Какво не е Православието ✤ Архимандрит Андреј Конанос ✣ III дел

Архимандрит Андреј Конанос
✤✣✤

Какво не е Православието

(III дел)
✤✣✤

Иако се чувствуваме православни, за некои работи имаме чувство на голема вина. Се задушуваме. Но Црквата ти вели: „Ела, дете мое, успокој се. Христос ти проштева, Он те љуби, ти дава други очи со кои би го гледал светот, со благодарност и почит кон Бога“. Наместо да чувствуваш грижа на совест за она што го правиш, треба да Го прославуваш Бога. Тоа сфаќање дека некои нешта се добри, а други лоши, некои се материјални, а други духовни, колку и да изгледа навидум духовно, се извинувам што морам да кажам, но тоа не е православно! Православието значи да ги усвојуваш и примаш сите пројави на животот, од најматеријалните, до најдуховните и во сите да ја внесуваш Божјата благодат. Не постои ништо лошо во она што Бог ти го дал. Ништо од она што е дарувано од Бога во нашата природа не е лошо. Дури и љубовта кон страстите треба да се преобрази, како што велат Светиите, треба да се претвори во љубов кон Бога. Тој копнеж на душата по љубов, топлина, сакање, единство, само по себе крие нешто добро, што Бог го вложил во тебе. За жал во исповедта гледаме дека доаѓаат луѓе што страдаат од грижа на совест, која ја изразуваат со мислењето дека Црквата прави да се чувствуваат така; Односно од моментот кога ќе станам православен треба постојано да имам грижа на совест, да се чувствувам лошо, да се чувствувам ужасно поради тоа што го правам, поради тоа што го чувствувам, поради тоа што имам потреба од храна.

Еднаш во училиштето каде што предавам, на одморот јадев ѓеврек и бев сокриен во аголот на еден ѕид за да не ме гледаат учениците (ете, дури и јас се притеснувам од тоа дека јадам…!). Едно дете што трчаше по ходникот ме погледна и ми рече:

-Иии!
-Што е? – го прашав.
-Оче!!! И вие јадете?!
-Зошто да не јадам? – реков.
На ист начин, кога едно дете ме виде во супермаркетот, тоа ѝ рече на мајка си:
-Што прави тука свештеникот?
Мајката му одговори:
-Пазарува.
-А зошто не е во црквата?

Од една страна се радувам затоа што детето ме беше одомаќинило во црквата, тоа е нешто убаво. Тоа ти вели дека местото на свештеникот му е во храмот. За него тие две нешта одат заедно. Но од друга страна, некој си мисли дека свештеникот е нешто бесплотно, како и тоа дека Православието воопшто, е нешто невидливо, недостижно и дека некои луѓе треба да прават прекумерни подвизи за да ја уништат својата материјална природа. Но тоа не бива така!

Пред малку една жена ми донесе вода и јас и реков „благодарам“, зашто зборувам за духовни нешта, но ќе ожеднам. Правиш некаква богословска конференција, зборуваш за сите Светии, и на паузата додека зборуваш за духот, за вечноста, за секакви духовни нешта, сите брзаат да се наредат да се напијат кафе, да каснат суварче, да позборуваат меѓу себе. Зошто? Затоа што во Православието човекот е една целина и Бог не остава ништо надвор од Неговиот благослов и благодат. Ова е многу важно, бидејќи многу пати се измачуваме за работи за кои би требало да се радуваме, да благодариме на Бога, а ние имаме грижа на совеста за нив.

Ова ме потсети на случајот со некој отец, којшто отишол во манастир и таму се правел многу духовен, не православен, туку супер православен, а другите отци ги копале доматите во градината. Тој ги прашал:

-Ама вие отци тука зарем не се молите?
-Е се молиме де.
А сега што правите, јас мислев дека се молите по цел ден! Овие работи со коишто се занимавате се многу материјални! Градинарство по цел ден?
-Така е оче, ние не сме стигнале толку високо, уште сме луѓе како сите останати.
Игуменот му рекол на еден од браќата:
-Прими го и јас ќе ти кажам кога да го викнеш!
Поминало доста време и дошло времето за храна. Другите отци пошле на трпеза и се нахраниле, а игуменот рекол:
-Не го викајте отецот, тој е многу возвишен! Оставете го. Тој се храни со ангелска храна.
Меѓу другото, некаде попладне стомакот на гостинот почнал да се бунтува, тој бил духовен човек, но имал и стомак. Што да прави сега? Тој си рекол: „Што е бре, чеда. Оти никој не ме вика за јадење?“

Дошло време за вечерната богослужба. Влегол во храмот, другите имале ревност за молитва, бидејќи биле сити. Тој гледал и се чудел, не можел ниту да се помоли, не можел ништо. Отците одново пошле на трпеза без да го повикаат. Најпосле тој не издржал и му рекол на игуменот:

-Оче, простете, но зарем не се храните во манастирот?
-Како не се храниме? Ние досега двапати јадевме.
-Простете, но мене никој не ме викна!
-Оче, ти дојде тука и ми рече дека сите тие се материјални нешта, светски и гревовни, а ти само се молиш!

Тоа сфаќање коешто сега ни е смешно, всушност и ние самите несвесно го предаваме на другите, на своите деца, на луѓето околу нас и мислиме дека ако си природен човек, значи не си духовен. Но за да станеш Божји човек, прво треба да станеш природен човек. Што велат Светиите? Од против природната состојба на страстите, треба да преминете кон природната состојба и од тука да стигнете до натприродната. Не се заобиколува природната состојба, природното однесување и живот.

Размислете малку за овие работи и во својот личен живот секој ќе види каде прави грешка – тоа е таканареченото фрагментирање на нашиот живот. Едни во едно, други во друго: Едно фрагментирано Православие. И тогаш и нашата душа исто така се разделува. Христос направил толку материјални чудеса. Он се занимавал толку многу со материјалното што го осветил. Он го зел материјалното и станал човек. Православието е вера којашто прима сѐ и осветува сѐ, зашто она што не е примено, тоа не е излекувано и спасено. И како ние, кои го отфрламе сето тоа, можеме да се чувствуваме православни.

Продолжува