Какво не е Православието ✤ Архимандрит Андреј Конанос ✣ I дел

Архимандрит Андреј Конанос
✤✣✤

Какво не е Православието

(I дел)
✤✣✤

Најпрвин да кажам дека кога зборувам за Православието, не зборувам за некаква религија. Православието не е религија. Не сме го измислиле ние она во коешто веруваме. Човекот никогаш не можел да измисли и да каже само од себе: „Љубете ги непријателите свои“. Тоа го вели и Старец Софрониј од Есекс: само таа Христова заповед е доволна да покаже дека нашата вера, нашата Црква и нејзиното учење не можат да имаат човечки происход, бидејќи човек никогаш не би можел да ти каже „сакај го својот непријател!“, кога ти дури ни себеси не можеш да се возљубиш. А Христос не само што ти го вели тоа, туку и ти дава сила да го направиш.

Евангелието ни кажува за неверојатни, за умот недостижни нешта и сите Светии и големи богослови, сфаќаат дека дури и во епохата во којашто живееме, тоа не е доживеано во полнота. Зашто Евангелието и следствено Православието го издигнуваат човекот до највисоките точки каде тој може да се сретне со нетварното, да се допре до Него и да се соедини со Него. Додека постои овој свет, тоа собитие никогаш не може да се доживее потполно и во совршенство. Ние одиме од совршенство кон совршенство, но Евангелието сѐ уште не е преживеано во полнота, бидејќи капацитетите кои ги открива пред нас се безгранични, како што се и хоризонтите до коишто Бог нѐ повикува да стигнеме. Ние сме Православни, Христијани, но можеме да постигнеме и повеќе, и повеќе, и повеќе од тоа. Како што се вели – совршенство кое никогаш не завршува. Ете тоа е Православието. Во секој случај тоа не е религија, којашто е човечко движење, и при која човекот може да го земе Бога и да си фантазира за Него, да внесе многу фантазија, во религијата себепроекцијата е многу активно присутна. Тоа што го мислам во себе, правам да постои објективно, додека тоа можеби и не постои и со сигурност е заблуда. Но во Црквата Бог доаѓа, се открива и се јавува. Он нѐ најде нас. Не ние Го познававме Бога. Он нѐ најде. Ние не знаевме во што да веруваме. Ние не го веруваме тоа во коешто веруваме затоа што така ни се допаѓа, или така сакаме, со оглед на тоа што и ние самите коишто го пренесуваме и учиме, се мачиме да го примениме. Ние, сепак, зборуваме за него зашто тоа е вистина. Ова всушност покажува дека нашата православна вера ги надминува нашите сили и поради тоа е вистина откриена од Бога.

Ми остави впечаток она што Берѓаев го пишува во една од своите книги, не се сеќавам на деталите – некој сакал да стане православен и му рекол на друг православен:

– Сакам да станам православен. Но претходно сакам да појдам по сите краишта на светот и да видам како луѓето го живеат Православието, да ги видам и другите цркви, да ги видам другите догми, другите религии и да си направам избор!

Православниот му одговорил:

– О, подобро не оди! Стани православен сега, додека имаш желба и ревност! Зашто ако појдеш и видиш како живееме ние, православните, ако видиш некое безредие или скандал, ќе се соблазниш и нема да станеш православен. Стани сега, додека сакаш!

– Не, нема! Ќе отидам прво да видам!

Православниот си рекол во себе: „Ох, ако сега појде и ја види одблиску Црквата и какви сме ние, луѓето, ќе се соблазни и ќе си замине“.

Тој пошол на различни места, ја видел Црквата, ги видел проблемите. Отишол во Ватикан. Таму го видел светското совршенство, системот, програмата, организацијата… кај нас видел недоразбирања, неразумност, караници и други слични нешта. Поминало извесно време. Православниот одново го видел и го прашал:

– Што бидна? Дали се предомислуваш да станеш православен?
– Ќе станам православен!
– Го направи ли патувањето за коешто зборуваше?
– Да!
– Виде ли сѐ?
– Видов!
– Виде ли нешто што те вознемири?
– Видов сѐ. Видов и скандали, и гревови, и неразумности, и блудства во Црквата.
– И во краен случај, каков ќе станеш?
– Православен!
– Зошто? Зар не се соблазни?
– Се соблазнив по човечки.
– Зарем не те вознемири тоа?

Се вознемирив, но упорен сум да станам православен, бидејќи сфатив дека со оглед на тоа дека оваа вера, ова учење опстојува и продолжува да постои и покрај сите скандали, и покрај сите човечки падови, и покрај работите што ме разочараа, тоа не е човечко! Сфатив дека Православието има божествен происход, инаку ние досега ќе го уништевме!

Некој голем човек го кажал ова: „Не плаши се, Православието не може да падне. Знаеш ли зошто? Со оглед на тоа дека не го уништиле оние што се православни, но не се придржуваат на верата, никој друг не може да го уништи!“

Ние самите ги поттикнуваме луѓето да размислуваат. Откако многупати ќе ме видиш, си велиш:
– Овој добар свештеник ли е? и како треба да се подвизувам за да стана како него?

-Но, возљубен мој, нема да ме следиш мене, ќе го следиш она што ти го велам. Нема да ги гледаш моите раце, ќе Го гледаш Оној Кој Го држам во рацете – Христос. Моите раце се нечисти, но тоа што го држам е Светата Чаша, Бог Кој се воплотува, Светата Причест, во којашто Христос се соединува со тебе и Него следи Го. Затоа стануваш православен и во тоа е величината на Православието!

Никој не може да војува со Православието! Знаете ли зошто? Затоа што да го победиш, треба да го спознаеш. Денес светот си мисли дека војува со Црквата. Но Црквата, Православието, нашата вера е Христос. Никој не може да војува против Него зашто за да војуваш со Него прво треба да Го познаеш. А ако Го познаеш, не е можно да не застанеш пред Него, да не паднеш на колена, да не се поклониш и да не кажеш: „Господ мој и Бог мој!“ И да не воскликнеш: „Со Тебе ли војувам?! Невозможно е!“

Денес луѓето мислат дека војуваат против Православието, Црквата, Христос. Знаете ли против што војуваат? Против човечката страна на работите. Тоа што го нарекуваме човечки систем, организација, финансиите на Црквата, луѓето, моите грешки, но тоа не е Христос. Христос е апсолутно свет, безгрешен, Он е Оној Кој го спасува човекот и без Него луѓето не можат да одат кон своето спасение.

Продолжува