1089

Благодатниот оган – чудо на Христовиот Гроб – VII дел

(Седми дел)

 

Уривање на храмот на Воскресението

 

Во 1001 година египетскиот калиф ал-Хаким и византискиот цар Василиј II, кои дотогаш постојано војувале, склучиле договор за десетгодишно примирје. Меѓутоа, периодот на мир траел само осум години, бидејки во септември 1009 година ал- Хаким донел одлука со која го потресол целиот христијански свет: наредил палење и уривање на храмот на Воскресението, како и на многу други христијански храмови и манастири.

Овој калиф, чија мајка била христијанка, дошол на тронот кога имал само 11 години и отпрвин царската служба ја вршел неговиот учител. Но на своите 15 години калифот го убил својот учител и ја презел власта. Верскиот фанатизам често го доведувал до безумни постапки кои се одликувале со необична суровост.

Сирискиот историчар и поет Ибн ал-Каланиси во своето дело „Историја на Дамаск“ ја наведува причината која го поттикнала ал-Хаким да го направи тоа ужасно дело. Тој пишува дека секоја година пред Пасха илјадници христијани правеле огромни каравани и со камили патувале од Каиро во Ерусалим за да присуствуваат на службата на слегувањето на Благодатниот оган. Гласот за чудото се имал раширено по целиот муслимански свет и делувал како магнет кој привлекувал илјадници христијани, но и многу муслимани. Со цел да го спречи големиот одлив на поклоници, што го напуштале неговиот град, калифот решил да го срамни храмот со земјата:

„Во историјата на ал-Хаким се вели дека во 398 година (1008 г.н.е) тој наредил рушење на црквата ал-Кумама (храмот на Воскресението) во Ерусалим… Христијаните од Египет имаа обичај секоја година да патуваат за Ерусалим… за таму да го прослават Воскресението во црквата ал-Кумама… ал Хаким побара од мисионерот Кутекин ал-Адуди, кој се наоѓаше во палатата, да му објасни зошто христијаните одат во таа црква. Кутекин знаеше сѐ за таа црква поради неговите чести патувања за Сирија. ,Таа црква’, му рече, ,се наоѓа близу џамијата ал-Акса. Христијаните се многу приврзани и од сите земји одат таму секоја година на Воскресение… Ги закачуваат своите кандила на олтарот, па тогаш со лукавство прават да се појави оган во тие кандила полни балсамово масло што се пали од јасминовото масло и произведува пламен со извонредна белина и сјај… Тие што ќе го видат си мислат дека оган слегол од небото и им ги запалил кандилата’. Кога ал-Хаким го слушна ова објаснување нареди да му се напише писмо на управителот Рамле, барајќи од него да појде во Ерусалим во црквата ал-Кумама, да уништи сѐ во неа, а црквата да ја срамни со земјата“.

Пред да се случи оваа трагедија, христијаните во Египет дознале за ваквиот план на калифот и благовремено го известиле ерусалимскиот Патријарх, кој успеал да ги изнесе од храмот сите свети предмети. Ал-Каланиси тврди дека уривањето било така страшно што кога сѐ завршило, „не останал ни камен на камен!“

Мермерната плоча на гробот во северниот дел на погребната преграда, под која се наоѓа точното местото на врежаниот камен на кој беше положено Исусовото телото. Кога мермерната плоча била отстранета на 19 ноември 1810 година, по иницијатива на Симаиос и Комненос, биле откриена голите карпи на оригиналната гробница.

 

Арапскиот летописец Јахја ибн Саид зборува за големата катастрофа што го снашла светиот Гроб: „Ибн Аби Захир се потруди да го разори потполно светиот Гроб и да избрише секаква трага од него. Затоа не само што го урна туку и го отстрани поголемиот дел од него“.

Муслиманите не се задоволиле само со уништувањето на Кувуклијата, туку како што напомнува Колин Морис, го урнале дури и делот од карпата што била она почетното, автентично наткровје на Гробот.

Големиот подвижник, Св. Лазар Галасиски (966-1053), кој во тоа време бил испосник во манастирот Св. Сава, бил очевидец на овие настани. Тој потврдува дека уништувањето на храмот било потполно, бидејќи муслиманите во внатрешноста на ѕидовите наоѓале пари и накит, оставен тука на дар уште од времето на Света Елена.

(Продолжува…)

 
Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица