Правото живеење произлегува од правото верување

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Светата Литургија на празникот Илинден, во храмот „Св. Вмч. Георгиј Победоносец“, во с. Лазарополе

Нека ни е за многу години, мили мои, и за духовна надоградба и помош споменот на великиот праведник што денес го славиме, на Светиот и славен пророк Илија!

Би сакал најнапред да им се заблагодарам на челновите на црковниот одбор од ова славно мијачко село, кои со љубов нè поканија да отслужиме света архијерејска богослужба. Впрочем, ова е мојата прва самостојна Литургија надвор од Бигорскиот Манастир, по моето хиротонисување за епископ во храмот Света Софија Охридска. Затоа ми претставува посебна чест, што токму на овој голем ден за христијанската вера, но и за историјата на нашиот македонски народ, во овој преславен храм на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, кого многу го почитувам и чиишто моќни молитви сум ги почувствувал и бројни чудеса негови сум видел, отслуживме Божествена архијерејска Евхаристија.

Црковниот одбор при храмот Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец од село Лазарополе

Денешниот славеник, Светиот старозаветен пророк Илија е личност несомнено многу славна. Света, огнена појава, којашто се среќава не само во Стариот, ами и во Новиот Завет – имено, при Преображението Господово на Таворската Гора, заедно со Светиот пророк Мојсеј Боговидецот. Според зборовите на Светото Писмо, тој, кој жив бил вознесен на небото, повторно ќе дојде во последните времиња, за да го разобличи лажниот месија, т.е. антихристот. Затоа, во тропарот се нарекува и „втор претеча“ на доаѓањето на Спасителот.

Овој пророк со огнена вера и ревност, добил од Бога задача да го врати израилскиот народ од заблудата во која бил западнат, за време владеењето на царот Ахав и на неговата иноверна жена Језавела. Всушност, во тоа време се случило страшно отпадништво на Богоизбраниот народ: царскиот двор воспоставил култ на лажни божества, се раширило погрешно, паганско верување, од кое произлегувале многу, необични за јудејскиот народ, извитоперени однесувања. Свештената историја ни сведочи дека секогаш кога ќе се случело богоотстапништво кај народот, Бог ги избирал Свои праведни слуги, светите пророци и ги испраќал да го вразумуваат и да го враќаат во вистинската вера, како и да го подготвуваат за доаѓањето во тело на Спасителот наш Господ Исус Христос, вистинскиот Бог. Имаме примери на повеќе вакви отклонувања од вистинската вера, што резултирале со развратно живеење. Зашто, не е можно човек исправно да живее доколку погрешно верува. Единствено од вистинската вера произлегува правилното и од Бога благословено живеење и однесување. Светите отци наши рекле дека праводејствието доаѓа од правоверието.

Отстапништвото од Бога за време на Ахав и Језавела, Израилот го платил со голема беда. Имено, Самиот Бог му јавил на светиот пророк дека во земјата нивна нема да има дожд три и пол години, што и се случило. За несреќите, значи, кои се случуваат, не е виновен Бог, туку кривоверието и лошите дела на луѓето. Бог самоможе да допушти, по Неговата Татковска милост и педагогија, да се случат некои беди, за наше вразумување и поправање, со цел да се вратиме на правоверието и на правото, човечко живеење. Оти човекот не е бессловесен организам, туку богосоздадено словесно битие, според образот и подобието на Бога. Така, сите беди стануваат главно поради застранувањето на човекот од правоверието, од неговото божествено предназначение. Нема добар родител кој не сака неговите деца да живеат исправно, богоугодно, душеспасително. Колку ли, пак, Бог посакува да бидеме добри во овој живот, за да го наследиме вечниот, што Он ни го подари преку Неговата жртва на Крстот! Затоа, на несреќите и бедите што нè снаоѓаат, треба да гледаме како на педагошка мерка за наше поправање и на тој начин злото да го свртиме кон добро.

Денес сите ние сме сведоци на едно големо искушение во кое се наоѓа целиот свет – пандемијата на кронавирусот. И ова зло, како и претходните други, е последица на човечкото богоотпадништво. Доволно е само да погледнеме на што наликува денешниот христијанскиот свет и веднаш можеме да кажеме дека во многу нешта тој е сличен на Израилот од времето на пророк Илија. Без двоумење, тој се наоѓа во една бедна духовна состојба. Сиот православен свет, како и земјите со христијанско наследство преживуваат една страшна духовна пустош, отпадништво и морална ерозија.

Во опасност како никогаш досега е најсветото нешто во општеството – светата тајна брак. Единствено Христијанството го дефинира бракот како богочовечка институција помеѓу еден маж и една жена, давајќи му возвишен и спасоносен карактер. Но денес, за жал, многумина од Христијаните го напуштаат тој светотаински поглед на бракот, па дури и го обесветуваат, сметајќи го за обичен општествен договор меѓу двајца партнери, кои и не мора да бидат од различен пол. Прават компромис со богопротивниот дух на нашето време, токму како што во времето на пророкот Илија, Евреите правеле компромис со лажните богови и идоли.

