божјо творење од создавањето на светот до воведувањето во вечен живот, кое ќе се оствари на крајот на историјата. Поради тоа, Светите Отци ја изложувале вистината на Божествената наука, поаѓајќи од Символот на верата и во него ја гледале основата на животот на Црквата.

(Продолжува…)

Линк кон претходната објава за Никео-Цариградскиот Символ на верата