Од што се раѓа безбожието?

Безбожието се раѓа од лошиот живот и особено од немањето желба тој живот да се исправи. Во тоа бил убеден и големиот научник Блез Паскал (+1662), кога напишал: „Не прави обид да се убедуваш во вечните вистини преку многу докази на разумот, туку гледај да ги намалиш своите страсти“.

Безбожникот не живее според Божјиот закон, туку според тоа што тој самиот го смета за добро. Тој ја следи не Божјата, туку својата сопствена волја и мисли дека има правилен став по било кое прашање во врска со светот, животот или светогледот. Тој живее според световните стихии, а не според Христа (Кол, 2,8). Него Евангелието не го интересира, но со задоволство обраќа внимание на дневниот хороскоп, на Ванѓа или Нострадамус и дури понекогаш со задоволство раскажува за „летачките чинии“ и „вонземјаните“, а може да верува и во соништа. Неговата затапена совест му потшепнува дека е морално одговорен за секоја своја постапка, но тој брза да се успокои дека сѐ што постои е тука на овој свет, дека сѐ што ја ограничува неговата слобода е штетна предрасуда со којашто треба да се избори.

За безбожникот верата е нешто тешко и малку сфатливо, дури и попречувачко за човечкиот прогрес и развој. И за да го оправда своето неверие, тој си измислува разни „основи“. Вели: „Верата ѝ противречи на науката!“ Но нели најголемите научници од минатото, па и сега, се луѓе верници! Њутн, Ломоносов, Пастор, Ајнштајн, Линеј, па дури и оној Дарвин, верувале во Бога.

Безбожието може да биде резултат исто така и на незнаење и простотија („Кој дошол од оној свет да каже како е таму?“), од полуученост и полуинтелигентност („Науката докажа дека не постои Бог!“), но и од омраза и злоба. Рускиот мисионер свештеник Виктор Недзелницки пишува: „Постои особена омраза кај оној кој го сака и признава ниското, долното, кон оној кој го бара и цени возвишеното: така на пример алкохоличарот го презира трезвениот човек; циникот и развратникот – девството и целомудрието; физичкиот работник – образованите, а поклоникот на материјалното – почитувачот на духовните вредности“. На ист начин воинствениот безбожник го презира верникот. Верникот за него е како едно огледало во кое тој јасно ја гледа својата духовна голотија и морална изобличеност. Интуитивно во присуство на верникот безбожникот согледува разобличувач на својата совест и молчалива опомена дека неговиот пат води до вечна погибел. Затоа безбожникот сака или сите да станат како него, или разобличувачите на неговата совест да бидат отстранети. Тука, во голема мера се гледа причината за сегашните и отсекогаш присутни во историјата гонења против христијанската вера.

Безбожието е исто така и рамнодушност кон себе самиот. Најчесто безбожниците не сакаат да веруваат бидејќи Бог не ги интересира. Животот им тече навидум како подмачкано, нормално, тие си можат и без Бога. Тие работат, одмораат, јадат, спијат, гледаат телевизија, работат на компјутер, возат кола… воопшто живеат еден наполно нормален живот. Можат и книга да прочитаат, да појдат на концерт, да патуваат во странство… каков Бог е потребен во сето тоа? Е, најпосле, како и сите, остарува и безбожникот, доаѓа смртта и тоа е сѐ! Природен процес!

Треба да признаеме дека овој вид на безбожие – рамнодушното топло-ладно безбожие, е најжилавиот и најраспространет вид на безбожие во ова време. Се создава илузија дека денес човекот едноставно нема време да верува или не верува, дека тоа не е важно прашање во нашиот живот, дека на верата треба да се гледа како на еден додаток за којшто некои некогаш можат и да се заинтересираат. Крштевка на детето или внучето – о, зошто не! Венчавка во црква – прекрасна традиција! Опело на покојник во храм – трогателно! И со тоа се исцрпува сета пикантна гарнитура во животот наречена религија. Тоа пасивно безбожие, чиишто жртви не сакаат да се задлабочат во најважните прашања од човечкото постоење, го збунува секој разумен човек.

Зарем не е важно човек да знае од каде е? Каде оди? Каква е смислата на неговиот живот?

Но, ако од верата во Бога или неверието во Него ни зависи целото наше постоење овде на земјата и во вечноста, зарем не треба да нѐ заинтересира тоа прашање?

Логиката на пасивниот безбожник е логика на медиокритетот, а вредносниот систем му е во потполност материјалистички, овде-онде гарниран со некаков идеал и душевна пристрасност. Кога животот му поминува лесно, тој плива во своите води, но во случај на беда и опасност, на несреќа е потполно беспомошен. Ако тој бил богат и нагло осиромашил, не гледа веќе смисла и понатаму да живее. Ако бил здрав и тешко се разболел паѓа во униние и целосно очајание. Ако бил славен меѓу луѓето, но го посрамиле, веќе ништо не може да го утеши…

Пасивниот безбожник наликува на сиромав кого што го канат на богата трпеза, но тој седи долу под масата и ги собира паднатите трошки и во одговор на поканата тврди дека и така се чувствува прекрасно. Тој е како затвореник, осуден на смрт, којшто не размислува за својот близок крај, туку за тоа каква последна желба да си избере и како поцелосно да се наслади од неа. Тој ги затворил ушите со памукот на духовната рамнодушност за да не го слушне евангелскиот збор на Христа Животодавецот… Св. Јустин Попович вели: „Само ситните души не можат (бидејќи не сакаат) да се нурнат во божествените длабочини на светот и таму да ја најдат неговата божествена логика и идеја, и мисла и смисла. Површните паразити, тие постојано остануваат на површината на светот, и поради тоа не можат без светската прашина. Таа прашина им ги наполнила очите и тие не Го гледаат ниту Бога, ниту нешто Божјо. Го објавиле создаденото за прво и последно битие, за прв и последен живот, за прва и последна вистина. А тоа е идолопоклонство и извор на секое идолопоклонство, било да е тоа духовно или физичко“.