Чудата на Свети Јован Крстител во Бигорски

За Свети Јован, Претечата и Крстител Господов, се вели дека додека бил жив на земјата не направил ниедно чудо, додека откако заминал на Небесата не престанал да твори чудеса. Сепак, ние со вистинитост ќе кажеме дека самата негова личност, неговото необично, ангелоподобно житие преставува едно огромно чудо Божјо! Образ на воздржанието, на девственоста, на покајанието и на чистотата од страстите преку испосништвото и молитвата, Свети Јован се покажал како „ангел во тело“ и „телесен ангел“, како тајноводец во тајните на монаштвото, но и на добродетелниот христијански живот воопшто, кој нè подготвува за патот Господов.


Бигорската чудотворна икона на Свети Јован Претеча и Крстител

Овој светилник на Сонцето на правдата – Христос Бог, најславниот од сите пророци, крајот на Стариот и почетокот на Новиот Завет, Претечата и Крстителот Господов Свети Јован, го удостоил и нашиот народ со неговата покајничка и преобразувачка светлина, која веќе илјада години ги осветлува нашите простори преку неговото славно Бигорско Светилиште крај Радика. Во една прилика, за „најголемиот меѓу родените од жена“, нашиот старец и игумен, Епископот г. Партениј, ќе каже:

„Се наоѓам во недоумение дали да ја отворам својата уста и да проговорам нешто за богопрославениот Крстител Господов. Верувајте ми, воопшто не е лесно да се најдат достојни зборови за оној кој од устата Христова ги понесе најголемите пофалби. И навистина, каква пофалба би можел да искаже човек за оној за кого Самиот наш Господ Исус Христос, Синот Божји, рекол: Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител (Матеј 11,11)?!

Сведоци сме како гласот на оној, што вика во пустината (Матеј 3,3), и во нашево време повикува со истата моќ и со истата привлечност, како што повикувал и пред две илјади години во пустината крај Јордан. А неговата порака тогаш била сосема јасна и останува таква и до денес. Неговата света и од пост истоштена рака, и сега како и во тоа време, покажува кон Христа, а неговиот трепетен глас на сиот свет триумфално му возвестува: Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе! (Јован 1,29)

Понекогаш, кога зборуваме за некои историски собитија, особено од животот на Црквата, ни се чинат некако бледи, далечни, па тешко можат да го смекнат нашето срце. Така на пример, кога читаме, или се раскажува за времето кога Свети Јован проповедал на земјата; потоа за тоа како тој низ вековите правел безброј чудеса, вклучително и во овој Манастир; за тоа како неговата света икона на чудесен начин самата дошла овде, или како чудно се спасувала секогаш кога Манастирот бил разрушуван и пак се враќала кога бил обновуван – сето тоа, макар и да звучи восхитувачко, може да ни изгледа како нешто далечно. Меѓутоа, да ви исповедам искрено: во овие дваесет и шест години поминати во Манастиров, моите очи видоа многу, навистина многу чудеса на Свети Јован, така што лесно го разбирам неговото чудотворство и добротворство низ историјата. Во повеќе наврати реката Радика сум ја нарекувал нашиот Јордан, бидејќи Свети Јован благодатно присуствува на ова место, како некогаш во јорданската пустина и громогласно повикува на покајание. И стотици, илјадници млади луѓе се одѕвале на неговиот повик и го нашле патот на Евангелието, Го нашле Јагнето Божјо. Не е ли тоа едно најголемо чудо? Не е ли тоа претворање на камените срца во чеда Авраамови?“

(Епископ Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител)

Од чудотворната бигорска икона на Свети Јован, од лицето на светителот прикажано на неа, се излева, како благодат и дар на Светиот Дух, една несоздадена и незалезна светлина, која носи мир, спокојство и радост. Сето ова ќе го почувствува човек кога со чисто срце и искрена мисла ќе застане пред ликот на Претечата, која со смирено достоинство ги пречекува сите поклоници во Бигорскиот манастир. Зрачејќи, во сребрен, сјаен оков и преукрасена со дарови од благодарност поради многубројните чуда, иконата, како непресушен извор, излева благодат која чудотвори. Исто така, огромно достоинство и благодат за Бигорската Обител, но и за сето наше општество, е честа што Манастирот поседува едно големо парче од чудотворните мошти на Свети Јован, кое се чува во прекрасно изработениот кивот во храмот. Во кивотот, изработен во 1833 година во с. Битуше, покрај моштите на Светиот Претеча, се наоѓа парче од Чесниот Крст на кој бил распнат нашиот Спасител, Господ Исус Христос, а исто така мошти и од: Света Марина, Света Параскева, Свети Евстатиј, Свети Пантелејмон, Свети Јаков Брат Божји, Света Јулита и Свети Кирик, Свети Трифон, Свети Харалампиј и Свети Никита.


