Бог… Љубов (II дел)

Љубовта значи да го ислушаш другиот и да се помолиш со болка, иако немаш што да му кажеш. Да ти се јави некој по телефон и да ги ислушаш неговите маки, да ти се замати малку, само и само да се жртвуваш заради неговата болка. Тоа го доживеал еднаш старец Пајсиј од еден измачен многудетен човек, којшто го задржал близу осум часа. Кога тој си тргнал расположен и го прашале: „Што ти кажа Старецот?“ – тој одговорил: „Ништо! Само ме слушаше. Осум часа му зборував и од време на време од очите му течеа солзи“. И тоа е љубов. Љубовта не е само да правиш проповед, како што јас правам сега. Може и тоа да не е љубов, туку едноставно да ми ја кажеш твојата болка, да сочувствувам со тебе. Да влезам во твојата кожа, како што велиме, да ја почувствувам твојата мака. Колку пати им велам на младите кои земаат наркотици во Атина, ги носат кај мене и нема што да им кажам. Единственото што можам да го направам е барем малку да ги разберам зошто стигнале дотаму. Еден таков млад човек ми рече: „Пак ќе ми се скараш, знам!“ Јас му предложив: „Не, кажи ми што се случи? Зошто го направи тоа?“ „Затоа што девојчето што го сакам се пресели во Солун и одеднаш требаше да се стави крај на нашата љубов. Како да се вратам во Каламата? Што ќе правам таму? Отидов дома, ме фатија нервите, немаше како да се соземам, сакав да избегам од овој свет и прибегнав кон наркотиците во тој час, за да се растеретам!“

И што сфатив? Сфатив дека преку тоа, тој Го барал Бога. Кога некој ти вели: „сакав да избегам од овој свет“ – тоа што е? Тој сака да отиде на друго место. Штом младиот човек не знае да се моли, штом нема пријатели да го поткрепат, ќе заврши на друго место. Во наркотици? Во алкохол? Во ноќен живот? „Сакам“ значи те разбирам, влегувам во твојот проблем и го чувствувам во мојата кожа.

Има една убава поговорка, која гласи дека треба да влезеш и да чекориш со чевлите на другиот за да го разбереш. Обуј ги неговите чевли, за да видиш каде му е тесно, каде му е широко, за да го почувствуваш. Ги сакате ли другите? Ја сакаш ли жена си? Докажи го тоа! Некој ми рече: „Ѝ давам пари! Секоја недела земам и ѝ давам!“ И тоа е добро. Љубов е, не е омраза. Но тоа, доволно ли е?  „Е, што да правам јас?“ Да ја почувствуваш жена си, да влезеш во нејзиното срце и да ја разбереш со љубов, да ги разбереш нештата од кои нејзиното срце се опушта, отклучува и омекнува. Тоа значи те сакам: те чувствувам, те разбирам, те прифаќам и сакам да ти помогнам. Да извлечам нешто добро од својата душа.

Се сакате ли така како што се сакавте кога се запознавте? Или малку се уморивте? Тешко нешто е да сакаш постојано. Сакаш отпрво, а после тоа сакаш ли? „Ми здодеа, толку години сум со него! Изгледа како сонцето – спијам, се будам и сѐ него го гледам“. Тој што го гледаш, сепак, не е истиот. И сонцето е тоа што го знаеме од мали секој ден, но не нѐ изморило. Зашто сонцето е различно кога врне дожд, кога изгрева и после бурата; на еден начин е наутро, а поинаку при зајдисонце.

Секој човек, ако го сакаш, може да ти покаже многу свои страни. Жена ти се однесува поинаку на работа, на друг начин кога го роди детето, кога е болна, не е истата во текот на годините. Затоа не можеш да кажеш: „Таа ме умори!“, зашто за да те умори евентуално, треба да ја познаваш. А за да ја познаваш, треба да минат не 10, 30, 50 години, туку цела вечност. Ние никогаш не сме истите луѓе и секогаш има место да ја зголемиме љубовта во нашиот живот.

„Сакам“ значи да го оставам мојот човек да ги направи своите избори во животот. А најмногу детето. Го сакам детето – значи дека му давам сила и храброст да си ги отвори крилјата и да полета во животот. Не детето да го прави тоа што јас сакам, туку тоа што го сака неговото срце. Тоа боли. Тешко е. Еден татко кажа: „Изградив куќа за детето до мојата куќа! Имам соништа за него! И сега одеднаш сака да се ожени за некаква и сакаат да одат во друга област, во друг град, во друга земја. Како ќе го издржам тоа?“ Но тоа ќе значи љубов, т.е. да се случи не тоа што го сакаш ти.

Христос ја воскреснува ќерката на Јаир

Што направил Христос кога ја излекувал и ја воскреснал ќерката на Јаир? Таа била дванаесетгодишна. Тој ја воскреснал и рекол: „Дајте ѝ да јаде и да пие!“ Зошто го рекол тоа? Го читав во една книга и многу ми се допадна. Затоа што нејзините родители биле готови да ја задушат од бакнежи и прегратки. „Дете мое, ние те сакаме, за тебе сѐ ќе направиме, те имаме како бог“. Господ им рекол: „Дајте му на детето да јаде и пие, т.е. неопходните нешта, оставете го да зачекори на сопствените нозе и така да влезе во животот. Зашто тогаш луѓето се мажеле и женеле многу мали. Не му го давај на детето тоа што треба да го земе од друго место. Не го врзувај детето до тебе и така да живее за тебе, да живее само до тоа што ти му го кажуваш, без да си ги разотвори сопствените крилја. Младите се женат, а мајката уште го смета својот син за мало детенце и кога го гледа му вели: „Облечи го ова, студено е!“ Му дава совети за неговото семејство, како да нема жена до себеси и вели дека го прави тоа од љубов, но тоа не е љубов, туку нешто друго.

Христос сака од нас доблесна, силна љубов, каде другиот ќе те цени уште повеќе. Кога од љубов ќе го оставиш детето да си оди, тоа пак ќе се врати кај тебе со благодарност. Кога го притискаш наводно од љубов, во даден момент ќе скокне толку силно, ќе отфрли сѐ. Тоа ми го кажа една мајка на Кипар, која насила го носела детето в црква, кога било мало.

– Го сакав, вели, колку добро дете, сѐ што сакав исполнуваше!

Слушај само!

– Што мислите?

– Во црква го водев – идеше. На причест идеше, на исповед. Кога порасна еден ден ми рече: „Сега, кога станав полнолетен и ја сфатив мојата сила, чао!“ Ама, го сакав!

Но не го сакаше како што треба, на правилен начин.

Прашањето е да му ги дадеш на детето алатките со кои ќе може да живее само и после тебе. Да излезе во недела наутро и само да отиде в црква. Затоа што ќе го почувствува тоа како внатрешно искуство и лична потреба. Ќе појдам в црква не затоа што мајка ми ми рече, туку затоа што го сакам, го чувствувам тоа, го научив од моите родители и го почувствував во моето тело и душа. Ние се стремиме да ги направиме другите такви, какви што ние сакаме, но со тоа ги губиме. Зошто блудниот син се вратил при татко си? Затоа што татко му не го притискал, туку го сакал без притисок. Големо нешто е да сакаш некого без да го притискаш.

Продолжува…


Бог… Љубов (I дел)