ГОДИНИ НА ПОДВИЗИ И ДЕЛА

Слово на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан на Светата Литургија на празникот „Отсекување на главата на св. Јован Крстител“ и по повод 20 години од возобновувањето на монаштвото на Бигорскиот манастир

 

Денешниов празник многумина богослови го нарекуваат втор Велики Петок. Овој ден е најтажниот по денот кога пострадал Господ Исус Христос. Веќе дваесет столетија, настанот со отсекувањето на главата на св. Јован, меѓу христијаните се одбележува со чувство на тага поради пролеаната невина крв во одбрана на честа и правдината, се чествува со чувство на болка по жртвата поднесена од најголемиот меѓу родените од жена, како го нарекол својот Претеча и Крстител Самиот Господ Исус Христос. Никој друг не добил таква пофалба од устата на Спасителот, како богоугодникот во чиј спомен ние денес празнуваме.

Св. Јован бил праведник пред сите праведници и пророк над сите пророци; тој е ангелот кој бил пратен да го приготви патот пред Господа, да ги подготви народите за средба со Синот Божји… Благодарение на својата праведност, се удостоил да ги види гревовите на луѓето и да повикува на покајание; бил повеќе од пророк, затоа што најконкретно го објавил доаѓањето на Господа Исуса Христа, доаѓањето на Оној Кој е поголем од него, на Оној Кој ќе го очисти гумното и житото ќе го прибере, а плевата ќе ја изгори; бил ангел – повеќе од ангелите, бил ангел во тело по својот живот на земјата и постанал пример за сите коишто, благодарение на ангелскиот живот на земјата, се удостоиле на вечна близина до Бога…

Св. Јован бил и првиот исповедник, кој Го видел и препознал единствениот и вистински Бог и дал пример, за илјадници и илјадници потоа, па сѐ до денес, Христа да Го исповедаат за Спасител и Господ. Тој бил и првиот апостол и евангелист, кој во Христа Го видел Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот. Тој е првиот проповедник, кој Го објавил долго очекуваниот Месија, кој на сите праведници и на сите коишто Го очекувале, им објаснувал дека смртта ќе биде победена преку смртта на Господа…

Св. Јован бил и првиот маченик, кој со радост пострадал за правдата и вистината Христова. Бил непоколеблив и непопустлив во бранењето на моралот, на честа и достоинството на бракот, семејството и роднинството. Не се исплашил дури ни пред царот пијан од вино, ниту пред Иродијада пијана од омраза. Пострадал, но останал глас што постојано повикува и опоменува, и на покајание и на праведност, глас што се слуша во сите времиња и што достига до сите далечини…

Во личноста на свети Јован, Крстителот и Претеча Господов, имаме големо богатство, имаме ризница на доблести, имаме пример достоен и добар за следба. Повикот упатен од Бога, за него бил врвен императив. И поради својата вера и предаденост на Божјата волја, тој на православниот иконостас се удостоил да има место од левата страна на нашиот Господ и Спасител.

Ако пак и за миг се замислиме над животописот на свети Јован – нема период од неговото живеење кој не воодушевува и не исполнува со радост. Но особено, заради поводот за кој сме денес дојдени, неодминливо е да се спомене дека во личноста на свети Јован, ние, православните, всушност, го имаме првиот подвижник и пустиножител, првиот, би рекле, монах во Новиот Завет. Со својот начин на живот поминат во самотија, оддалечен во пустината и ограничен во исхраната, а најмногу поради неговата секојдневна духовна борба и молитва кон Бога, свети Јован како да ги поставил основните принципи на монаштвото: послушанието – зашто сеоддано бил послушен на волјата на својот Отец Небесен, а знаеме како постапи кога, поради својата скромност и смиреност, не сакаше да Го крсти Спасителот на светот, но кога Тој му кажа дека треба да се исполни секоја правда, свети Јован непоколебливо го исполни благословот и послушанието, дадени од Бога; потоа принципот на сиромаштвото – зашто тој сиот свој живот го помина во пустината, а на себе имаше само една облека, крута по својот состав и опашана, за да го потсетува на постојаната потреба од борба со страстите, но и на минливоста на овој свет; и безбрачноста – зашто тој се венча не со жена, туку со волјата Господова, за да биде оној што вика во пустината, што поучува да го подготвиме патот и да ги израмниме патеките до нашето срце, за да може во него да влезе Господ.

