Едвај допирајќи ја земјата (прв дел)

И им кажа една парабола и рече: „На некој богат човек нивата му беше родила многу. И размислуваше во себе, велејќи: ‘Што да направам? Немам во што да ги соберам плодовите свои’. Па рече – вака ќе направам: ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра, и ќе ѝ речам на душата своја: ‘Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!’ Но Бог му рече: ‘Безумниче, ноќва ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане?’ Така се случува со оној што собира богатство за себе, а не се богати во Бога“ 

 

(Лука 12,16-21)

Еден богат човек си размислувал во себеси и си велел: „Што да направам, не можам да го соберам сиот род“. Тој мислел, но како? Умот ти работи, мислиш за разни нешта, но кој ти дава вдахновение? Мислиш ли правилно, гледаш ли на животот правилно, ги толкуваш ли правилно настаните? Животот е таков каков што е, но толкувањето коешто секој го дава е различно. На пример, некој се разболува, сите околу него гледаат на болеста на различен начин. Еден како на Божја казна, друг како повод да се разочарува и очајува, третиот со меланхолија, четвртиот верува во Бога и гледа Божја промисла во појавата на болеста и вели: „Бог има план“. Друг мисли за операцијата, за лекарот, за својата сила, како ќе појде во болницата, за да оздрави. Сите гледаме нешто различно. Тоа ни го дава Црквата – различното. Црквата нема да го промени светот. Таа ќе ја промени нашата помисла, односот кон светот, нашиот светоглед. Што значи светоглед? Како го гледам мојот живот, светот, нештата околу мене, аголот на гледање, како го доживувам животот, т.е. како се толкуваат настаните од животот.

Параболата за безумниот богаташ

Како богатиот човек ги толкувал настаните од својот живот? Многу егоистично, самостојно, без Бога, умот му мислел само за себеси, за неговите богатства, а Господ не влегувал во нив. Никаде не се слуша зборот Бог. Овој човек бил богат, неговата земја дала плод, Господ му дал секакви блага, таа година реколтата била обилна, но умот не му работел правилно. Затоа неговите мисли биле болни. Тоа е болеста на самостојноста, на егоизмот. Гледајте како се покажува – тој седел и мислел сам, не се молел, туку размислувал. Едно е молитвата, а друго размислувањето, што значи ‘седам и мислам сам’. Молитвата значи се молам на Некого, излегувам од мојот егоизам, од себеси и Му зборувам на Бога, не се занимавам со своето его, туку со Бога, се трудам да Го сретнам – преку настаните од животот се трудам да Го најдам. Богатиот не го правел тоа, туку бил победен од своето его и од работите на таа земја. И затоа се прашувал: „Што да правам сега, кога немам каде да го соберам сето тоа?“ Сам измислил одговор, без да побара од никаде просветление. Затоа, кога мислиш сам, кога постапуваш сам, ти живееш блудно, зашто тоа е блудство, блуден не е само оној кој оди и прави тешки гревови. Блудство на нашата помисла е и тоа – да живееш како да немаш Татко, како Бог да не постои. Не Го прашуваш, не Го повикуваш, туку си велиш: „Ете, ќе го направам тоа; ќе ги урнам моите житници и ќе изградам поголеми, ќе ги соберам таму сите мои блага и ќе ѝ кажам на душата: „душо моја, имаш многу блага, со тоа што си го натрупала има да јадеш за неколку децении. И така, почивај, јади, пиј, весели се! И да си поминуваш добро. Тоа прави го, забавувај се и не мисли на ништо друго! Животот е твој, ќе го живееш како што си сакаш“.

Решаваш многу работи, сакаш многу работи, но без Гостоприемникот, како што велиме, Гостоприемникот на овој живот, Оној Кој нѐ засолнува во овој живот, Оној Кој ни дозволува да пребиваме во овој живот, е нашиот Творец. Оној, Којшто некогаш рекол и сме се родиле, Кој некогаш дал заповед и сме биле зачнати во утробата на нашата мајка, ни дал дишење и живот. Тој имено ќе го определи и крајот на нашиот земен живот, ќе определи колку ќе живееме. Овој богаташ вели: „Не! Јас ќе определам! Јас! Затоа, вели, моите плодови, моите блага, ќе кажам на мојата душа, сѐ е мое, мое, мое. И тоа е мое, и тоа, душо моја, сѐ е мое!“ Тој воопшто не се чувствува должен кон Бога, воопшто не чувствува, дека е „задушен“ од Божјите дарови, воопшто не чувствува благодарност.

