Како цар на тронот свој ✤ Архимандрит Емилијан Симонопетриски ✣ III дел

Архимандрит Емилијан Симонопетриски
✤✣✤

Како цар на тронот свој
(III дел)
✤✣✤

Стекнавме само еден основен впечаток за човекот, за тоа каков го создал Бог и каков го сака. Но што е човекот? Ако ја отворите третата глава од Евангелието според Лука, ќе го видите родословот Христов, Неговиот татко, дедо, сѐ до првиот родоначалник. На крајот Св. Ап. Лука вели дека Христос бил потомок, односно син „Матусалов, Енохов… Еносов, Ситов, Адамов“. Но тој не се запира тука. Продолжува понатаму и додава уште еден збор, „Божји“. Што значи тоа дека Адам предокот Христов бил син Божји? Тоа значи дека човекот е син Божји. Синот човечки е човек. Синот Божји, пак, е боголик, еден мал бог. Човекот е токму тоа. Колку само чест ни дал Бог! Каква слава ни подарил! „Зашто Негов род сме“ (Дела, 17, 28), ние сме род Божји. Неговите раце нѐ создадоа, вели псалмопевецот. Човекот е, значи, богосоздаден. Бог го создаде и не го напушти; дури за него и на Крст се распна. Зошто? За да не ја заборавиме својата величественост, својата благородност, да не заборавиме дека сме принцови небески, дека во порфир сме родени, бидејќи тогаш постои опасност да се најдеме со „искината горна облека“, како што вели еден поет, да станеме просјаци, парталковци.

Драги мои, како денес размислуваат луѓето кои не веруваат во Христа и како размислуваме ние! Со што се занимаваат луѓето? Со многу нешта, големи и мали, сериозни и ведри, вредни и безначајни. Еве некои од тие нешта. Ќе ги изразам во еден хаотичен поредок онака како што ги гледаме во светот. Атомска енергија, електричен фрижидер, телевизор, романтика и козметика, мода и фризури. Сателити, пријателски прошетки и брачни договори. Изложби, семинари, собири и други човечки забави.

Во една земја беше организиран некаков студентски собир. Четири илјади студенти, надеж на некаков си народ, протестираа зашто луѓето немилосрдно употребуваат отров за глувци. Бараа да се најде некаков друг начин за истребување на глувците.

Пред неколку дена еден наш земјак, наш сосед од Трикала ја прослави Грција. Постави светски рекорд. А пред неколку години имаше речено: „Ќе престанам со секаква забава, секаква злоупотреба, ќе се сконцентрирам на самиот себе за да го срушам рекордот“. И го сруши. Го надмина својот колега од Германија и прескокна 5, 49 м.

Би ги прашал студентите што се заинтересираа за глувците: дали некогаш сте се замислиле за човекот, за своето сопствено постоење? Да се задлабочиме во Светото Писмо за да ја видиме висината на која Бог сака да нѐ издигне. Св. Григориј Богослов вели дека човекот е едно „животно кое одовде се спасува, на друго место преминува, а крајот на тајната е дека со упатување на погледот кон Бога се обожува“. Значи човекот е едно око што гледа во Бога. Тој е како Светиите на нашата Црква кои во градовите и селата, во пустините и влажните пештери го призивале и барале Христа: „Да не сте Го виделе Оној Кого што Го бара душата моја?“ (Песна над Песните, 3, 3)

Некогаш во предвечерието во Рајот се слушнаа чекори и гласот Божји: „Адаме, каде си?“ (Битие, 3, 9) Од тој ден Бог чека да Му возвратиме со истото прашање, гласот Негов да одекне во срцата наши, да удри во нивните прегради, да заѕвони во длабините наши и да стане многу силен за да се слушне на небото, да стане глас кој ќе Го бара Него, глас кој ќе стане песна. Глас кој ќе пее: „Боже мој, Боже мој, каде си? Дај да Те видам, да Те освојам, бидејќи си ме создал сличен на Тебе и сакам да Те гледам само Тебе, Кој си мојот Праобраз. Боже мој, каде си? Кога би имал два живота, би Ти ги принел Тебе. Кога би имал четири очи, би Ти ги дал. Да можам да станам стрела, да се затегнам колку што можам, та како стрела да стигнам до небото, да Те најдам и засакам Тебе! Боже мој, кога би можел ’да умрам и со Христа да бидам‘“.

Тоа е, мили мои, човекот. Боголикиот образ и подобието Божјо. Поглед кој гледа во Бога, сила насочена непосредно кон Бога. Некој кој чувствува дека ни за миг не може да живее без Него.