И, ете, од кога е овој подвиг што во историјата на Црквата, но и на човештвото, осмислил многу и направил многу. Монаштвото, тој ангелоподобен начин на живеење, секогаш бил и ќе биде најважниот дел од севкупната христијанска заедница, зашто врз него е поставен принципот на целосната оддаденост на Бога и Неговата волја. Монахот постојано живее и диши со молитвата, со послушанието, со смирението и трпението, со љубовта кон сиот свет и секој човек. Монахот никогаш не бил оној кој се грижи за себе, туку оној кој бдее над спасението на сите луѓе. Тоа го имаме за пример, ете, и во свети Јован, кој излезе да проповеда покајание и поправање меѓу луѓето, го имаме и во животописот на многу монаси, го имаме и во духот и принципите на монаштвото. Па ако монасите се ангелоподобни, тогаш како може да се помисли дека тие се грижат само за себе? Ангелот чувар е постојано до нас, ангелскиот свет постојано се моли за нас овде на земјата, а многу пати е посведочено дека ангели ја соопштувале волјата Божја на човечкиот род… Така е и со земните ангели – монасите, и затоа уште во првите векови на христијанството е речено: монаштвото е крвотокот на Црквата, односно монаштвото е силата на Црквата!

Таа и таква улога на монаштвото се посведочи и во македонскиот духовен простор. Современото наше монаштво, својот континуитет го има уште од времето на свети Наум, Охридскиот Чудотворец, па преку нашите преподобни отци Прохор Пчински, Јован Рилски, Јоаким Осоговски и Гаврил Лесновски и потоа во отците коишто живееја пред и за време на Преродбата: Јоаким Крчовски, Теодосиј Синаитски, Кирил Пејчиновиќ, Партениј Зографски и др. Не може да се одмине и улогата на нашиот свет владика Гаврил Светогорецот, зашто токму тој е родоначалникот и возобновителот на современото македонско монаштво. Тој живееше релативно кратко, но неговиот лик и дело се пример и поттик за многумина да го засакаат ангелоподобниот подвиг и да се предадат целосно на Бога, а за доброто на нашата света Црква и на нашиот православен народ. Потоа го добивме монахот Нектариј, сегашниот игумен на св. Наум во Охрид, па монасите Иларион и Партениј и така со ред… до сношните Анатолиј и Нифонт.

Имаме многу со што можеме да се пофалиме: имаме монаштво и живи манастири, какви што немаат дури ни некои поголеми Православни цркви и народи. Монаштвото е знак, тоа е плод на нашето живеење со Бога и во Бога. Овој јубилеј – 20 години од возобновата на монаштвото во Бигорскиот манастир, е јубилеј на целата наша Црква, зашто сето она што го правеше и прави игуменот на овој манастир, возљубениот архимандрит Партениј, сите овие години макотрпно поминати и жртвувани за материјалното и духовното богатство на Македонската православна црква, го правеше за нас и за нашата Црква. Со делото на ова братство, не добивме само прекрасен манастирски комплекс, по примерот на древните православни светилишта, туку добивме и добиваме и многу духовно богатство – многу воцрковени верни чеда, кои активно и предано ја живеат верата во Господа. Токму затоа, високопреподобен оче и возљубени црнорисци од Бигорскиов и од манастирот во Рајчица – милостивиот Бог нека ве награди за вашиот труд и подвиг! Ви благодариме за секој камен, духовен и материјален, подигнат и ставен во материјалната и духовна градба на нашата света Црква. Веруваме дека нашата Црква знае и како соодветно, како што доликува и треба, да ве награди за ова ваше дело. Како Поглавар на нашата света Црква, ви препорачувам – продолжете со започнатото дело, со создавањето услови за продолжување на монашкиот подвиг во овие како и во други наши манастири. Бидете послушни, бидете смирени и трпеливи во искушенијата, помагајте си во духовната борба, но најмногу од сè – никогаш не бидете колебливи, туку продолжете да го носите својот и крстот на нашиот народ и на нашата света Црква. Искушенија имало и секогаш ќе ги има, но Бог ни ги допушта за да нѐ зацврсти и да покаже пред сите какво Негово светило сме ние.

Господ да ве благослови, да го благослови вашиот подвиг, да ја благослови вашата монашка заедница и да ви дава сила за уште многу богоугодни дела.

Нека е за многу години денешниот празник и нека ни се множат јубилеите!

Светата Литургија нека ни биде на здравје и спасение! Амин!