Старец Пајсиј со врапчето

Не вели: „Благодарам!“, како што велел Старец Пајсиј, кој една вечер јадел домат на Света Гора и пред да го изеде седнал да помисли малку. Гледајте какви помисли само! Какви мисли предизвикал еден домат во умот на светиот човек! Го пишува тоа во книгата за него. Тој вели: „Христе мој, колку убаво што ме доведе тука, на Света Гора! Ти благодарам и Те прославувам! Други луѓе сега работат за да соберат пари, да ја платат киријата, јас тука не плаќам кирија, живеам бесплатно во колибата. Други живеат меѓу штетните гасови и се мачат и им е тешко, а јас дишам чист воздух; другите имаат деца, грижи, се изморуваат, се борат, а мене си ме направил цар, сѐ си ми дал! Имам во близина духовни браќа, кои ме сакаат и ми помагаат, се црквувам, се причестувам, си ми ги дал сите дарови. И си го јадам моето јадење“. На што мислел кога рекол ‘јадење’? Еден домат, малку шеќер, скромни работи, многу едноставни. И во тој час, додека го велел тоа, од очите му потекле солзи – со еден домат, со едно шеќерче. Гледате ли какви помисли? Чисти помисли. Тоа е правилниот однос кон животот. Ќе Го ставам Бога дури во тој домат, ќе Го ставам Бога во деталите од мојот живот, кои не се само детали. Кај овој богаташ не биле детали, туку огромен дар од Бога. Кога гледаш дека благата ти се толку обилни, тоа не е нешто занемарливо. Ние велиме: „Не го разбрав тоа!“ Како не го разбра? Твоето здравје, твојот ум кој работи, твоите деца кои се здрави, домот што го имаш, кредитот што го исплаќаш и си здрав за да можеш да го исплаќаш, толку многу нешта кои Бог ти ги дарува. Тоа не се ли Негови дарови, не се ли причина за да си спомнеш за Него? Не се ли поттик во твојата душа, преку кои Ти вели: „Дете мое, и друг дар ќе ти дадам, погледни Ме малку“. А ти што правиш? Го грабаш дарот како некои деца кои се во етапа на раст, за да придобијат самосвест и чувство за сопственото јас, во една преодна возраст, кога сакаат сѐ да е нивно. Ќе појдат во туѓи куќи, ќе ги земат туѓите играчки и после тоа не сакаат да ги вратат. Мајката вели: „Дете мое, тоа не е наше, ние имаме други колички, тоа е на братучед ти, врати му го!“ „Не! Го сакам и тоа!“ Оваа психологија, овој менталитет, овој егоизам, тоа е самостоен живот. Живееме во Божјиот дом, во средината што Бог ни ја дал, но без Бога и Бог не значи ништо за нас.

Еднаш му подарив една бројаница на еден човек и му реков: „Да се молиш со неа, но да се молиш и да Го спомнуваш само Христос, а не луѓето, ниту мене“. Отец Јероним Егински го вели ова: „Во часот кога се молиш, прогони ме од својот ум, зашто во тој час мислиш за Бога, не се држиш до луѓе, туку се соединуваш со Бога“. По некое време тој ме виде и ми рече: „Благодарам многу за бројаницата! Ја користам, но да ви кажам нешто, секој пат кога ја вадам од џебот, се сеќавам дека вие ми ја подаривте и велам: тоа е подарок од вас! После тоа, правам така како што ми рековте. Се обидувам молитвата да ми биде фокусирана“.

Сѐ што имаме околу нас се дарови што Бог ни ги дал за да ги гледаме непосредно и умот да ни се насочува кон Него. Он е Дарителот на даровите, од Него доаѓа сѐ убаво на земјата и на небото – твојата сопруга, твоите деца, твојот дом, здравјето, сѐ што имаш е од Бога. Го разбираш ли тоа? Ти го забораваш тоа. Кога Адам ја видел Ева за прв пат, тој многу се зарадувал и на Ева, и на Бога. Го засакал уште повеќе Бога, зашто рекол: „Господи, колку си добар! Ми ја даде Ева!“ Тој ја гледал Ева, ја сакал, општел со неа, но го помнел моментот во кој Бог му ја претставил и додека Ева била до него и Бог бил до него. Тој не Го изгубил Бога, не се чувствувал самостоен и одвоен од Него.