Кивотот со светите и чудотворни мошти: на средина Чесниот Крст на Господ Исус Христос; десно од него – моштите на: Свети Јован, Светите Јулита и Кирик, Свети Харалампиј, Свети Никита и Свети Трифон; лево од Крстот – моштите на: Свети Јаков Брат Божји, Свети Пантелејмон, Свети Евстатиј Плакида, Света Параскева и Света Марија


Првото од чудата на Свети Јован во Бигорски е самиот начин на кој иконата му се открила на првиот ктитор на Манастирот, Свети Јован Дебранин, Архиепископ Охридски. Таа, според преданието на манастирот, едноставно лебдела во воздухот над изворот со вода, на чие место денес се наоѓа неговиот главен храм. Чудо било и нејзиното исчезнување во немирните и тешки времиња, низ кои минувал Манастирот. Благодатта што иконата ја носела во себе, ја чувала од погибел и не дозволила таа да биде уништена во неколкукратното пустошење на манастирот. Таа секогаш одново се појавувала, сведочејќи за вечно-живиот дух на Манастирот, кој повторно се раѓал како феникс од своите урнатини.


Јавувањето на Чудотворната икона на Свети Јован Крстител на монахот Јован Дебранин, првиот ктитор на Бигорски, почеток на 11 век.


Така, уште од самиот почеток, иконата не престанала да чудотвори. Неизбројното мноштво намерници, кои пред неа застанале со вера и од срце го помолиле Крстителот, биле услишани, исцелени од болести, утешени. Претечата преку својата икона им доаѓал на помош на сите: стари и млади, болни и здрави, православни и иноверци. Како што се нижеле чудата, така се множеле и даровите пред иконата. Секој дар крие вистинита приказна зад себе. Бројните сребрени медалјони во облик на бебе сведочат дека Свети Јован израдувал многу бездетни родители, дарувајќи им со солзи посакувани рожби.

Како што сребрениот оков ја покрива иконата, така Свети Јован сокрил од нас многу од неговите безбројни чуда, смирено оставајќи само дел, што новото братство се потруди да ги забележи и зачува, како сведоштво за светоста на иконата.

Во продолжение, во серија од неколку написи, ќе објавиме еден мал дел од чудата на Свети Јован случени во Бигорски, почнувајќи со најстарите запишани, од нашите духовни претходници, монасите од 19 век.


Чудото на Свети Јован кога некој бег сакал да го претвори Манастирот во теке

Во 1814 година се случило големо чудо: против Светата Обител се кренал некој силник, којшто имал намера да го разруши Манастирот и да го претвори во теќе. Тоа бил дебарскиот Јусуф-бег. Но на 8 септември Јусуф-бег бил ранет и на 21 истиот месец – умрел. Кога го погребувале, од небото паднал силен град и страшни грмотевици кои погубиле 20 души од луѓето на Јусуф-бег. Исплашени, преостанатите агарјани се разбегале. Така, со застапништвото на Свети Јован Крстител, Манастирот бил спасен од погибел.


Чудото на Свети Јован со болното дете на албанскиот бег

Кон средината на XIX век, Свети Јован му помогнал и на некој турски бег од Албанија, којшто имал болно дете. На бегот на сон му се јавил Свети Јован и го повикал да дојде во Манастирот и да го измие своето дете со чудотворната вода. Бегот го послушал и заедно со детето отишле во Манастирот и направиле како што им било советувано. И ете чудо! Детето било потполно исцелено! На иконата во Манастирот бегот го препознал својот добротвор, Свети Јован Крстител, и од голема благодарност му поклонил на неговото светилиште маслинови полиња кај Елбасан. Долго време Манастирот се снабдувал со масло од овие имоти. Во 30-те години на ΧΧ век, свештеникот Атанасиј (поп Ташко) од село Битуше, којшто во тоа време бил настојател на Бигорскиот Манастир, ги продал овие полиња.


Чудото на Свети Јован кога разбојници го нападнале Манастирот

Друг пат, арнаутски разбојници го ограбиле манастирскиот караван со маски што носеле храна за Манастирот. По тоа злодело, водачот на разбојниците тешко се разболел. Уплашен од казната за овој грев и сметајќи ја болеста како Божја опомена, тој го ослободил караванот и луѓето, а згора на тоа подарил и големо количество масло за Манастирот. Оттогаш никој повеќе не се осмелил да напаѓа или пакости, било на луѓето од Манастирот, било на неговите имоти. Манастирот уживал голема почит и кај друговерците, бидејќи манастирските врати деноноќно биле отворени за сите што доаѓале, без разлика на верата и народноста. Сите наоѓале и наоѓаат потслон и утеха во домот на Претечата.

Накрај, ги замолуваме сите читатели, доколку се сведоци на некое чудо, исцеление и помош од Свети Јован Крстител, детално да ни го опишат истото и да ни го пратат по писмен пат на електронската пошта на Манастирот: bigorskim@gmail.com, за сведоштво и слава на великиот молитвеник за нас пред Престолот Господов. Ви благодариме!