Какво не е Православието ✤ Архимандрит Андреј Конанос ✣ II дел

Архимандрит Андреј Конанос
✤✣✤

Какво не е православието

(II дел)
✤✣✤

Православието не значи да правиш нешто на сила. Тоа во коешто веруваме е нешто исклучително слободно. Нешто исклучително прекрасно, исклучително аскетско, строго, но истовремено и многу слободно. Во Православието не постои присила. Секој си прави доброволен подвиг колку и како што може. Не можеме сите присилно да правиме едни и исти нешта. Секако, веруваме во Еден и ист Бог, во догматите на Црквата. Но сега не зборувам за нив, тие се неизменливи. Тие не се подложни на расудување, тие се нашата вера, тие зборуваат за тоа како Бог се јавил во светот. Но како ги применуваме на дело – токму тука расудуваме и притоа многупати си допуштаме грешки.

Еднаш некој човек отишол кај Свети Антониј и му рекол:

-Оче, немам желба за духовен живот! Православен сум, но не се подвизувам.

Тој му одвратил:

-Направи нешто малку. Сакаш ли да се помолиш малку?

-Се изморувам.

-Направи малку поклони! Барем три поклони пред да заспиеш.

-Не можам, отец, половината ме боли.

-Давај барем малку милостина!

-Е, не можам, собирам пари за своите деца.

Тој му зборувал, зборувал, но човекот не сакал ништо да направи и најпосле Св. Антониј му рекол на својот ученик:

-Свари му малку овесна каша, болен е!

Не можеш едното, не можеш другото, а православен си. Никој не бара од тебе нешто што не можеш, но барем направи го она што можеш. Православието значи дека ја полагам пред Бога својата искреност, намера и борба, но не присилно. Тоа не го притиска човекот. Многу ми е непријатно кога гледам луѓе што влегуваат во Црквата и чувствуваат дека сега треба да започнат да прават работи со коишто прекумерно ќе се присилат себеси. Но во Црквата не се прават нештата на сила. И ако се прават, се прават доброволно и тоа не те изморува. Како што мајката дома се грижи и подложува на напор за да зготви, но ако ги сака гостите што ѝ дошле дома, тоа го прави со голема радост, не чувствува притисок. Ако вистински го возљубиш Православието тогаш ништо не значи што си млад – стануваш дури и свештеник и пак се радуваш!

Еден човек ме праша:

-Ама како можеше да станеш свештеник, и да се лишиш од толку многу работи?

Јас му одговорив:

-Сега се насладувам на тоа за коешто ти велиш дека се лишив!

Зашто ако го возљубиш Православието, го правиш она коешто другите го нарекуваат жртва, а гледаш дека тоа е едно ништо, односно најлесното нешто, кое ни малку не те изморува. Другите само да се обидат да си го претстават тоа и веќе им се врти во умот, зашто не го познаваат. Затоа, од нив Православието нема да бара нешто што тие не можат да го направат, туку она основното, најмалото.

Затоа и ние, коишто сакаме да го почувствуваме вистинското Православие во душата, да не вршиме притисок врз другите и да не ги принудуваме на што и да е, зашто не секој може да стигне таму каде што си ти, кој си напреднал многу. Ќе тргнеме од таму од каде што секој може. Црквата, Православието, и следствено Христос – гледате дека ги користам овие три збора, бидејќи зборувам за едно исто нешто, Православието е Црквата, Црквата е Христос. Не постои униформност. Влегуваш во Православието и го запазуваш својот карактер и самиот себеси. Не се претопуваш, не стануваш како другите, не ги подражаваш другите, немаш никакви обрасци коишто слепо и ропски ги подражаваш, ја запазуваш својата идентичност, своите дарбини и сето тоа го развиваш и душата ти процутува, бидејќи си таков каков што си. Тоа е многу трогателно.

Ајде да се навратиме малку кон историјата на Црквата, на пример кај Студитите и Саваитите. Студитите од Студитскиот манастир во Константинопол, пееле песнопенија во храмот, слушале поуки – умилителните слова на Св. Теодор Студит, атмосферата била, така да се каже, потопла, полесна, покомфорна за подвижникот. Саваитите од манастирот Св. Сава во Ерусалим имале поразличен или построг типик. Тие само читале во храмот, за нивниот слух да не се занесува со мелодии и песнопенија. И едните и другите биле православни и не се барало од нив да се поистоветат, да се порамнат со другите.

Во Православието има разноликост. Затоа, ако некој појде на Света Гора, ќе види дваесет големи манастири и во нив сите Го љубат Едниот и ист Бог, Му служат на истиот Христос, веруваат во истите догмати, но чувствуваш дека еден манастир има своја определена специфичност, другиот, пак, друга, тоа всушност зборува за единство во разноликоста. Тоа е Православието. Во него нема едначење, при што сите треба да станеме едни и исти, да се облекуваме исто, да зборуваме на еден ист начин, да чекориме на еден ист начин и сите да велат: „Тие сите се исти!“

Заедничкиот белег треба да биде нашата љубов, единството на нашето срце и нашата вера, а гледано надворешно има разноликост, бидејќи секој човек си избира нешто, не избираме сите едно и исто нешто. Ние ја апсолутизираме не надворешната форма, туку вистински Апсолутниот – Господ.

Православието нема врска со вината. Св. Никодим Светогорец кажува нешто страшно: „Ти, којшто си православен, се вознемируваш многу за грешките што ги правиш и се препушташ на мака и униние заради гревовите свои, и покајанието ти доаѓа до точка на постојано фокусирање врз она што си го направил и зошто си го направил, а тоа значи дека не си ја разбрал големата љубов и надежта во Бога и во себе криеш егоизам“. Овој менталитет не е православен. Овој дух не е православен. И покрај тоа, ако ги прашаш луѓето зошто немаат врска со Црквата, знаете ли што велат повеќето?

-Во Православието, во Црквата постојано ти велат: „Не може! Сѐ се забранува“. Кога ќе појдеш во црква – „немој!“ едно, „немој!“ друго, сѐ нарекуваат грев, велат дека ништо не е дозволено. Црквата не ти остава ништо на што да се порадуваш!

Така мислат повеќето луѓе и притоа особено ми оставаат впечаток младите луѓе чиишто критериуми честопати не се веродостојни, бидејќи мислат и чувствуваат дека влегувајќи во Црквата, повозрасните – или ние родителите, или ние свештениците, или некои други – ќе започнат со забелешки: „Поправи се, вразуми се! Престани да го правиш ова, престани да го правиш она!“

И другиот се задушува. А Црквата не е задушување. Православието е дишењето на нашата душа. Во него не се задушуваш, туку дишеш.

Продолжува