Ева го довела поблиску до Бога, а врската со неа и љубовта што ја имале помеѓу себе, ја греела нивната љубов кон Бога, која за возврат ги топлела нивите взаемни чувства. Ја загубивме оваа убава врска, овој убав континуитет на љубовта и не ја живееме. Ги живееме Божјите дарови без Бога, не Му благодариме, не Го прославуваме, не Го помниме, Го забораваме, а Тој ни дал сѐ и продолжува да ни дава.

Еден млад човек ми рече дека сака некоја девојка и ѝ испратил цвеќе, а таа му го вратила назад. Или друг пат – вели – ѝ испратив цвеќе, а таа ништо не ми одговори. Очекував да ми напише барем едно „Благодарам!“ Се обидов да ѝ покажам дека не сакам да се разделиме и дека ја сакам. Но таа молчеше. Јас му реков: „Добро, дали цвеќето сигурно стигна до неа?“ „Да, се јавив во продавницата за цвеќе, ми рекоа дека го испратиле, порачката била исполнета. Го добила. Но не ми одговори. Не се сеќава на мене. Ме презира“. Човек се ранува. Така и Бог. Он е вљубениот во нашата душа, така велат светците, дека Бог нѐ љуби толку многу и сѐ што ни дава, ни го дава за да нѐ исполни со љубов кон Него, но ние не Го сакаме, ги земаме Неговите дарови и Го забораваме. Сопрузите забораваат дека другиот е дар за нив, Го забораваат Бога и во животот ни се појавуваат оние страшни зборови: рутина, досада, здодевност, просто се уморуваш од одморот. Имаме сѐ и се уништуваме себеси, имаме рај на земјата и животот ни станува пекол среде тој рај во кој живееме. Технолошки и електронски рај, рајот на автомобилите, на куќите, телевизијата, велиш: животот е рај, има сѐ! Се јавуваш по телефон и веднаш зборуваш со кого сакаш, имаш интернет и општиш со целиот свет. Животот би можел да биде рај, но затоа што отсуствува Оној, Кој го создал рајот, затоа што Го извадивме Бога од рајот – дали е возможно да има рај без Бога? Дали е возможно да има рај без во него да оди Оној, Кој е Творец на сѐ? Адам и Ева ги слушале стапките на Бога, Го гледале, Му се радувале, Му се насладувале, живееле заедно со Него, биле соединети со Него, било убаво и тоа го претворило нивниот живот во рај. Кога Го извадивме Бога од нашиот живот, тогаш сѐ стана пекол. Ги гледаш работите и сакаш да  консумираш, се претвораш во консумирачко суштество, односно: дај и ова, дај и она, да натрупам, да јадам, да ставам пари во банката, да купувам коли, куќи! Алчност! Душата не се наситува. Душата не се наситува од тие нешта и овој беден богат човек, односно ние, кои сме позлобни и од него, ова ѝ го велиме на својата душа: јади, душо моја! Ама, што да јаде мојата душа? Мојата душа не јаде такви нешта. Таа не може да се насити ниту со стадиони, ниту со танци, ниту со мода, ниту со козметика, ниту со врски, ниту со забава, ниту со патувања. 

Таа не се наситува со такви нешта. Така само заборава за себе, само имаш лажно чувство дека е жива. Си имал некакво невообичаено искуство. Добро, што значи тоа? По квалитет не е силно, тоа е нешто кое ти остава впечаток, но како содржина – ништо, како квалитет – една лага, измама, исмејување. На крај доаѓа ужасното разочарување, страшната меланхолија. Имаш сѐ, а сѐ нешто ти фали, зашто Го нема Оној, Кој разубавува сѐ. Внимавај, не прави сега погрешен заклучок дека го отфрлам животот, затоа што и еден домат може да те направи среќен, ако знаеш да го јадеш во Бога, со Божјата благодат, со Бога, тоа е повод за среќа. Еден домат може да стане причина да течат радосни солзи од твоите очи. Еден домат. А ти имаш сѐ! Најубави гозби, разновидност од пици, јадења од фурна, секакви вкусни гозби – и тие стануваат пекол, отрови, тоа што го јадеш станува отров во тебе, зашто го јадеш и тоа те јаде. Го јадеш без љубов, без молитва, со ропот, негодување, караници и кавги, го јадеш, но не те зајакнува, ти одмараш, но се уморуваш со тој одмор.

Продолжува