Кратко обраќање на академик Цветан Грозданов на промоцијата на зборникот „Бигорски Манастир – 20 години возобновено монаштво“

Усекновение на чесната глава на Св. Јован Претеча и Крстител

Ваше Блаженство,

Високопреосвештени Архиереи, меѓу кои и мојот епархиот, Митрополит Тимотеј,

Високопреподобен игумен и Архимандрит Партениј,

Ја користам оваа прилика за да им го честитам јубилејот на преподобните монаси и монахињи на Бигорската и Рајчичката Обител, а на сите вас присутни љубители и почитувачи на Св. Јован Крстител и Претеча да ви го честитам овој голем празник. Мојот колега и пријател, професорот Ратомир Грозданоски, во своето промотивно излагање за овој зборник напомна дека во него е содржан еден дел посветен на уметноста, историјата, археологијата и архитектурата. Би сакал да кажам неколку зборови за овие прилози и уште на почетокот ќе спомнам дека овој јубилеј – 20 години на возобновено монаштво во Бигорскиот Манастир ќе остави, меѓу другото, длабоки траги токму поради споменатиот зборник, којшто според мене е капитален, или со други зборови фундаментален за науката, културната историја, историјата на архитектурата, историјата на уметноста, историјата на писменоста, за историја воопшто. Токму затоа би ги навел имињата на авторите коишто дадоа свој придонес за оформувањето на овој научен дел од зборникот. Тоа се: академик Драги Ѓоргиев, академик Ѓорѓи Поп-Атанасов, советникот на МАНУ, д-р Сашо Цветковски, Викторија Попоска-Коробар, Јулија Тричковска – доктори на науки, Елизабета Касапова – професор на архитектонски факултет, свештеникот Ристе Наумовски и Јасмина Чокревска-Филип. Станува збор за еминентни академици, доктори на науки, универзитетски професори, темелни проучувачи, и не се сомневам дека овие нивни текстови ќе бидат трајно вткаени во културната историја, не само на македонскиот народ, туку и на целиот балкански простор, бидејќи се вистински студии за текстови за храмова архитектура, за зографските потфати, за богатството на иконите, како и за архимандритите и игумените на овој Манастир, совршено изложени во прилогот на јеромонахот Доситеј. Со оглед на тоа дека мојот почитуван колега д-р Грозданоски беше доста опширен во своето излагање, ќе ви кажам само неколку нешта со кои се надевам дека ќе го предизвикам вашето внимание. Имено, постои едно суштинско прашање во врска со Бигорскиот Манастир на кое што науката сè уште нема дадено еден опсежен и добро образложен одговор. Тоа е личноста на првиот ктитор на Бигорскиот Манастир, монахот Јован, кој во 1018 г. ќе стане и Архиепископ Охридски. Оваа личност долги години ме фасцинираше и јас постојано се навраќав на оскудните историски податоци за неговиот живот. Денес со сигурност се знае дека тој по потекло бил од дебарскиот крај, дека бил монах и игумен, и дека бил со словенски происход. За поглавар на Охридската Архиепископија доаѓа во едно, би рекол, деликатно време, набрзо после времето кога бил победен цар Самуил и укинато неговото царство. Она што е многу значајно за нас и повлекува потреба од подетално проучување е зошто во тоа време, време кога моќта на Византија е најголема, Василиј ΙΙ, византискиот цар почувствувал потреба да назначи монах, игумен, македонски Словен за поглавар на Охридската Архиепископија. Второ, не би можело да се зборува за историјата на Бигорскиот Манастир, со која јас лично долго сум се занимавал, а да не се спомне личноста и делото на великани како што Јоаким Крчоски, Кирил Пејчинович, Анатолиј и Партениј Зографски. Според мене никогаш не доволно проучувањето во овој правец, бидејќи периодот во кој тие живееле, периодот на Преродбата, имал пресудна улога за самобитноста на нашиот народ. Недостасува и посеопфатна анализа на развојот на бигорските метоси, особено на оние кои досега не фигурирале во проучувањата на нашите истражувачи.

А сега, да не должам повеќе во оваа речиси есенска ноќ, уште еднаш им честитам монасите и монахињите од Бигорскиот Манастир и неговиот метох во Рајчица, особено на нивниот игумен, Архимандрит г-дин Партениј, како и на сите љубители и почитувачи на Бигорскиот Манастир.

Ви благодарам и ви посакувам да ја поминете вечерта во најубаво расположение.