Сепак, не сите луѓе потпаѓале под влијание на темните сили во тие историски заблуди. Отсекогаш постоеле борци кои биле подготвени да го положат и својот живот за вистинската вера, за честа на моралното човечко живеење што произлегува од неа, за духовната и народна слобода. Да се потсетиме што му рекол Господ на Илија: Но сепак, оставив меѓу Израелците седум илјади мажи; сите тие не ги свиткаа колената пред Ваал и устите нивни не го целиваа (1. Цар. 19,18). Особено во епохата на Новиот Завет имаме, би рекол, безброј маченици кои со своите страдања и крв го посведочиле вистинското учење во Христа Исуса нашиот Бог. Ете, и овој храм и ова село, секогаш ме потсетуваат на тие праведни сведоци на Вистината, на нашите славни предци, кои биле украсени со маченичка совест, подготвени да го дадат и својот живот, само за да не направат компромис во однос на спасоносната христијанска вера и правилниот начин на живот во неа. Затоа и правеле невозможни подвизи, несфатливи во очите на луѓето од овој свет.

Таков бил и подвигот на бесмртните Илинденци, чиј спомен го славиме денес. Како што е општопознато, нашите богољубиви и родољубиви предци, вдахновени од примерот на Светиот Пророк Илија, од другите христијански светии и мачениците, на овој ден во 1903 година, го кренале херојското Илинденско востание против големата Отоманска империја, но и против социјалното угнетување воопшто. Со нивните титански подвизи и незамисливи жртви, тие успеале да ја создадат првата република на Балканот, која, за жал, поради геополитичките интереси на големите сили, траела многу кратко време и во крв била задушена. Но, споменот за жртвата и мачеништвото на тие херои, останал да живее во колективната меморија на нашиот народ, станувајќи симбол и вдахновение за непокор. До ден денес тие наши предци се пример за непокор и за борбата за совршенство. Кога човек ќе се присети и ќе размисли за нивното херојско дело, за жртвата што ја направиле, добива порив да ја љуби Татковината и да се бори за нејзината чест, за социјалната слобода и правда на нејзините жители и најважно од сè – за да надвладее доброто во неговото срце.

Во Светото Писмо се вели дека Бог е Оној Кој низ историјата ги утврдува предопределените времиња и граници на народите и државите (сп. Лука 17,26). Он благоволил нашите неодамнешни претшественици да ја создадат дефинитивно оваа наша скапоцена држава во 1945 година. Меѓутоа, таа конкретна дата е само плод на долгопролеванта крв на нашите свештени предци, врз која почива нашата државност. Токму затоа треба безмерно и свето да ја сакаме нашата Татковина, на правилен начин, со дух и со вистина, без да посакуваме нешто туѓо, ниту пак, да се плашиме од сопствената историја, која, патем речено, е многу славна и вдахновувачка. Само ако имаме вистинољубие и правдољубие, ќе можеме да ја одбраниме нашата земска и да ја наследиме нашата вечна татковина, Царството Небесно.

Да го помолиме Светиот пророк Илија да не го одвраќа својот благослов од нас, туку по молитвите и жртвата на нашите предци, да ја сочува нашата мала, но бесценета земја, а народот во неа да го просвети со ревност за правоверието и праводејствието. А ние постојано да се потсетуваме на животот на безбројните христијански маченици од сите народи и од сите времиња, кои и по цена на својот живот не сакале да направат компромис со духот на овој свет, со неговите угодности и задоволствата, за сметка на Вистината. Да не ги забораваме ни нашите свети предци, знајни и незнајни, кои, исто така, никогаш не правеле отстапки во однос на светите нешта и бестрашно ја пролевале својата крв. Поучени од нив, да не бидеме страшливци, туку храбри во овој живот, пред секое искушение што ни се случува, вклучително и ова последново – со вирусот. Во врска со него, се изнаслушавме доста мислења, ставови, стравови, обвинувања, меѓу кои и дека Црквата била виновна за ширење на заразата. А тоа е толку плитко и неосновано, што може многу лесно да се побие. Фала Му на Господа, досега немаме ниеден заболен од богослужбите во нашите православни храмови. Да се потсетиме само дека Црквата Христова надминала многу болести неспоредливо потешки од оваа, со речиси стопроцентна смртност, како на пример: чумата, колерата, лепрата, туберкулозата… и ги зачувала своите древни традиции и пракса. Досега не е посведочен ниту еден случај да се разболел од Светата Причест. Тоа е така затоа што нашиот Бог лекува, а не разболува. И доколку некогаш ни се допушти некакво испитание, тоа е само за да се вразумиме и поправиме. Светиот пророк Илија и Светите Пречистански Преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, чијшто спомен исто така го славиме денес, да бидат со нас, да нè заштитат од секакво зло и да ни помогнат да се избавиме од современата пандемија и од последиците од неа.

Нека ни е за многу години овој голем ден за верата и Татковината наша и да се помолиме Бог да ни ги чува! Да се молиме, исто така, да ги просветлува оние што ќе треба да нè водат, зашто, таму каде што ќе седат нашите пратеници во Парламентот, секогаш сум замислувал дека под нивните седишта се положени коските и крвта на предците наши. Господ да им ја разбуди совеста, та да знаат каква одговорност имаат пред народот и пред предците и да служат за доброто, за вистината и за правдата.

Честит и од Бога благословен Илинден!